Ах, ветувачки пилот-епизоди. Колку би било фино кога продуцентите би се потрудиле толку и за остатокот од сезоната, како за зеленото светло. Можеби е прерано да го ејакулирам моето мислење за Extant, меѓутоа морам да потврдам дека почетокот не е воопшто лош. Со мене, во случајов, се сложуваат и извори на кои апсолутно не им верувам. Ако ништо друго, барем е доволно интригантна за да ја гледам и втората, можеби и третата. Нема спојлери подоле, ама затоа морав да го лишам постот од детали.
Не дека ми требаше серија за летово, воопшто не, ама ова ми дојде онака изненадно, како да сум живеел во пештера месеците додека го најавувале. Ете, некако сум успеал да го исфилтрирам. Extant е лабава СФ драма, со Хали Бери (и она на телевизија, сите на телевизија!), Горан Вишниќ и детето од Looper. Гледам дека се обидуваат да ја продадат на името на Стивен Спилберг, податок што би сакал да го тргнам настрана зошто сите знаеме дека тотално не избира што ќе продуцира. Кога викам лабава серија, мислам на тоа дека не се сфаќа баш најсериозно. Затоа и го избирам ова пред Fargo во моментов, зошто не ми треба ништо сериозно во овие несериозни времиња.
Бла бла бла, Хали Бери е астронаут, во некое блиско идно време каде што мисиите во вселената ги раководат и приватни компании. Поминува нешто повеќе од година на таква мисија, сосема сама, за да се врати трудна под мистериозни околности кај нејзиниот сопруг и нивното дете андроид. Молам, што? Да. Првата епизода е преплавена со повеќе (веќе видени) СФ концепти, теории на заговор, научници јапонци и сомнителни халуцинации така што моментално немам идеја во која насока ќе се развива и што е главната приказна. Детето е прототип на напредно интелигентен андроид, модел кој сопругот на Хали Бери се обидува да го понуди во масовно производство. Не е толку калакурница како што звучи, иако има кристално јасни детали кои даваат некаков евтин тон, барем во однос на приказната и нарацијата. Баш тука е моментот што ја прави Extant таква лајт серија која е подобра од 40 минутно зјапање во празна точка неделно. Или во нешто како Under the Dome. Или... или, новата канцерогена серија на Дејмон Линделоф.
Иако содржи проѕирни клишеа тука и таму, сценариото беше доволно солидно за да не добијам желба да ја изгасам епизодата на пола. Исто така, не се расфрлале со дваесет различни дводимензионални ликови, туку тие што се малку и имаат потенцијал да ги засакаш. "Мистериите" можеби ќе бидат лесни за предвидување, ама не верувам дека фокусот ќе биде на тоа. Доколку има негативец и е во форма на злобна корпорација, го приметив и тоа. Како што веќе спомнав, уште не ми е јасно што точно е целта тука, па затоа би сакал да видам што ќе кажат следните две епизоди. Ја препорачувам со предупредување, дека не е за секој и дека бара малку спуштени очекувања и лабав пристап. Првата сезона, ќе има 13 епизоди.
No comments:
Post a Comment