Којзнае како би се одвивале некои работи во The Dark Knight, па и во The Batman на Мет Ривс, без влијанието од Batman: The Long Halloween стрипот. Иако тие филмови имаат друга примарна инспирација, некои битни мотиви се директно позајмени од овој капитален наслов на Џеф Лоуб и Тим Сејл, оригинално објавуван додека Џоел Шумахер напорно работи да го отстрани Бетмен од филм во следните осум години.
The Long Halloween е подеднакво важен за обликувањето на современиот Бетмен како што се и оние на Френк Милер, Алан Мур, Грент Морисон, Џеф Џонс и Скот Снајдер, па како таков логично беше да ја доживее својата анимирана адаптација во незапирливиот бран на Warner Bros. кој исфрла четири-пет долгометражни суперхеројски цртанчиња годишно. Не се сите добри, ама се случува и да погодат нешто. Ги промашија The Killing Joke и Hush, затоа и не се потепав ова да го гледам, a испадна позабавно отколку што очекував.
Не знам дали е до тоа што одамна го немам читано стрипот за споредба или едноставно се погоди што внесено се занимавам со Бетмен ствари периодов, ама супер ми дојде филмов. Или филмови, ако го гледаш одделно како Part I и Part II. Го има и топтан цел, скоро три саати трае. Приметив некои разлики од стрипот поради кои можеби и друг муабет ќе правевме сега ако го имав завчера пролистано, ама пак не се такви драстични скршнувања како во адаптацијата на The Killing Joke, на пример.
Разбирам дека не е секогаш едноставно да адаптираш страна по страна од стрип, ама не ми е јасно кога "адаптираат" страници што воопшто не постојат во приказна која до тогаш движела паралелно со изворниот материјал. The Long Halloween воглавно избегнува непотребни измислици, го следи тактот на стрипот колку што дозволува медиумот и најважно е што успева да ги долови главните моменти без премногу да изгуби од суштината додека ги конвертира. Не е лесен материјал да го пренесеш во ваков формат, има специфичен концепт и еден куп ликови, ама некако се снашле да проработи.
Ова е детективска приказна за раните денови на Брус Вејн како Бетмен и неговите тазе познанства со шареноликите жители на Готам навечер. Бетмен е растрчан низ градот на сите страни. Истовремено треба да открива мистериозен сериски убиец што убива на секој празник од Халовин натака, да се справи со група криминални будали што носат маски и кога не е маскенбал, да се социјализира по кровови со Харви Дент и Гордон и да навигира низ последиците од распадот на фамилијата Фалконе. Еден ден раат не гледа цела година - ни празник, ни делник.
The Long Halloween солидно ги балансира сите наративни нишки кои потекнуваат од стрипот и максимално го користи обемното времетраење во своја полза. Со оглед на тоа што има тројца протагоности и секој треба да добие доволно простор за да си ја оправда положбата во приказната, добро е што се решиле да го поделат на два дела. Комотно можело да биде и мини-серија, ама нивна работа. Веројатно одлуките ги прават истите луѓе што мислеа дека Бетмен на Мајкл Китон може да функционира надвор од интензивно стилскиот свет на Тим Бартон.
Кога веќе спомнав стил, The Long Halloween е визуелно нешто поквалитетен од претходните слични анимирани филмови на DC. Не изгледа како шкартно аниме, ама пак е штета што уште не се осмелуваат за малку поекспериментален пристап. Види каков е стрипот The Long Halloween и запази колку обично изгледа адаптацијата во спредба. Не дека е лошо, меѓутоа филмот би можел да е уште помангупски доколку ноар тонот е визуелно подобро пресретнат. Не барам ни да биде Into the Spider-Verse, ама и вакво поскромно издание на анимиран филм би добило повеќе доколку отскокне малку естетски. Време е DC да излезат од овој комодитет, сите анимирани филмови им изгледаат слично, а упорно ниеден не успева да се доближи до Batman: The Animated Series.
Не се сеќавам кога последен пат сум останал буден на анимиран Бетмен од овие поновиве. Не знам што било добро минативе неколку години, последно нешто што сум фалел било Batman: Gotham by Gaslight во 2018, така што многу е возможно ова да е првото квалитетно во последните пет години што сум го сретнал. Морам да си го освежам впечатокот од Batman: The Long Halloween стрипот наскоро. Колку и да ме бендиса адаптацијата, нешто не ми е рамно околу крајот, а не сум сигурен дали е такво поради промената на медиумот или пак нешто измислувале.
Види такоѓе:
No comments:
Post a Comment