June 6, 2022

Има некој простор за Star Trek: Strange New Worlds

Единствената причина поради која што дадов шанса на Star Trek: Strange New Worlds е најавата дека конечно серијата ќе завземе малку посветол, оптимистички правец. Очигледно на CBS и Алек Скурцман претходно им беа потребни две серии за да сконтаат дека публиката не сака да гледа мизерен, депресивен и милитантен Star Trek какви што се Discovery и Picard. Иако бев крајно скептичен за Strange New Worlds, бидејќи е од истите овие луѓе што ги пишуваа претходните две серии, оставив простор да видам дали е возможно некако да успеат да ја доловат или имитираат формулата на Star Trek.

Пет епизоди до сега и можам да заклучам дека Strange New Worlds уште не ми ја навреди интелигенцијата. Повремено гази по граница, меѓутоа доволно безбедно за да не посакаш да си ја нурнеш главата во ворп реактор. Она што буквално сите кои барем малку имале љубов кон франшизата сакаа да го видат овие години е поутописка варијанта на Star Trek која се занимава со истражување на вселената, дипломатските односи со различните вонземски раси и визија за иднината во која се надминати повеќето општествени трња од денешницата. Star Trek стварно нема потреба да се занимава со човековиот примитивизам триста години во иднината, барем не на начинот на кој Discovery и Picard се стремат да ја врамат таа слика.
 

Епизодите во Star Trek: Strange New Worlds се во стариот класичен формат, секоја засебна и затворена. Има некоја поголема приказна што секако се провлекува низ секоја од нив, ама воглавно можеш да гледаш одделни епизоди без некое предзнаење. Затоа и е овозможено да се занимава со многу повозбудливи теми од "гревовите" на Пикард. Екипажот решава граѓански воен конфликт на непозната планета, се среќава со комета која поттикнува живот низ универзумот, со мистериозен вирус на USS Enterprise и слични ситуации кои се многу посоодветни за нешто што има Star Trek налепница на него. Иако и овие теми донекаде кореспондираат со тековните случувања од денешницата, перспективата е многу поинаква и полабава отколку онаа од Discovery и Picard. Барем никој од посадата на бродот не се обидува да си ги ископа очите со другиот зошто "такви сме ние луѓето".

Не дека нема серијата проблеми. Најмногу во начинот на кој што се пишувани сценаријата и дијалозите, ама пак и со тоа некако симпатично и ненамерно влегува во тој класичен Star Trek калап. Некогаш ликовите зборуваат како миленијалци од 2019, повремено има по некој глуп нефункционален обид за хумор, некогаш се расфрлаат со технички жаргон што звучи како пародија сам на себе, дури некогаш и постојат само за експозиција. Сепак, приказните се доволно интересни за епизодите да течат безболно и сите кривини од самото сценарио да паднат во сенка.

Секако, добар дел од овој позитивен впечаток се должи на двене катастрофални серии. Тажно е, ама таа е фактичката состојба. Ако некако треба да го споредам ова со претходните класични серии сигурно ќе биде далеку од Star Trek: The Next Generation или оригиналната серија со Шетнер. Strange New Worlds уште се држи на безбедна дистанца без да прави некои поризични чекори или да иновира, па затоа и ја имаш стандардната епизода со комета, епизодата со вирусот и слични некои концепти што веќе си ги видел претходно. Верувам дека не мора да се измоча врз ѕвездената прашина на Џин Роденбери за да биде "храбра", па затоа некако се надевам дека во иднина ќе се осмели да отиде каде што другите серии уште не стапнале. 

Ниедна од епизодите не е катастрофално лоша. Имаат добри и не толку добри моменти, ама пак како целина е солидно до сега. Ликовите ми се интересни, барем повеќето од тие што добија "сопствена" епизода. Не се мразат меѓусебе, не се надмудруваат агресивно, туку соработуваат кон заеднично решение на проблемите што сите ги засегаат. Би сакал да видам повеќе од Пајк и докторот М'Бенга. Докторот има многу интригантна лична приказна за неговото место на USS Enterprise и се надевам дека нема да чекаме уште многу пред повеќе да влезе во фокус. Од сите приказни и мотиви на главните ликови, мислам дека неговата има најголема тежина и потенцијал да придонесе кон уште поголемо зајакнување на целата серија. 

Види, уште сум спремен да земе да се заринка ова. Нема да бидам воопшто изненаден, затоа и не си дозволив премногу емотивно да се внесам во идејата дека гледам нов Star Trek што не е лош. Го обожавам концептот, пресреќен сум ако озбилно затера во уште подобар правец и го овозможи истото што на мојата генерација го овозможуваше Star Trek: The Next Generation. Star Trek што ќе е инспиративен, утописки и полн со оптимизам, нешто што ќе гледа кон посветла иднина наместо несмасно да ги потенцира мааните на времето во кое живееме. Да понуди одговори и решенија место да потсетува каде живееш и едноставно да тргне саат време неделно на некоја возбудлива вселенска авантура. Ако си огорчен од Picard и Discovery дај му шанса на ова, можеби ќе те изненади позитивно. Ако не, The Next Generation е уште тука и тоа никој нема да ни го одземе. Лошото и онака ќе го заборавиме.

No comments: