Осумдесеттите, па и добар дел од следната декада, опфаќаат една ера на крајно симпатичен филмски третман кон тогашната модерна технологија. Сега имаме Black Mirror за да ја подгрева техно-паранојата со хипотетички уреди, но тогаш многумина не биле запознаени ни со основните функции на персоналните компјутери, па фикцијата често ги поместувала границите на имагинацијата. Меѓу сите оние наслови како WarGames, Tron и The Lawnmower Man има едно мало хорор комедија филмче што се обидува да отиде уште подалеку - Brainscan (1994). Деновиве првпат го гледав после повеќе од десет години за да видам како остарел.
Brainscan ретко ќе го сретнеш на глобалните хорор топ-листи, ама прашај некој близок што има околу триесетина години, филмов ни беше религија. Еден од оние што секој втор ден ги имаше на телевизија додека растевме. Денес покојниот Едвард Фарлонг го глуми тинејџерот Мајкл кој е опседнат со видео игри, метал и хорор филмови. Мајкл живее во изолација на поткровјето опружен со сомнителна технологија, има компјутерски асистент што е варијанта на Сири и повремено тајно ја фотографира комшиката од карши, престап што не се сеќавам дека го разбиравме на тие години.
Мајкл скептично ќе почне да игра Brainscan, нова интерактивна хорор игра која практично го хипнотизира играчот и го води низ грозоморно убиство од прво лице. Упорно не успевам да сфатам како точно ја игра и каде го става дискот, ама мислам дека ни самиот режисер не би можел точно да го одговори прашањево. Дали е VCD тоа? Океј, ќе играме по твоите правила Џон Флин. Мајкл следниот ден ќе дознае дека во комшилукот се случило убиство слично на тоа што ќе го искуси во Brainscan и тука филмот директно ти го поставува прашањето - на кој начин е ова повеќе од игра?
Додека Мајкл се обидува да си го одговори истото, од играта се материјализира језивиот Трикстер, заборавеното дете на Фреди Кругер и Битлџус, кој му објаснува дека на првото убиство имало сведоци и мора да продолжи да игра и понатаму и да се ослободи од нив пред полицијата да му навлезе во трага. Трикстер е нешто како туторијалите во игрите што те држат за рака само што е малку пореален за Мајкл и не толку пријателски настроен. Трикстер истовремено е замислен и како лик за комичен ефект, меѓутоа Brainscan ретко успева да го исполни потенцијалот на било кој од жанровите по кои посегнува и тоа е сосема во ред зошто филмот има невиден шарм кој надоместува за пропуштеното.
Многу од овие наслови се хранат со мојата носталгија и често затоа го задржувам доброто мислење и после години. Brainscan не е толку лошо остарен како што очекував. Веројатно ќе ми се свиѓаше и првпат да го гледав денес. Има моменти каде што се лизга и паѓа на земја, некои работи умираат пред да почнат да созревеаат (како кариерата на Едвард Фарлонг), ама воглавно се држи, па дури и визуелно. Сум сретнал понови филмови чии специјални ефекти изгледале смешно после две години. А, концептот за приказна со ваков тип на игра веројатно би преживеал и денес, чудно ми е како нема модерен римејк во најава. Можеби "Playtest" епизодата од третата сезона на Black Mirror е доволно блиску?
No comments:
Post a Comment