August 24, 2021

The Witcher: Nightmare of the Wolf вреди барем за едно гледање

The Witcher аниме секако звучи привлечно. Исто така, кога станува збор за Нетфликс и нивната шашава продукција звучи и малку сомнително. Не дека не успеваат да погодат нешто, ама изминатиов период се намочаа на еден куп ствари меѓу кои и Pacific Rim: Black, a ексклузивно ја објавија и онаа гнасна стравотија Masters of the Universe: Revelation. Освен тоа 2021 сме, сè ново што излегува мора да штиклира неколку точки кои најчесто ја трампаат забавата за нешто друго. Да не одам натаму и во овој пост, изморен сум веќе.

The Witcher: Nightmare of the Wolf беше долго најавувано. Долго и не знаевме што ќе биде, па се запрепастив кога скоро дознав дека е приказна за млад Весeмир. Ако отсекогаш била достапна оваа информација, веројатно сум ја преспал. Така што не е приказна за Гералт, туку неговиот ментор, што можеби е и супер идеја затоа што втората сезона од The Witcher серијата ќе пристигне за неколку месеци. Таман да се одмориме од него. Иако е централен лик во Вичер приказните, светот постои и без него, па Nightmare of the Wolf е фина прилика да отидеме на некое малку поразлично место.

И, на мое големо изненадување - не е воопшто лошо. Имав минимални очекувања, мислев дека ќе гњави саат и кусур со родови студии и социјална правда, а баш е онака умерено и воглавно се фокусира на некои многу позабавни теми. Вичери, магија, сребрени мечови, чудовишта, пресврти - има сè за да функционира во полза на светот од кој доаѓа. Весемир е супер кул лик, претпоставувам како и повеќето вичери од Кер Морен. Го знаеме и од претходните материјали, ама првпат да го начекаш вака младо мангупче. 

Приказната воглавно се врти околу некои нови сомнителни чудовишта кои се необични дури и за светот од кој потекнуваат. Личат дека се некаков спој на различни видови веројатно создадени по неприроден пат. Нема да навлезам од каде се и како се - тоа е веќе спојлерска територија, ама ќе ја пофалам креативната енергија. Многу добра едноставна идеја што супер функционира во ваков компактен филм. Не се сеќавам дека сум сретнал слична приказна во The Witcher книгите и игрите. Ако имало, сум ја заборавил.

Ме држеше заинтересиран, тоа е важно. Ете, и со тоа ќе се задоволиме овој пат. Не заспав и не добив нагон да фрлам со нешто во телевизорот. Вичери како концепт се исклучително интригантни, имаат богата и комплексна историја, а Nightmare of the Wolf успева внимателно да се прошета низ таа митологија и да извади некои моменти што не пркнале на медиум различен од игрите и книгите.

Филмот повремено скока и наназад во детството на Весемир кое директно го врзува со моменталните настани. Таму чепка малку за регрутацијата на вичерите како неговиот мотив да загази по тој пат. Некои моменти не се којзнае колку непознати за тие упатените во изворниот материјал, ама пак е фино да се види истото од друга перспектива. Понекогаш се чудев колку функционална структура има Nightmare of the Wolf, до толку сум изгубил доверба во новиве ствари.

Анимацијата е исто така задоволителна. Можеби не е најпрекрасна на цел свет, ама не изгледа евтино како што често знаат да бидат обидите за американско аниме, особено оние на стриповските адаптации. А, овде и тепачките имаат аниме стил и физика, без разлика дали се работи за еден на еден или масовно крвопролиќе. Океј, сега не е Dragon Ball Z ама пак важат некои различни правила за гравитација.

Сепак, колку и да е забавен Nightmare of the Wolf пак си игра играчки со некои елементи од изворниот материјал и историјата на Кер Морен, па можеби дел од публиката што посветено го следи ќе биде малку растревожена. Мене не ми сметаше, гледам да ги одвојам сите адаптации на книгите како посебно дело, ама пак не ми е јасно која била потребата да се чепне нешто што функционира такво какво што е баш поради што е замислено и напишано на таков начин. Не би сакал да спојлам сега, ќе видиш на крај. 

Крајот малку се разстегнува и го омалакса наративот, ама онака скоро безболно, без да го наруши општиот впечаток. Вреди за еднаш да се изгледа. Не е лошо, ама не е ни некое ремек-дело што заслужува второ гледање. Веројатно и ќе го заборавам за недела-две. Во секој случај, ми се свиѓа овој концепт на аниме адаптации на The Witcher приказни, па се надевам дека ќе скрпат уште некое вакво. 

Види такоѓе:

No comments: