Пак се наканив да ги изгледам The Matrix Reloaded и The Matrix Revolutions деновиве. Тоа ми е таа традиционалната годишна проверка на тие два филмови. Случајно да не станале подобри низ годиниве или мене да не ми се наштелувал вкусот за конечно да ги прифатам. Епа, уште не. Ќе мора да пробам пак догодина. Знам дека скоро се испомочав врз The Matrix Resurrections, ама планирам да го гледам деновиве и ми требаше загревање. Видов некои рецензии без спојлери баш денес и уште толку ми ги намалија очекувањата за филмот, ама ете ќе му седнам на сопствен ризик.
Го гледав и The Animatrix (2003) пак, после којзнае колку години. Некако го заобиколував можеби за да не си оштетам некои фини спомени што сега испадна дека само ми ја одржувале илузијата дека има нешто друго озбилно добро покрај оригиналниот The Matrix. Иако оваа аниме колекција на девет кратки филмови не му штети на првиот филм како двете (или трите) продолженија, пак некако не успевам да видам дека пристојно го надополнува и збогатува. Идејата е супер, меѓутоа најголемиот проблем со приказните во овој универзум ми е тоа што ми ја нарушуваат мистеријата што го обвива кецот.
The Animatrix е воглавно склопен од сценарија на Вачовски појачани со еминентни имиња од аниме светот. Озбилно, ако некогаш си гледал аниме, големи се шансите авторот на тоа аниме и на ова да работел. Колекцијата нуди некои идеи и перспективи што се или попатно спомнати низ филмовите или комплетно нови, ама пак се темелат на главниот мотив. Освен првиот што е 3Д анимација, другите визуелно се држат и денес. Убави се, шарени, анимацијата е различна кај повеќето, некои дури и се осмелуваат и за поекспериментален стил, меѓутоа пак е присутен главниот проблем што јас го имам. Kомплетно субјективен агол е. Ништо тука не е апсолутно лошо, само што ми лупи некои слоеви што мислам дека ми се поубави такви недопрени.
Всушност, добрите спомени од The Animatrix колекцијата ми биле само две цртанчиња. Првиот е The Second Renaissance, од некоја причина поделен на два дела. Ја објаснува војната помеѓу машините и луѓето и како точно дошло до тоа човештвото да биде така поробено. Она што ми е најинтересно за The Second Renaissance е начинот на кој успева да создаде свој свет, а пак да гравитира околу главните постулати на првиот The Matrix. Приказната што ја раскажува би можела да функционира исклучиво како аниме, па веројатно од таму доаѓа таа симпатична привлечност.
Вештачка интелигенција што настојува да преговара некаква рамноправност со луѓето и притоа се труди да им се допадне имитирајќи ги, е многу поефективна кога е стилски вака склопена. Не знам дали идејата на Вачовски била да завземеме страна, ама некако полесно можеш да разбереш зошто ситуацијата изгубила контрола и како човештвото можеби и заслужено се удрило со свој робот по глава. Од друга страна The Second Renaissance не се обидува да понуди алтернатива за соживот, така што ако успееш да ги разбереш постапките на луѓето можеш и за нив да навиваш.
Не знам дали Вачовски имале намера да протнат некој реален политички дискурс тука, веројатно не е толку сериозно, ама е забавно за гледање. Има толку многу ситници што се кул, такво е полно целото. Гледаш како машините постепено се одвојуваат од нивните хуманоидни облици со што се дистанцираат од создавачот и како го претвораат во извор на енергија откако ќе им биде помрачено сонцето. Што знам, можеби ми лепи ова затоа што огромен дел од оваа идеја е познат од првиот филм, само без ситните детали кои во склоп на форматот успеваат некако добро да ја реализираат. Да го видиш истово на филм, ќе го нема истото влијание.
The Second Renaissance ќе ти изнуди и некоја емоција. Прави некое непријатно чувство кога машините ќе одлучат дека луѓето ќе им бидат новиот извор на енергија. Целата таа сцена е таква морбидна, гледаш дека човештвото е конечно поразено и без друг избор освен да биде батерии за некој робот таму да може да си светка. Стварно не знам што прават машините со покоренето човештво во The Matrix. Што би можеле да прават автономни роботи? Си седат, си кулираат? Се размножуваат? Се шетаат низ вселената? Ако продолжам да терам во оваа насока, цел The Matrix ќе ми изгуби смисла. Во некоја следена прилика можеби.
Второто парче од The Animatrix е A Detective Story. Noir приказна за детектив најмен да го најде хакерот познат под името Тринити. Такво е мангупско, со старошколски Хемфри Богарт шмек и сите можни клишеа од жанрот по кое е обликувано. Отсечено од The Matrix трилогијата можеби повеќе од сите други во аниме колекцијава, ама баш и затоа е толку добро. Сопствено си е некако во свој фазон, а баш вешто ги користи својствата на изворниот материјал. Не се труди да врзе никаква приказна со ништо, барем не премногу, туку е само перспектива што судира два жанрови онака најелегантно што може.
Многу подобро од остатокот во колекцијата. Зевав на оние со дечкото што сам се отштека од Матриксот или децата што експлоатираат глич додека не дојдат Агенти да го закрпат. Можеби едно од тие што се така позначајни за спомнување е Program. Да, се потпира многу на акција што не мислам дека е главната струја на The Matrix како концепт, ама има јак штос на крај што го имав заборавено и така фино ме окези. Остатокот е онака. За аниме и Матрикс ентузијасти што сакаат да црпат сè и сешто од универзумот. Би сакал и јас да можев така, ама чим не успеав скоро дваесет години...
Со ова мислам дека сум сега спремен за The Matrix Resurrections. Може уште еднаш да го пуштам првиот за да ме испере од продолженијава и да ме спреми за новото што е исто така беспотребно и вишок. Или можеби ќе се изненадам, не знам. Со нула очекувања и горки чувства од сè што не ми е оригиналниот филм, може и ќе паднам на кондиција и ќе ми се отвори мозокот за нешто ново. Ако воопшто има нешто ново филмот, а не само истото од кецот, секако.
Види такоѓе:
No comments:
Post a Comment