July 10, 2016

Outcast на Роберт Киркмен

На денови кога сакам да одморам од суперхеројски стрипови, го разгледувам каталогот на Image Comics. Последниве години е убаво место за такви екскурзии, зошто речиси и да нема наслов што ќе го фатиш, а да не е забавен. Напорен можеби, но никако нема да ти падне таблетот на чело од досада. Outcast го собрав поради тоа што има и серија во тек, а зошто барам нешто свежо, ми личеше како занимлив избор. Па, пред да дадам шанса на првата епизода, решив да ја проверам приказната на хартија. 

Теми со демонско опседнување одамна не функционираат за мене. Некогаш одамна жанрот ми беше привлечен, меѓутоа после години сфаќаш дека некако просторот за иновативност е лимитиран. Како сè да е дериват на The Exorcist, нели? Знам дека звучи како да кажеш дека после Ромеро сè е исто во зомби жанрот, но реално, тука грубите правила се помалку. Скоро секогаш е присутен религискиот тон, а претежно варираат жртвите и мотивите. Или едноставно мојата згасната наклонетост кон жанрот е причината вака површно да гледам на работите, не знам. Сеедно. 


Но, причината што овој пат Роберт Киркмен (The Walking Dead) е потпишан на ваква егзорцистичка тема, беше доволна за да ја прочитам колекцијата која ги собира првите шест броја, A Darkness Surrounds Him. Мало гратче, луѓето се опседнати од демони, а главниот лик Кајл Барнс, кој уште од детството бил напатен од ваква натприродна неприлика, има необјаснета моќ да ги "лекува". Здружен со локалниот свештеник, навечер се бори со нешто што ниту он, ниту ти како читател, не го разбира во целост. Тензијата е присутна уште од самиот почеток, а тоа што Киркмен споро ги расплетува конците, само дополнително го отежнува навлегувањето во големата слика. 

Што е сосема во ред, нели. Сакам детален развој на ликови, а Кајл е доволно комплексен и обвиен во мистерија за да биде привлечен. Но, во A Darkness Surrounds Him не се случува многу. Минатото на Кајл е присутно, знаеш дека има нешто кое го има направено ваков каков што е, меѓутоа настаните кои се одвиваат едвај чепкаат под површината. Затоа и некако останав рамнодушен и без некоја голема желба да читам понатаму. Но, ја имав и втората колекција при рака, A Vast and Unending Ruin, па продолжив да следам за да видам како ќе се развие. 

Следна сцена, гледам на сајтот кога излегува следниот број (#19) зошто не само што се забрза темпото, туку сконтав дека ова и не е баш генеречкиот пристап кон жанрот како што изгледаше на почетокот. Дури и Киркмен вели дека во #20-тиот број ќе се случи нешто што ќе ја однесе приказната во сосема друга насока. Се разбира, останува на хорор територијата, но претпоставувам со заебан пресврт? А, како што течат броевите, може да се осети дека се спрема нешто поголемо, единствено што треба да направиш е да си малку трпелив и фокусиран.

Листањето на страниците е посебно уживање, зошто Азасета и Брајтвајзер прават чуда со цртањето и боите. Амбиентот кој го создаваат има неколку тонови, а функционира толку добро. Тимот што Киркмен го има собрано за проектот е млад и лесно можеш да препознаеш како се труди да направи име за себе. А, сега, да ја проверам серијата.

Види такоѓе:

No comments: