July 23, 2016

Почетокот на втората сезона на Mr. Robot

Чудна е вторава сезона на Mr. Robot. Барем овие три епизоди што излегоа до сега. Како што движи приказната напред низ нив, се прашувам дали воопшто нè интересираше што ќе се случува после крајот на прва. Од бизнис перспектива, секако дека има смисла. Серијата е толку популарна, а верувам дека ќе остане и понатаму, па нема да ме зачудат уште неколку сезони. Но, нешто тука не ми штима асално. Верувам дека е уште рано за сериозни заклучоци, меѓутоа дефинитивно има некаква празнина после сите разврски минатиот пат која не можам во целост да ја прифатам.


Моментално, сезоната се занимава со голем дел од последиците од претходната. Се насетува и друга голема слика, меѓутоа темпото е некако забавено. Има многу флешбеци кон минатото, но вниманието сега е на насочено кон соочувањето со големиот хак што ги симна гаќите на Америка, со менталната ситуација на Елиот и големото откритие за Мр. Робот. Можеби тензијата отсуствува, но серијата дефинитивно почна да гази некои по помрачни и потесни сокаци. Елиот сега е изолиран од електронски уреди постепено тоне во сопственото лудило, позаебано од било кога.

Единствениот баланс, ако воопшто може да се нарече така, е Мр. Робот, но овој пат динамиката е поинаква. Елиот знае за Мр. Робот и тоа најмногу ме интересираше како ќе го изведат. Засега, клаустрофобијата од двајцата нив во една глава е можеби најсилниот аспект од сезоната. Реално, надвор од капуљачата на Елиот и не се случува многу. Но, сцените каде што се обидува да се оддели од хакерската персона и да се смести на некое покомфортно место, се апсолутно брилијантни. Братот се надминува со глумата.

Очигледно е дека наскоро доаѓа моментот кога Елиот ќе ја прифати сопствената природа и приказната ќе почне малку поинтензивно да се поместува нанапред и да понуди нешто што чие демаскирање ќе ме остави нем на крајот. Тешко е да се повтори двапати со истиот жар, но барем Есмаил сè уште јако удрира со она што му е на располагање, колку и тоа да изгледа количински помалку овојпат. Останува да видиме.

No comments: