Некогаш ќе се разбудиш многу рано сабајле и најдобрата идеја што ти доаѓа на ум е да си уплатиш два месеци World of Warcraft. Воопшто не ни планирав да играм летово на официјален сервер, особено не откако Blizzard ми го одземаа приватниот дом, но ете, додека се расонам вчера веќе почнала да ми тече претплатата. Третото кафе го пиев логиран со мојот засекогаш омилен ворлок Zearth, после година и пол.
Пред некој ден, Blizzard пуштија pre-patch за Legion, па се затекнав во така малку непозната територија. Талентите ми се ресетирани, магиите изменети, а за чувството да биде уште попочетничко, ниту еден од ад-оните што ги користев претходно не ми работеше. Не се ни обидов да разберам што прават новите валути и зошто веќе не постојат honor points, туку решив да видам што можам да направам сега со овој изменет ворлок. Пак го намалиле магискиот арсенал, па со тие малку копчиња за кликање го оставив кучето да рејда Hellfire Citadel.
Hellfire Citadel всушност е и единствената нова содржина што ме интересира и што ја пуштија откако сфатив дека Warlords of Draenor е најлошата експанзија во историјата на играта. Сега сум среќен што ги фатив само првите и последните месеци од оваа грозота. Едвај чекам да заврши, зошто не можам ни минута да издржам во ебаниот гарнизон во кој неприкинато ми врне снег. Па, уште го "збогатиле" и со бродови кои можеш да ги праќаш на мисии. Да сакав да го правам ова ќе играв игрици на Фејсбук со тетка ми. Како ќе го решат овој проблем кога ќе излезе Legion, не ми е јасно. Ќе треба за десет левели пак да градам инстанцирано село во мртва зона?
Сега ги трчам WoD рејдовите со Zearth, тоа ми е единственото забавно во моментот. Имам неколку мали карактери што не можам да ги пркнам зошто физички ме боли кога ќе помислам на левелирањето од 90 до 100. А, алтернативата на квестањето за левели ќе ми здосади пред да речеш "Алијанса". Дури и PvP содржината "паузира" без награди до излегувањето на Legion. Ебате играта што не ми дозволува да ја сакам како порано.
Штета што во среде Дренор има таков тумор како гарнизонот. Да беше опционално, немаше да сум вака огорчен. Зоните се преубаво дизајнирани, еве сега уште поубаво ги осетив, зошто додека чекам да се соберат луѓе за LFR се шетам и разгледувам. Немам квестови за правење, не планирам да ги собирам тие срањата за летање во нешто што практично ќе биде безкорисно за еден месец, па затоа само си ги јавам ретките маунтови додека играта ме пушти да го тепам Манорот и во исто време да му објаснувам на Бојчо на чет дека WoW е супер и дека тотално треба да се врати.
Овој период во очи на експанзија е забавен, така што можеби и џабе кењам. Опуштено е. Моменталните рејдови ќе се актуелни уште еден месец, а тие играчи што не се на одмор веќе ја знаат механиката и стратегијата, па брзо се проаѓаат. Не сум хардкор рејдер, никогаш не сум ни бил, сакам само да видам како изгледаат одвнатре, да умирам со уште 24 луѓе со саати во фрустрации и агонија и да си ја збогатам опремата на ворлокот со некое парче што ќе ми ја скрпи душевната неисполнетост што некогаш ја чувствувам во вистинскиот живот.
Legion излегува на 30-ти август. Јас ќе сум со претплата скоро до крајот на септември. Не планирам да ја купам на денот на изглеување, веројатно ќе почекам другариве да ја пробаат и да ме осигураат дека нема да биде само на почетокот добра како што беше Warlords of Draenor. Освен тоа, сите ќе бидат демон хантери, а последното нешто што ми треба е таква гужва од играчи во зона каде што знам дека апсолутно нема да има потреба од соработка со други. Тој дел од играта е одамна непостоечки во отворениот Азерот. Фала што ја уништивте заедницата, Blizzard.
Види такоѓе:
Види такоѓе:
No comments:
Post a Comment