Како почна годинава со музика, еј. Не сопре од тогаш. По експлозивниот Blackstar, ми се изнаредија еден куп добри ствари во уредиве од кои ми свири звук. Aesop Rock создаде генијално парче изолиран во тоа шумата во рурален Орегон, Moderat ја заокружија трилогијата, Owsey и Ocean Wisdom дебитираа со фантастични долгосвиречки албуми, а неколку драм ен бејз шизици како Keeno, Logistics и Technimatic со овогодинешните изданија само си ја зацврстија позицијата како газди на сцената. Но, она што го чекав нетрпеливо и за кое буквално ги броев деновите до денот на издавање е новиот албум на Edward Scissortongue во соработка со Lamplighter, насловен Tell Them It's Winter.
Имав година и нешто да уживам во уметноста што ја создаваат двајцата, да ги разберам зборовите и идеите кои ја градат поезијата на Ed Scissor и да се восхитувам на тоа колку природно се лепи на езотеричните мелодии што ги компонира неговото другарче продуцент Lamplighter. Ако ја пуштиш скромната дискографија на Ed отпочеток, лесно ќе насетиш како прогресира како артист. Но, оди во насока каде што е малку посурово и постудено. Конечната дестинација можеби и не е местото на кое што сакаш да се најдеш затекнат, меѓутоа патувањето е толку добро што на крајот ќе сакаш да си поседиш таму некое време.
Ќе знаеш дека е сосема во ред да наоѓаш спокој и убавина во таков мрак. Ако еднаш мислев дека Ed Scissor звучи како сивата боја, после целодневно вртење на Tell Them It's Winter, можам да заклучам дека нештата во неговиот свет почнале да губат и од таа нијанса, заменувајќи ја со следната потемна. Албумот ја истражува точката каде што се допираат љубовта, страста и општо животот, како универзален концепт кој ги поврзува сите луѓе и нивните рептилски стремежи, но од перспектива каде што болката и страдањето се доминантни. Ed се обидува да одговори на прашањето како е можно нешто толку прекрасно да нанесува толкава штета.
Материјалот е концепиран на ниво кое е далеку од класичните елементи на љубовни песни. Апстракцијата и вокабуларот кои братот ги користи не дозволуваат ни да се приближи до површина која ти е целосно позната. Го чувствуваш идеите и мотивите, но не секогаш успеваш да се поврзеш со настаните кои довеле до трулите слики кои толку добро ги претставува со зборови. Во исто време си пресечен и прифатен од емотивната празнина која ја доловува. Некогаш чувствата што ги предизвикува Tell Them It's Winter се толку страни, а нивната интензивност прави да не знаеш дали воопшто ги имаш во себе или само сочуствуваш.
Необјаснивоста и збунувачките емоции на Ed Scissor никогаш нема да ги чуеш да ги пуштат клуб или раперски микстејп. Нема да го редефинира хип-хопот, веројатно засекогаш ќе остане маргинализиран. И, тоа е апсолутно океј. Оној елемент од жанрот каде што треба да ги изрази своите лингвистички способности, го користи толку уникатно што треба да биде горд ако е сам на врвот. Толку единствено звучи што не верувам дека има воопшто причина за конкурентност. Баш тоа го прави недопирлив.
Препорачувам да си го купиш Tell Them It's Winter ако ти се бендисува, мене ми е омилениот албум од оваа година. Дигиталната верзија чини две-три пива. Има четири спотови од албумот до сега, "TTIW", "Many Made One" "Hyperballad" и "Week". Плус едно лајв парче од песна која на албумот е 11 минути, се вика "Detours". Текстовите не се објавени, но лично Ed нуди водич низ она што може да го очекуваш. Преслушај. На само. Непријатно е ако сте повеќе луѓе.
No comments:
Post a Comment