Некои суперхерои постојат толку долго што некогаш нивната историја ќе се затрупа во историјата на универзумот и континуитетот во кој егзистираат. Некогаш како последица на раскажана приказна, а некогаш едноставно потребата на ликот да биде во тек со "нашето време". Издавачките куќи се свесни за ова, па оттаму, биографијата на некои ликови или тек на одредени настани, ретроактивно се освежуваат. Еден таков случај е и Superman: Secret Origin на Џеф Џонс и Гери Френк од 2009, кој преку шест броеви ја раскажува "конечната" приказна за настанокот на Супермен.
Secret Origin ги користи сите класични елементи кои ја градат сликата за Последниот син на Криптон. Не само што е квалитетен како обновен вовед, туку е едно од оние изданија што ги препорачуваш на некој што првпат сака да прочита Супермен стрип. Почнува во Смолвил, со мал Кларк Кент кој штотуку ги открил моќите кои го прават поинаков. Приморан да ги држи во тајност, си наметнува изолација во околината со другите деца каде што првпат се соочува со општествено неприфаќање. Во Смолвил првпат ги среќава Лана, Лутор како и една група деца-суперхерои дојдени од иднината кои знаат за легендата која Кларк ќе стане подоцна.
Тоа со "Легијата на Суперхерои" што го посетува Кларк секое читање ме одвлекува од приказната. Можеби дека не се дел од Супермен "мејнстримот", иако во Secret Origin нивното појавување има некаква солидна поента (Кларк не е сам со Кентови), но останатото тече толку фино што ова делува вишок. Веројатно единствената замерка што ја имам за Secret Origin е баш ова. И, тоа што Гери Френк и малиот Кларк Кент го црта како Кристофер Рив. Возрасен Супермен нацртан како Кристофер Рив ми е најкул детал во Супермен стриповите, меѓутоа овде како дете се граничи со Бенџамин Батон ниво на језиво. До мене е ова сепак, не сум чул друг да се пожали.
Кога приказната се сели во Метрополис и Кларк почнува да работи во Дејли Планет, Secret Origin се враќа на познатата митологија. Џеф Џонс со само неколку страници успева да ја воспостави врската помеѓу Кларк и новите колеги, особено онаа која ја има со Лоис. Некогаш му се потребни и две реченици да создаде цврста основа за нив двајца и да природно да грди врз тоа. Повеќе уживам во Лоис и Кларк, отколку во Супермен овде. А, успешно го доловува и идентитетот на сите тие ликови, некогаш играјќи си со нотите од старите филмови со Кристофер Рив, само за познатата територија да биде уште попријатна за чекорење.
Secret Origin ја објаснува и врската помеѓу Супермен и Лутор и од каде доаѓа таа омраза на Лутор. Лутор, кој иако на некој начин владее со Метрополис и има доверба кај народот, сепак граѓаните не се чувствуваат безбедно. Пред Супермен на крајот да се избори како симбол на градот и надежта, има еден многу симпатичен момент. Кога Кларк првпат доаѓа во Метрополис случајно се судира со една бабичка која мисли дека ќе ѝ ја украде ташната. На самиот крај од приказната, рендом дечко што првпат доаѓа во градот се судира со истата бабичка, ама овојпат таа не се плаши зошто на небото над Метрополис има нов чувар. Ништо спектакуларно, но таа ситница детал убаво долувува што навистина е Супермен. Затоа го сакам Џеф Џонс, зошто секогаш прописно ги третира ликовите кои ги пишува.
Можеби Secret Origin не е најдобрата Супермен приказна што постои. Верувам дека не е ни "дефинитивната". Долго време е пројдено од ова мало преработување на ликот, па нема да е чудно доколку повторно добиеме нешто слично наскоро. Но, како етаблирање на генералниот Супермен фолклор, функционира речиси беспрекорно. Кратко е, само шест броеви. Го препорачувам на сите оние што планираат првпат да се запознаат со Кал-Ел на хартија. Мене ми е многу подобро од Superman: Earth One.
Види такоѓе:
No comments:
Post a Comment