Со последната тура на бета клучеви за Hearthstone, автоматизираниот систем на Blizzard за испраќање на истите, конечно се сети на мене. И тоа баш во денови кога пцуев зошто ја пропуштив Magic 2014 на попустите на Steam. Иако бев малку скептичен околу Hearthstone, играта ме купи со првата воведна партија. Дизајнот, механиката, илустрациите на картите и таблите, музиката, буквално сè е мајсторски изведено. Играта е брилијантна од секој аспект. Дури и микротрансакции кои наводно се присутни во бетава поради тестирање на продавницата (и потрошувачките навики на играчите), се културни и се може и без нив.
Како и во секоја ваква игра со карти, правилата се генерално истите. Секој играч е преставен со херој, кој со помош на суштества и магии треба да го победи противникот. Шпилот или декот, е составен од 30 карти, од кои дел се специфични за класата на херојот, додека останатите може да ги користи секој. Играчот почнува со еден херој, Jaina Proudmoore, додека останатите осум може да се отклучат со победа во practice mode. За овие два дена, успеав да отклучам три од кои најмногу го форсирам Warlock декот на Gul'dan. Секој херој, односно дек, може да се левелира преку едноставни квестови (3 победи, 40 уништени суштества и сл.) и со секој левел се добиваат дополнителни карти и злато. Златото служи за купување на бустери кои се исто така достапни во продавницата со вистински пари.
Партиите се релативно брзи, траат по неколку минути. Се одвиваат на неколку различни табли, инспирирани од мотиви од Warcraft универзумот. Она што е интересно е што секој ќош на таблата е интерактивен, и можеш да го кликаш додека чекаш противникот да направи потег. Ништо спектакуларно, меѓутоа е фин детал кој ја надополнува фината атмосфера на играта.
Во моментов, достапни се околу 450 различни карти. Картите што играчот ги поседува, се организирани во убава колекција и од нив може да се билдаат декови. Уште не сум собрал доволно за да видам како функционира ова, зошто сакам прво да ги отклучам сите херои.
Hearthstone ќе биде достапна за повеќе платформи. Моментално функционираат PC, Mac и iPad верзиите, а во 2014 се очекуваат iPhone и Android. Веројатно тогаш и ќе биде официјално објавена. Регистрирањето за бета клучеви е сеуште во тек и е овозможено преку официјалниот сајт.
No comments:
Post a Comment