November 22, 2017

Првата сезона на The Punisher

Втората сезона на Daredevil успеа совршено да го пренесе Панишер како ниту една друга "жива" адаптација до денес. Конечно некој асално го сконта ликот и понуди немилосрден Френк Кесл, кој за разлика од неговите суперхеројски колеги, нема специјални дарби или неограничено богатство со кои се обидува да го направи светот подобар, туку мотивиран од одмазда, е само непресметлива машина за убивање што ќе те задави со сопствените црева. Френк толку бучно се распука во Daredevil, па не помина многу време пред да си добие сопствена серија.

Осигурани од квалитетот на воведот, моите очекувања од самостојната The Punisher серија беа толку големи што ми го пробушија покривот. Ја спукав рафално во еден ден. Иако првиот впечаток ми беше најпозитивен на свет, сега кога малку спадна чадот ќе земам длабок здив и ќе си признаам дека сум малку разочаран од тоа што го добив. Да, еве го пак Бобо кенка за Марвеливе, ама и не баш, не е ова таков случај. Серијата има квалитет, не е срање. Само што не е ни баш она што сакав да го добијам од тринаесет епизоди.


Јасно ми е дека Френк Кесл е сериозно истрауматизиран воен ветеран. Од таму и ги носи методологиите со кои ја спроведува одмаздата за убиеното семејство. Веројатно негде таму го има истресено и моралниот компас. Разбирам дека пост-трауматскиот стрес и третманот кој ветераните го добиваат откако ќе им завршат мисиите се скокотливи теми и можат да функцинираат добро во склоп на серија како The Punisher, меѓутоа кога стануваат доминатни во однос на тоа што сакав да го гледам, не ми причинуваат некоја особено голема забава.

Сакав да ми мириса на барут од телевизор. Сакав пак да го видам Кесл како прави Џон Вик да изгледа како цртан филм. Наместо тоа, добив конспиративна трилерска приказна со повремени излети во досадна семејна драма. Ја почитувам идејата да му се дадат повеќе слоеви на ликот и да сочуствуваме со неговата трагедија, но зошто толку голем фокус на тоа? Повеќе истрели слушав од маало додека гледав отколку што Френк отиде да истури пекол врз некого.

Моментите во кои е целосно оддаден на делувањето како Панишер, се секако перфектни, меѓутоа недоволни за да воспостават баланс кој би оправдал толку епизоди. Некои работи за жал, се толку развлечени што изгледаат како да се присутни само за да пополнат простор. Доколку во исто време се обидува да биде продолжение и приквел, не функционира најдобро. Можеби и самата приказна овде немаше потенцијал за да се потпре сама на себе. Пак можеше да се позанимава со периодот на Кесл по настаните во Daredevil и заокружувањето на "главната" одмазда, ама да најде и поинвентивен начин за да го врати од моменталната дремка.

Се надевам на подобра втора сезона зашто оваа не успеа да го задоволи мојот фетиш за фиктивно екранизирано насилие. Далеку од лошо, меѓутоа сакав малку поекстремен третман. Бернтал е убедливо најдобриот избор за Панишер до сега и ќе биде стварно штета ако продолжат да го инволвираат во досадни ситуации.

Види такоѓе:

No comments: