July 11, 2008

Аркадни игри

Ако за нешто жалам денес, тоа е смртта на старите флиперници каде што израснаа цели генерации. Ја имав таа чест да бидам последната генерација на деца што секој денар даден од дома, го трошеше на малите сиви метални жетончиња кои пружаа неколку минутна шарена забава. Киснење во флиперница од сабајле до вечер, кога не играш гледаш друг како игра, се радуваш на секој туѓ напредок во некоја игра, а празник ти е кога ќе донесат некоја нова игра. Па фалење кој со колку жетони ја свртел Cadilacs, па кој колку финти знае со Бланка на Street Fighter, па кој е подобар во Pang

Првпат влегов во флиперница како многу мал, сигурно некои четири-пет години, не ни идев во градинка или слично. Првата игра што некогаш ја играв беше Black Tiger, нормално, дознав многу подоцна за насловот. Производител на играта е според мене најдобрата компанија за производство на вакви аркадни игри, Capcom. Речиси сите мои омилени игри од тоа време се дело на Capcom. Значи, во Black Tiger, контролираш варварин, налик на Конан, кој располага со чудни оружја и тепа се пред него, а богами и зад него, бидејќи непријателите буквално доаѓаа од секоја страна. Нешто подоцна, ја сменија играва во флиперницата (имаше само една машина тогаш), и ја донесоа Sly Spy. Тотален rip-off на Џејмс Бонд и страшно забавна игра.

Поминаа година0две, флиперницата стана продавница, јас тргнав во школо, прво одделение. Иако мојата прва флиперница ја затворија, многу други беа отворени, речиси на секој чекор. Од школо до дома, по пат имаше само три. Тогаш првпат се сретнав со Cadillacs & Dinosaur, The Punisher, Final Fight, Street Fighter, Warriors of Fate, Тhree Wonders, Pang и игрите кои беа слични на нив. Ова се игрите кои покрај оние за Нинтендо, е нешто што никогаш нема да ми здосади и секогаш ќе ме расположува и ќе ме прави среќен. Игри со душа, која за жал новиве колку и да се добри, едноставно ја немаат.

Некаде 1998-1999, со појавата на PlayStation конзоли по истиве флиперници, постепено почна да згаснува сето она што ни го расвеселуваше детството. Флиперите речиси и да се истребија во наредните 3-4 години, во периодот кога се појави Counter Strike. Што се однесува до мене, ова сосема нормална еволуција на видео игрите која ја следам и јас, но жалам за децата денес кои немале прилика да го почуствуваат тоа што го имавме ние. Не дека беше подобро, некако беше поискрено.

Среќа во несреќа е тоа што кога згаснаа флиперниците, почнаа да се појавуваат емулатори како што е MAME32. Е, на ова се имам радувано како дете со 200 жетони во флиперница кое едвај чека да ги истроши до последен на раштраканите копчиња и рачката со големо црвено топче! И ден денес повремено го пуштам MAME32, да ги емулира сите тие емоции кои не правеа да бидеме толку безгрижни и наивни...

11 comments:

Љубиша Сулимановиќ said...

Одличен пост!
Златни времиња. Златни!! Ми се плаче коа ќе ми текне колку сум киснел за да отвори локалната флиперница Капучино за да потрошам пари на Bouble Double, Street Fighter, Final Fight, Cadillac... Sigh!

Un said...

Имаше една игра на која ми беше забрането да играм од газдата на флиперницата. Ми даваше еден бесплатен жетон, и само еднаш смеев да ја двртам...негде окулу саат време траеше вртењето...и потоа за тој флипер за тој ден толку! =))


Нешто со магии беше авантура/аркада некоја, не ми текнува како се викаше. :)

Anonymous said...

Одличен пост, и да ние сме таа последна генерација што киснеше по флиперите. п.с. Не го заборавај snowbros.

Anonymous said...

Ви текнува на Мустафа? :)

Anonymous said...

Леле слепец, слика дури си ставил горе. Не гледам, јебига.
Иначе кога сме кај таа игрица со еден другар знам се карав пред 1,2 години и упорно тврдев дека е "Муфаса". :)

Мислев нешто за "Lion King" ми збори.

Бојан Николов said...

Ви текнува на Miss World '96 Nude? :D

Дејан Зафировски said...

Најбољи пост по долго време. Се наежив кога прочитав за Blanka и играта која сите ја викавме Mustafa :) Али и Wonder Boy беше нешо не секојдевно.Сепак, секојдневно беше со оглед на киснењето по флиперници. Фала уште еднаш за постов

Random nobody said...

Колку само ужинки отишле на флипери :))

Бојан Николов said...

Јас пред некоја недела у Рамстор се остаив... на пинбал, на фудбалче, на Star Wars Pod Racer-от.. :))

Влатко said...

Ако ти се верува, кај мене уште постои една флиперница мислам, кај Драги. Постои откога знам за себе 20 и кусур години (може и више). У Ѓорче, (баш пред некој ден се присеќавав,) у последниве 15-20 години ми текна на дури 13 флиперници што работеле (ако не сум заборавил некоја). Татко ми ги откриваше која каде е постепено кога ме бараше за ручек.
Први игри - Еспиал-от, Мун Патрол, Стингер-от, Каратето-со-две-рачки што-се-играше и не ми текнува сега како се викаше со детето со скиролот.
Со брат ми и братучед ми. Понатака имав еден "флиперашки другар" Дени (со кој не се дружам сега). Ја бев Гај он беше Коди, ја Панишер он Ник Фјури, ја Ланселот он Персевал, ја Мустафа он Мес. Панишерот го викавме Пунишер додека ден повозрасен другар не не слушна и не просветли - "Каков Пунишер бе, паниш=казна!" и ние "ААААА". :)))
Фала им на Капком за сите одлични beat-em-up-ови.

Бојан Николов said...

Еј, блазе си ви чим имате флиперница у маало. :)

Кај нас у маало Панишер беше Паничар, па сеа ти види. :)) Ми фалат флипери у пм.