May 11, 2018

Лига на Лигуши

Не е секогаш лесно старите навики да си ги тргнеш од курот. Исто така, последниве месеци пак се вратив и на League of Legends. Поминаа три-четири години откако престанав активно да играм, а под активно мислам на секој ден да уклучувам барем една партија со цел да добијам лажно чувство на достигнување. Не беше лесно. Не само што затекнав игра поразлична од последниот пат, туку сфатив и колку ми атрофирале рефлексите. League of Legends е игра што бара брзи реакции, а веќе не сум толку млад за да не кликам панично на погрешни места низ мапата.

Хероите што ги знаев ги начекав малку сменети, а новите со кои првпат се среќавав ме кршеа толку јако што брзо ми се откри дека токсичната заедница на играчи сè уште е доминантна. Не можеш да погинеш три пати по ред без некој од твојот тим да се исклучи или фуриозно да почне да пишува на четот како сака да ти ја ебе фамилијата до трето колено. Престар за да се пцујам со копиљаци што ги бркаат на спиење во 22:00, решив дека за да продолжам со компетитивните мечови ќе мора да изиграм неколку партии со вистински ботови. Морав го вратам осетот во десната рака, а и да си најдам нов соодветен херој.


Во безработните и безгрижни денови кога можев да си дозволам League of Legends по дванaесет саати дневно, многу ретко играв џангл или сапорт од проста причина што не ми беше доволно забавно. Malzahar, Brand, Teemo, Renekton, Varus и Graves беа хероите со кои го потрошив поголемиот дел од тие неколку илјади партии. Овој нов почеток беше совршен за освежување на мојата улога на Summoner's Rift, па решив да спукам неколку партии со Rengar и Janna. Џунглата уште не ми е пријатна, ама па затоа комплетно се насочив кон обезбедување поддршка на моите соиграчи.

Janna e феноменален херој. Фрла штит на соиграчите, а со ветерот и zephyr се грижи за непријателите да си го научат местото на лентата. За групни тепачки е кошмар, зошто може лесно да го обезбеди преживувањето на цел тим. Еден од хероите со кои на добрите денови успевам да воспоставам целосна контрола врз мапата. Добрите денови се сè почести сега, толку ја усовршив Janna што не мора веќе да чекам лигушите да отидат на спиење за да играм со нормални возрасни тимови. Ако Jinx не си ја врши работата како што треба, доаѓа Janna за да ја износи играта до победа.

Сепак, најголемата грешка што можев да ја направам е тоа што почнав да играм ranked мечови можеби еден месец пред да ја разберам снагата на Janna. Изгубив седум од десетте квалификациски и завршив во Silver IV. Таа дивизија е една од послабите секако, меѓутоа искуството е за нијанса подобро од нерангираните мечови. Пак има нежни кретени чиј краток фитил ќе ти го упропасти саатот, ама не се во толку голем број. Повеќето луѓе во дивизиите се трудат да напредуваат, па дури и кога стратегијата излегува од колосек се трудат да играат фокусирано и да не го злоставуваат вербално сопствениот тим.


Пред некој ден успеав да стигнам до Silver III. Кога ќе дојдеш на врвот на табелата во твојата дивизија ти се отвара можност да се докажеш со победени две од три партии за да влезеш кај подобрите. Тепав пет по ред накај Silver III. Стресно е, ама ако му нагласиш на тимот дека следните три-четириесетина минути ти се важни за напредок изненадувачки ќе се упристојат. Silver III е веќе друго, одма се осеќа разликата во искуството и посветеноста на тимовите. Или барем на мене така ми се погодија. Фала ви рендом деца од Западна Европа.

Не верувам дека некогаш ќе ги видам големите дивизии, барем не сезонава, ама интересно ми е. Немам веќе толку време, а ни концентрација за да играм повеќе од партија или две дневно. Кога не играм ranked, играм обични партии со другари со кои и поразите се некогаш забавни, најчесто зошто јас сум тој што експериментира со различни херои кои не ги владее доволно. Како инаку ќе научиш ако прво не му усереш неколку партии на Стефан?  

League of Legends е уште најдобрата игра од овој тип. Ги пробував сите MOBA игри што излегуваа, едно време не можев Dota 2 да ја изгаснам, ама секогаш на крајот се враќам тука. Постои скоро една деценија и константно еволуира и се освежува. А, што е најбитно, Riot Games до сега ниеднаш не се обидоа безобразно да брцнат во џебовите на играчите.

No comments: