April 20, 2022

Dragonflight ќе биде следната World of Warcraft експанзија

Овие години многу често се осеќам како хрчак што трча во тркало кога ќе дојде World of Warcraft на дневен ред. Не мора ни ја да играм активно за да вртам ко глуп. Слушам од другари што уште ја играат, често следам што се случува играта, а повремено ќе прочитам и некоја книга на темата. Дури и новиот Wrath of the Lich King бордгејм го купив, па и се ковидосавме пола друштво на една сесија. Последнава година можевме да прочитаме и за криминалните сексуални активности меѓу вработените во Активижн Близард. 
 
Речиси секој ден имаше по некаков хорор скандал. Како да не беше доволен удар врз репутацијата на компанијата тоа што ја посведочивме најлошата експанзија во историјата на World of Warcraft, туку читавме и за како краделе мајчино млеко на колешки од фрижидер. Ужасно. Искрено се надевам дека во моментов Активижн Близард успешно ја спроведуваат неопходната чистка на вработениот гамад таму и дека конечно ќе има кривична одговорност, наместо само оставки.
 

Ни играта, ни Близард како компанија не се наоѓаат во некоја завидна позиција моментално. Затоа и оваа најава за новата World of Warcraft експанзија требаше да биде доволно голема за да е значаен исчекор во некоја посветла насока. За Dragonflight и тематиката беше познато со месеци наназад, барем од шпекулациите што ете воглавно испаднаа точни, ама сега имаме и официјална потврда. Змејовите се враќаат во Азерот од некоја непозната причина, а ние како играчи ќе можеме да отидеме на нов скриен остров и бидеме хрчаци во тркалото склопено од пет нови мали територии. 
 
Ништо од соништата на некои играчи за комплетно преработен Азерот како на времето со Cataclysm. Активижн Близард повторно се одлучиле за стандардниот начин на склопување нови експанзии со кои старата содржина трупана со години наназад станува неупотреблива. Очекувањата ми беа ниски, ама ете се трудам да глумам изненаден дека се остварија баш така како што мислев. Оттаму и ќе претпоставам дека на Dragonflight е работено за време на Shadowlands, кога можеби Активижн Близард си мислеле дека имаат успешна тековна експанзија и одлучиле и следната да биде по "стандардната" формула.

Ќе очекуваш дека после тоа фијаско со Shadowlands играта ќе земе комплетно нов тек, но не. Редизајн на кориснички интерфејс и враќање на дрвата со таленти не е некој нов тек, а уште помалку таа најавената нова змејолика раса и класа што изгледа како нешто излезено од корејска игра за телефон. Немам доверба ни во новите зони. Иако од тоа што можевме да го видиме, имам впечаток дека Dragonflight пак ќе биде тесно клаустрофобично место што нема да се чувствува како отворен свет, достоен за MMORPG игра.
 
Познавајќи ги Активижн Близард, на денот на излегување ќе има пак само четири данџни и еден рејд. Содржина што ќе ја спржиш за неколку недели и после ќе кенкаш како нема што да се прави во играта. Разбирам дека ако нешто не е моментално најавено не значи дека ќе го нема, ама сакав да видам како активно работат на подобрување на репутацијата со поголеми ветувања. Сигурен сум дека во следниве месеци ќе добиеме повеќе информации, ама нема да ме изненади ако испаднат штури и скромни.

Не можам да се возбудам ни за приказната. Истиот тим е што ја пишуваше Shadowlands и видовме тоа како заврши или барем се обидува да заврши. Ентузијасти ја споредуваат Dragonflight со Mists of Pandaria, ама не би избрзувал со тој заклучок додека не стапнам и сам тука. Изгледа ведро и шарено на сличен начин, ама да не заборавиме дека и Battle for Azeroth имаше супер визуелен дизајн.

Единствено што малку пријатно успеа да ме зачеша е тоа што Активижн Близард ветуваат дека конечно ќе ги средат професиите и ќе ги направат покорисни. Новиот систем каде што играчите меѓусебно ќе можат да си помагаат со професии звучи интересно, ама ќе мора да почекаме да видиме колку стварно ќе функционира во пракса. Дефинитивно недостига RPG елемент во World of Warcraft и ова е добра прилика за малку играта да се зајакне на тоа поле. 

Наводно нема да има, или барем во моментов не е најавена озогласената "позајмена моќ". Онаа глупост каде што во последните експанзии добиваш некои нови моќи од глупи комплицирани системи што во следната експанзија веќе ги нема? Супер е ако е навистина така и ако добиеме само нови дрва со таленти наместо опрема што се појачува со нешто како азерајт или глупавите Ковенанти. Разновидноста на класите исто така неопходна, па дел од мене сака да верува дека конечно овојпат ги послушале играчите и ќе испорачаат нешто што е потрајно и функционално.

Ќе можеш да јаваш и да собираш змејови. Новата механика на јавање е малку собрана од Guild Wars 2, ама немам некој проблем со ова. Ако функционира таму, не гледам зошто да не би функционирало и во World of Warcraft. Дури би рекол дека и малку предоцна им текна за такви поинтерактивни маунтови. Се надевам само дека нема да треба да зависи самото квестање од поседување на ваков маунт. Никој не сака да го вози бетмобилот од Arkham Knight тука.

Имам една голема грижа тука. Експанзијата воведува десет нови левели, што значи дека од 60 ќе се левелираме до 70. Откако ги смалија левелите пред Shadowlands на 50 и до тогаш можеше да си избереш во која експанзија сакаш да се левелираш, очекував дека и тука ќе се случи истото. Дека ќе одиме пак на 50-ти левел, а дека содржината од Shadowlands ќе оди назад во времето кај Chromie. Дали ова значи дека ќе мора новите карактери да ја пројдат и Shadowlands пред да стапнат во Dragonflight? Би сакал да можам таа експанзија комплетно да ја скокнам со алтови. Пет минути не би можел да издржам таму.

Не би се летал многу за Dragonflight. Колку и да изгледа визуелно привлечнa, немам апсолутно никаква доверба во Активижн Близард и нивната способност магично да ја поправат играта. Сигурно ќе ја играм некогаш, ама би сакал прво да почекам некој месец за да се осигурам дека не е комплетно срање како Shadowlands. Едвај и да знаеме нешто за експанзијава освен каде е сместена, така што има време за разубедување, ама до тогаш кроце. Нема ни датум, ама штом до крај на годинава излегува Wrath of the Lich King Classic ќе претпоставам дека Dragonflight ќе се појави некаде следната пролет. Ќе следам, како и да е. Еве ја целата најава од вчера тука.

No comments: