January 21, 2021

Две-три недели со World of Warcraft: Shadowlands

Кога има нова World of Warcraft експанзија ги паузирам сите други извори на медиумска забава. Не гледам филмови, серии и не читам ништо. Нит можам да играм било што друго. Овие две-три недели сум заглавен во Shadowlands, ама не е ни отприлика забавното искуство кое малку се понадевав дека ќе биде. Ова ми е најдосадната World of Warcraft експанзија до сега и само ми ги потврди првите чувства што ги имав кога ја најавија. Дури и во "универзално најлошите" експанзии сум наоѓал нешто интересно за правење и не сум ја гасел цела игра сред левелирање. 

Добар дел од луѓето што ги познавам и ја играат Shadowlands се забавуваат и сум стварно среќен за нив, ама мене сè што ми беше барем малку интересно, успеа да ми се смачи за неколку денови. Torghast е така нешто покул од останатите новитети, ама сигурен сум дека и тоа набргу ќе ми се излити. Се фаќам како повеќе ги играм order hall кампањите од Legion наместо новава содржина, а чат-пат играм и други игри. Сред тазе WoW експанзија. Battle for Azeroth и Warlords of Draenor повеќе ме задржаа. 

Па, што е тоа што не функционира за мене во Shadowlands, a можеби е супер за други? Како некој што долго, долго време игра World of Warcraft, а и MMORPG игри кои влечат инспирација или се шкартна копија на овој непокорлив жанровски титан - низ годиниве заклучив дека најважен дел ми е светот во кој е сместена играта. Темата, естететиката, колку е отворен наместо инстанциран... Не ме занимаат системите за стекнување опрема и моќи, мин-максање, бројки, рејд механики и арени. Воглавно сакам да левелирам и да бркам ретки виртуелни богатства. Ако знаеш да ми спакуваш зошто треба да ти соберам десет свински чмарови за да го спасиме селото, таму сум и веројатно ќе се заседнам. Затоа повеќе ми се привлечни игри како Star Wars: The Old Republic отколку Guild Wars 2.

Ми треба да го препознаам идентитетот и фолклорот на светот во кој е сместена приказната што играта ми ја продава за да можам да најдам нешто што ќе ме внесе и врзе таму. Во секоја претходна World of Warcraft експанзија сум можел да го најдам ова и лесно да се внесам. Ваквите игри денес ги играм за да се исгасам и олабавам, не да пресметувам колку демиџ ми прави магичната прачка со која млатам џиновски пајаци. Така и ги навикнав сите промени на играта кои беа понаклонети кон "лежерна" публика, а кои не ги прифаќав баш оптимистички кога тековно се случуваа. 

Warcraft низ годиниве ми стана омилениот фолклор во кој дополнително газам и преку книгите и стриповите и баш ми е криво што сега затекнав експанзија која за првпат ме одбива на ова поле. За првпат осеќам како играта е тематски расклатена и неконзистентна. Секоја друга експанзија претходно имала некое појасно сврзно ткиво во наративот, па дури и Battle for Azeroth, што на крај забегува во космички хорори кои повеќе ќе функционираа одвоени во засебна експанзија. Разбирам дека не е првпат да одиме надвор од "традицоналниот" Азерот, ама секогаш сме носеле дел од тој свет со себе. Овде некако ми фали тој автентичниот World of Warcraft дух.

Во Shadowlands нема фракциски конфликт, нема Хорда и Алијанса. Се наоѓаме во некаков досаден задгробен живот каде што четири сили си бркаат некоја работа во која како Орка од Азерот не можам да најдам никакво значење и смисол. Презентацијата на приказната е исто слаба. Приморан си да ја играш линеарно, без опција да скршнеш и да се излевелираш поинаку до максималната 60-ка. Можеш со друг карактер со нешто порелаксирани ограничувања, ама барем со еден ти нема спас од пренапорната кампања. Трае кратко, а се осеќав како да е три Cataclysm експанзии.

Има четири главни зони каде што оперира секоја од новите фракции, естетски комплетно различни и со тематика која често ќе ја сретнеш низ лоши азиски MMORPG игри. Иако барем две од нив се исклучително симпатични, некако се премногу мали и тесни за да се чувствуваат како отворен свет. Не можеш пет метри да поодиш пешки без да ги повлечеш сите околни живи и неживи суштества на себе. Ова е многу несмасен дизајн, очигледно инспириран од Nazjatar, Mechagon и нечив кошмарен мамурлак. 

Се плашам дека ова е иднината на зоните сега, а веројатно и на квестањето во барем следната експанзија. Неколку саати приказна презентирана "на шини" и директно си фрлен во ендгејм каде што те чека бесконечното фармање на 300 различни ресурси. Со второво и немам некој проблем, опционално е - не мораш да го правиш, ама шупливава приказна во Shadowlands ќе ми биде вечен непребол. Не може да ми е помалце гајле за генеричките вампири, плавите ангели или елфовскине пеперутки. Сакам во следниот content patch да испадне дека сè ова било сон и дека се враќаме во Азерот да го задушиме мурлочкото востание или нешто.

Скоро сите квестови ги поминав и најинтересниот ми беше оној од night gae ковенантот каде што си дел од театарска претстава која ја раскажува историјата на Азерот. Единствена прилика каде што пишувањето звучеше како да е од луѓе, а не изгенерирано од вештачката интелигенција што ги движи колите во Cyberpunk 2077. Освен ова и краткиот квест со Bwonsamdi, другото го заборавав во истиот момент кога ќе го вратев квестот.

За среќа, инстанцираната содржина ми беше нешто подолго интересна од таа што ја нуди "отворениот свет", па успевам повремено да се поматкам низ Shadowlands наместо постојано да играм содржина од други експанзии. Има осум данџни и еден рејд моментално и речиси секаде ми беше забавно. За разлика од инстанците во Warlords of Draenor, па и оние во Battle for Azeroth, овде нештата се малку подинамични и побрзи, веројатно за полесно да може да ги адаптираат Mythic нивоата, не знам? Супер се, како и да е. Се надевам дека ќе има и нови во следните печови.

Инстанцираните искуства се многу поблиски до оние во Legion, каде што сметам дека Blizzard го достигнува врвот со естетски и механички дизајн. Замерка ми е само првиот рејд (ги видов само првите шест босови до сега), ама тоа е поради мојата алергиска реакција на вампирска тематика во факинг World of Warcraft. Се надевам дека следниот рејд ќе биде нешто комплетно ново, а не базиран на некој од постоечкиве четири зони, односно "светови". Познавајќи ги Blizzard, нема да ме зачуди ако во текот на експанзијава видиме некаква варијанта на Icecrown Citadel.

Torghast ми е моментално океј. Неговиот концепт особено доаѓа до израз кога го играш со другарчиња. Не е толку rogue-like колку што можеби најавуваа, ама е доволно разновиден за уште да ми е интересно таму. Секое влегување се стекнуваш со нови привремени моќи, а некои приметив дека може да ги "извадиш" и надвор од таму преку легендарната опрема што можеш да си ја направиш. Личи на долг и напорен грајнд да, ама пак е поосвежителна PvE содржина од вечното трчкање низ стандардните данџни и рејдови. Со Torghast веројатно ќе се позанимавам повеќе во некој иден пост.

Ќе си поседам уште некое време во World of Warcraft, како и да е. Уште не сум прегорен општо од целата игра периодов. Ја сакам без разлика на тоа што во следните година и пол-две на располагање ќе ми биде и ваква тематски досадна експанзија како Shadowlands. Може ќе има добар content patch наскоро, а може и ќе се случи чудо и ќе излезе Ashes of Creation додека стигне следната World of Warcraft експанзија.

No comments: