Нема потреба да гледаш трејлер за филм на Роланд Емерих. Знаеш што те очекува. Или барем отприлика претпоставуваш. Така и за Moonfall се потрудив да не дознаам ништо пред да го гледам. Доволен ми беше насловот, името на режисерот и постерот за да си создадам очекувања за филмот. Емерих зад него ги има The Independence Day, The Day After Tomorrow и 2012. Човекот си има некои афинитети за глобални катастрофи, креативно уништување на светот и измислување на сопствени физички закони и тоа до сега супер му функционирало низ кариерата.
Одлични филмови се ако сакаш да се изгасиш на два саати, баш ги прегледував на почетокот на пандемијата, дури и чував еден необјавен пост на темата што требаше да биде како продолжение на Карантинското кино. Скроз се забавни и топли, ги гледаш баш поради налудничавоста на Емерих. Затоа нешто слично очекував и овојпат, мислев идејата што му дошла е нешто како "пеер, замисли сеа Месечината падне на Земјата, еј". Во суштина тоа и е заканата сега, меѓутоа Moonfall е далеку од она што Емерих вообичаено го нуди. Не знам што се случило, ама ова што го гледав е под сите негови стандарди, па и општо филмски стандарди.
Не можам да навлезам во Moonfall без спојлери, така што ако одлучиш да се изложиш на овие напорни два саати не читај понатаму. Главната премиса е дека Месечината е изместена од орбитата и се наближува кон Земјата. Нормално, како што е редот во овој тип на филмови, човештвото дознава три дена пред да се случи катастрофалниот настан, па времето за било каква ефикасна реакција е прилично ограничено. На тоа додади дека е присутен и задолжителниот лик што упорно предупредува дека ќе се случи, меѓутоа нема доволно кредибилитет за било кој од надлежните да му поверува додека не е предоцна. Стандардна шема за Емерих филм, како и да е. Никој не комуницира нормално со остантите и само се таложат проблеми што би биле порешливи, а сепак да одат во полза на наративот.
Филмот почнува примамливо, идејата е доволно интересна како за приказна од овој тип, ама за многу брзо успева да излезе од сопствената оска. Обично не треба да очекуваш многу од ликовите од сценариото, ама ова е дефинитивно најлошото нешто напишано што сум го видел во последно време, дури и The Matrix Resurrections би превртел очи. Разбирам дека продуцијата се одвивала среде пандемија, ама не верувам дека тоа е конечниот изговор за Moonfall да е таков каков што е. Веројатно Емерих некаде во животот кренал раце од секава здраворазумна логика, само што овојпат и таа сопствената што некогаш знаел да ја понуди гравитира некаде на ниво на детски цртан филм.
Во најдобар случај, ефективноста на вакви филмови се сведува на она "добар е од што е лош". Забавниот фактор го црпиш од друго место и оставаш да те вози. Moonfall не е ни таков. Со ништо не ветува дека има некаков скриен потенцијал да биде тоа. Дијалозите и постапките на ликовите се очајни, настаните што се случуваат се небулозни, а темпото низ целиот филм е толку надвор од такт што упорно мислев дека фалат цели сцени. Во рок од еден ден успеаа да извадат правлив спејс шатл од научен музеј, магично да го проработат и да го летнат на Месечината со буквално никаков логистички кадар. Значи, Југо така да е стоено нема да успееш толку лесно да го стартуваш. Фалеше уште да ги гурне некој за да запалат за нагоре.
Друг проблем со Moonfall ми е што визуелно е многу чуден на моменти. Сцените што се во внатрешноста на Месечината се одлични, меѓутоа остатокот каде што се актерите во фокус изгледа прилично евтино. Иако се фрлени над 100 милиони долари за продукција, ниеден сет не личи на сет. Кадрите изгледаат вештачки и како сите тие сцени да се снимани на грин скрин. Дури и лажните позадини на Гугл Мит се сериозно подобри од сцените каде што Хали Бери се тегави со тие два-три реда дијалог што ѝ ги подметнале.
А, кога веќе сме кај актерите, апсолутно е небитно за филмот кои звучни и помалку звучни имиња се вртат. Сите се некако стерилни и безволни. Пак ќе речам, пандемија е и разбирам дека продукцијата се одвивала во неприродни услови, ама не успеав да приметам дека некој барем малку се труди. Какво и да е сценариото, на целиот филм штети ако нема ни трошка ентузијазам. Затоа и толку скап филм воглавно изгледа како Б-продукција слична на оние мокбастерите од The Asylum.
Не знам дали можам да го препорачам Moonfall. Сигурен сум дека некој ќе најде некоја вредност во филмот, ама јас за жал не успеав колку и да се трудев. Претходните филмови на Роланд Емерих се многу подобри. Ова едноставно не функционира на повеќе нивоа, особено во моментите на крај кога пробува да си игра со поголеми идеи одошто може да износи. Тапа е кога очекуваш глупав забавен филм, а ќе добиеш нешто што е само глупаво. Има многу подобри филмови со глобални катастрофи што може да ти се најдат кога расположението ќе ти побара, не мора ни да се од Роланд Емерих, ете ми текна на Greenland - супер си е тој.
No comments:
Post a Comment