Упорно заборавав дека скоро излезе The Cuphead Show!, анимираната адаптација на истоимената игра од пред некоја година што ме држеше ненаспан со кошмарите што ми ги приреди. После неколку изгледани епизоди можеби ќе беше подобро да не ми ни текнеше на серијава. The Cuphead Show! не само што е тонално комплетно оддалечена од изворниот материјал, туку е лошо склопена, без било каква наративна структура и идеја.
Не знам дали намерно се обидува да биде таква и од некоја причина да се наметне на претшколската публика или едноставно кој и да ја продуцирал не ни видел што е всушност оригиналната Cuphead игра. Играта иако изгледа наивно и детски, низ неа е присутна многу помрачна тематика која и не е баш наменета за толку млада публика. Јасно е дека играта е инспирирана од цртани филмови од пред стотина години и можеби серијата некако невешто се труди да го емулира концептот, ама некако ми се чини дека тие цртани тогаш воглавно функционирале бидејќи биле нов и свеж медиум.
Во 2022 ќе очекуваш многу повеќе, дури и од обичен омаж. Знам дека можело многу повеќе од ова. Приказните во The Cuphead Show! се празни, плитки и досадни и покрај тоа што сетингот овозможува невиден простор за креативност. Буквално ништо не се случува. Епизодите траат десетина минути и не се ни приказни со почеток и крај, туку се само некоја ситуација која изгледа како да е мал дел отцепен од нешто. Нема некој јасен катализатор, заплет и резолуција - само тера неколку минути. Без оглед на тоа колку ти е долго делото, не можеш туку-така да шлапнеш три реда дијалог и да ти почне завршната шпица.
Дали сите детски цртани изгледаат вака денес? Кој пример го следи The Cuphead Show! со кој јас не сум запознаен? Освен што анимацијата и музиката се речиси совршени, остатокот е глупав и често иритирачки. Капхед и Магмен само гракаат и урлаат со пискавите гласови, повремено има некој обид за физички шеги, меѓутоа повторно - ова би му било интересно само на дете што сака да гледа нешто шарено и весело на екран. Содржински нема баш ништо за тие што се запознаени со играта, освен тоа што ликовите се директно собрани од таму.
Можеби и јас барам премногу. Можеби концептот на Cuphead функционира само како игра, и естетски и наративно. Само што некако одбивам дека верувам дека ова е максимумот што бил возможен со изворниот материјал. Ќе мора да се осмелам да споредам со Arcane. Исто доаѓа од штура основа, ама компетентни сценаристи го издигнаа над било која друга адаптација на игра. Не барав и The Cuphead Show! да е исто толку квалитетно, само се понадевав дека ќе е доволно забавно и смешно за да го издржам до крај. Изгасив после три-четири епизоди и се сомневам дека има момент каде што станува подобро.
Дефинитивно не е за мене серијава. Претпоставувам дека веќе има стигнато до посакуваната публика и стварно се надевам дека се забавуваат. Десет минути од епизода не е многу, ама не можам да го гледам. Има многу поквалитетни детски цртанчиња што се привлечни и за поголеми деца како нас. Има толку многу добри SpongeBob SquarePants сезони што се далеку позабавно потрошено време за ако ти се лабави со некои такви шаренила на мрзлива дождлива недела.
Види такоѓе:
No comments:
Post a Comment