May 15, 2016

Бидување Бетмобил

Ја имам Batman: Arkham Knight веќе еден месец и никако не може да ме убеди да седнам и да ја изиграм цела за неколку саати како претходните. На прв поглед изгледа како најдобрата игра од Arkham серијалот. Има феноменално филмско интро, приказната е интересна, борбите се подобрени и пофлуидни, графиката е најдоброто нешто што сум го видел од Wild Hunt навака. Паѓа дожд и му ја мокри наметката на Бетмен. Колку кул детал е тоа? Ги немам ни проблемите кои лани направија рилисот да се акне од ѕид. Тогаш беше лошо, онака, криминалец ти ги убива родителите лошо. Сега е океј, но...


Не можам да го возам ебаниот Бетмобил. Едноставно не. Не само што сум крајно трапав во игри каде што треба да управувам со возило, туку не можам баш да го прифатам овој гејмплеј што толку многу се потпира на тоа тенкот на Бетмен. Забавно е првите две минути, има јак "ијаааа" момент кога ќе се исфрлиш од седиштето во воздух... но, кога морам далечински да го управувам за со куката да повлечам лифт, станува досадно и напорно. Ми го крши целиот фазон на бидување Бетмен во игриве. Секоја мисија со Бетмобилот ми го руши удобниот тек на играњето и ме тера на зевање.


Да, Бетмен има и Бетмобил, јасно ми е тоа. Кул е Бетмобил. Само што таман ќе се внесам во прикрадување на неколку душмани кои треба да ги истребам еден по еден, ми доаѓа нешто за кое што ми треба глупавиот Бетмобил. Разбирам дека сакале да освежат со некоја нова фора, ама ова не функционира за мене. Подобрувањата на механиката која не вклучува оклопни возила се одлични. Во секоја игра постепено градеа врз нив и тука немам никави забелешки. Секогаш во Arkham игрите било добро кога имало "повеќе од истото", па дури и кога во четири игри Бетмен уште црта несмасен бет-симбол со експлозивниот гел.


Приказната ми е доволно занимлива за да продолжам да играм понатаму, меѓутоа со ова темпо би успеал да ја комплетирам некаде во 2018. Ми се свиѓаше тоа со Скеркроу во Ace Chemicals. Срипав од стол на халуцинациите на Бетмен и The Killing Joke моментот со Барбара, сакам да знам како ќе се развие драмата со Гордон. На крајот, сакам да знам и кој е Аркам Најт и зошто толку му се има наапано на Бетмен, па затоа ќе морам да ја извозам до крај. Бетмобил или не.

Види такоѓе:

3 comments:

Андреј Спасовски said...

Ама што ви е на сите со бетмобилот? Само ли мене ми се свиѓаше? Arkham Knight ми беше GOTY 2015, топ прича, графика очобол, нигде ни секунда loading, играта е ремек дело. Сосе бетмобилот.

Андреј Спасовски said...

А успут, ќе се исереш коа ќе видиш кој е Arkham Knigt.

Бојан Николов said...

Не знам. Чудна механика ми е. Еве, не можам да се натерам да седнам да ја доиграм. :/