September 10, 2016

Документарен филм на неделата: Zero Days на Алекс Гибни

Некои го нарекуваат најбитниот режисер на документарци на денешницата, други би сакале да му заиграат на гробот. Мене Алекс Гибни ми е исклучително забавен лик, баш поради мотивите на втората група. Да, контроверзен е и често пристапот му е сензационалистички, меѓутоа сепак смело третира некои теми од перспектива која не секогаш е пријатна за субјектите кон кои го насочува свелото. 

Лани ги разгледуваше непопуларните аспекти на Стив Џобс и Скиентологијата, а оваа година, во неговиот последен филм Zero Days, се занимава со Stuxnet, компјутерскиот црв кој пред неколку години расипа неколку центрифуги за збогатување ураниум во нулеарната централа во Иран. До денес, уште не е потврдено кој стои зад Stuxnet, но неговата техничка софистицираност, комплексноста на целата операција како и крајната цел, саботирање на иранската нуклеарна програма, се доволни за сомнежот кај јавноста дека можеби е сајбер-оружје развиено од тајни служби на САД и Израел. 


Гибни во Zero Days, низ два часа се обидува да ги поткрепи овие шпекулации, за кои и Сноуден во 2013 има изјавено дека вистинити. Филмот содржи интервјуа со инженери од Symantec кои го пресретнале и копале низ кодот на Stuxnet, Јуџин Касперски, новинари кои биле на случајот, Мајкл Хајден, експерти од центри за нуклеарни истражувања, воени лица и разузнавачи што работеле во администрацијата на Буш, од кои добар дел "не смеат" да го спомнуваат Stuxnet поради тоа што се работело за доверлива информација. Има и едно интервју со агент на NSA со скриен идентитет кој пак тврди дека токму тие во соработка со Мосад го развивале Stuxnet под кодно име "Olympic Games" години пред да се случи нападот. 

Најзанимливиот дел е како се има проширено Stuxnet и како успева да дојде до делот кога постепено и неприметно напаѓа специфичен хардвер кој го има само во Натанз. Од Windows машина во Белорусија, преку обични корисници, постепено стигнува до метата ширејќи се низ мрежа и USB стикови. Има и една теорија дека во нуклеарната централа е дојден од локални техничари кои биле задолжени за одржување на сосема друг систем таму, кои без да знаат дека се инфицирани го довеле до крајната цел. Дури и дигиталниот сертификат кој го содржи Stuxnet, е украден од компании кои го чувале на физичка локација, при што најверојатно бил потребен врвен социјален инженеринг за да се стигне до таму. 

Zero Days не само што ги скокотка политичките мотиви за операција од ваков тип, туку и поставува едно многу битно прашање. Како воопшто би се регулирале ваквите сајбер напади на глобално ниво и како државната безбедност на жртвата ќе направи разлика помеѓу хактивизам и акт на војна? Можеби е премногу параноично да се зборува за ваков тип на војување, некогаш Гибни е драматичен за атер на сензационалност, но тоа воопшто не го прави Zero Days помалку интересен. Погледни го.

No comments: