Заврши Californication. Толку, нема веќе. Многу ќе бев среќен доколку осеќав некоја празнина после финалето, да ми фали, да се пропијам. Последната сезона беше толку лоша, што би можел само финалето на четврта сезона да го прифатам како крај на серијата. Првите четири сезони моментално ги прегледувам пак, по четврт пат. Ремек дело. Барем за тоа што се. Надоле има спојлери, инаку.
Од петтата сезона, молзењето на едната иста формула кулминираше со најлошата сезона во било која серија што до сега сум ја гледал. Серија што уствари била добра, додуша. Californication заслужуваше многу, многу поубав крај. Она што го доби во последната сезона беше абортирано сценарио, нови картонски ликови и глупав, шаблонски завршеток. Сценаристите како комплетно да заборавија кои се ликовите, кој е Хенк, која е Керен, што прават и како се однесуваат во одредени ситуации. Самиот Хенк беше лошо напишан. Муабетите и репликите воопшто не беа на оној Хенк од првите сезони, каде што, дааа, беше убедлив како некој што е всушност писател. Постапките што ги правеше беа сосема различни, а се осеќаше колку е исфорсирано кога сценаристите ќе се обидеа да го однесат во "нормалната" насока.
Хенк и Керен, десет минути пред нешто друго да застане меѓу нивната љубов
Приказната беше преполна со дупки. Ниту имаа некаква идеја што е серијата, каде оди и зошто. Се појавуваа и си одеа ликови, без никаква причина, се случуваа ствари без никаква причина... Еј, па сезонава не ни имаше причина, освен финансиска, за да постои. Дури ни старите ликови како Сту и Еди Ниро не го помрднаа лешот во кој се претвори Californication. Левон, синот на Хенк за кој никогаш не се потруди да дознае дали му е вистински син (иако можеби приметив мал хинт во последните сцени), беше најлошиот лик во цела серија, а сигурно и еден од најлошите воопшто на телевизија. Никаква поента, апсолутно ништо не се случи со таа друга наводна фамилија на Хенк, освен тоа што беше уште една (лоша овој пат) финта на сценаристите да ги разделат Хенк и Керен.
Единствената светла точка во целата сезона беше деветтата епизода, со сообраќајката на Керен, што исто се случи без причина и комплетно ја заборавија во следната епизода. Доколку ова беше точката каде што Хенк конечно се одлучува за насоката во која сака да му се движи животот, јас не сум убеден.Освен ако десет епизоди претходно го пропуштив делот каде што реши конечно да ја пушти да биде среќна без неговите срања.
Самото финале не беше толку лошо како остатокот, меѓутоа сепак беше. Сите работи одеднаш магично почнаа да се поправаат, одеднаш се појави Бека за да даде deus ex machina шмек, па Хенк и Керен слободно можеа да одлетаат во зајдисонцето. Писмото што Хенк и го напиша на Керен беше супер, тоа мора да признаам, не беше како претходното, меѓутоа успеа да изнуди некоја емоција кај мене различна од омразата кон сценаристите и Том Капинос. Флешбеците со среќната фамилија додека свиреше ремиксот на Rocket Man, исто беа фини. Барем за да потсетат колку беше некогаш добро. Секогаш добро ја користеа песната, така што морам да ја симнам капата и тука, на уште една евтина финта, која ете, ме купи. Еј, слаб сум на песнава. No homo.
Каков крај заслужи тогаш Californication? Па, не волку среќен. После толку глупости, посимпатично ќе беше двајцата да продолжат во различна насока. Не можеш секогаш да го добиеш тоа што го сакаш, нели? Нели? Скроз е клише, без никаква жртва, туку така магично стварите да се оправат. Крај како во четвртата сезона ќе беше сосема совршен.
No comments:
Post a Comment