Дојде тој период од годината кога треба да свртам некој муабет за новата музика што ми свиреше секојдневно на разни уреди. 2021 донесе еден куп изданија, ама повеќето што ги преслушав не ме испровоцираа доволно за да се најдат во
општата музичка плејлиста за тековната година, па затоа мораа вака да бидат жанровски ограничени во
уште една "Плејлиста за лажни рапери". Овие неколку албуми подоле не ги обединува квалитет, ниту се најдобрите изданија за 2021, ама ми оставија доволно силен впечаток за бидат собрани вака на едно место.
Има и некои што ќе останат за друга прилика и покрај жанровската припадност тука. Годинава пак пробав да го сконтам Tyler the Creator, му го слушав новиот албум Call Me If You Get Lost и упорно не ми лепи како и остатокот од неговата дискографија. Му ја ценам креативноста, ама не можам да најдам нешто што ќе ме закачи за музиката што ја нуди. Го рокав и Culture III од Migos на цел глас во кола за да го зајакнам мојот имиџ на сељак во црно бемве со затемнети стакла. Има неколку ствари на албумот што фино дрмаат, иако никогаш не сум бил љубител на бендот.
Дадов шанса и на новиот Nas, ама моето непопуларно мислење дека е преценет лик со само два добри албуми во цела кариера останува и понатаму исто. Дури и Eminem е таму досаден со гостувањето. Веројатно на дискографијата на Nas го паѓам тестот, па затоа "лажен рапер". Тврдам и дека It Was Written е класи над Illmatic, иако имам максимална почит кон тој албум како музичко дело и неговото место во историјата.
Го вртев и The Off-Season, новиот на J. Cole, ама можеби треба да добие засебен поопширен третман наместо да го пикам во вакви листи. Не знам како му успева да е вака свеж цели шест студиски албуми. Со новиов албум дополнително си го зацементира статусот како еден од најдобрите црни рапери на оваа генерација. Ако не и најдобар, ама да почекаме Кендрик што ќе спука до крајот на годинава.
Излезе и уште едно многу јако албумче од тотално непознат лик за мене кој има огромен потенцијал. Се вика
GRIP, на
Shady Records е, и
потпали огромен пожар со
Eminem соработка. Го преслушав албумот, ама ќе ми треба уште некое време за да ми легне, па да можам асално да оформам мислење. Во друга прилика за тоа. Да не обесувам веќе, идеме на плејлистата.
Kanye West - Donda
Кање можеби не е најдобриот рапер на денешницата или кога било, ама е дефинитивно најголемиот артист што е моментално жив, барем во музичкиот свет. Ајде, еве кажи кој друг музичар оставил таква трага како Кање оваа генерација или имал толку големо влијание во повеќе сфери. Колку кариери на мега-ѕвезди немаше да постојат без Кање, колку трачарски медиуми ќе пресушеа без неговите драми и од кај ќе јадеа кинезите што праат фејк копии на неговите патиките и облеката што ги дизајнира?
Објавувањето на Donda беше театар цел август. Во буквална смисла, со три настани пред публика каде што Кање пушташе различни верзии од албумот кои постојано еволуираа. Кање е непресметлив до некоја мера, тоа ни е јасно со години наназад, ама па веројатно од таму и му доаѓа целата генијалост. Никогаш целосно задоволен, го снимаше и "поправаше" Donda до последен ден во соблекувална од стадион, за на крај наводно Universal да го објават без негова дозвола. Дури и да не е ова вистината, Кање бидува Кање до крај и пак прави медиумска галама. Има ли подобар маркетинг од Кање да биде Кање?
Албумот го преслушав многу пати неделава. Воглавно ми се свиѓа. Хаотичен е, раштиман на повеќе места, ама имајќи предвид кај е Кање приватно и ментално во моментов, ова е резултатот. Donda трае саат и четириест и три минути. Џабе зборат дека песните се филери, кога не се. Кање сметал дека така треба да биде и толку. Donda e тоа што требало да биде и можело да се случи. Дали ќе ти залепи или не, тоа е друго. Се согласувам дека ако исфрлиш пола од албумот ќе се добие некаква покохерентна слика, ама дали тоа стварно ќе се дрзнаеш да го побараш ваков Кање којшто очигледно не е баш заузадан во реалноста?
Сликата погоре инаку не е официјалниот омот, туку омот што Кање го твитна кога го најави албумот лани летоска. Официјалниот омот е комплетно црна слика, само глупо беше да го шлакнам така на црнава позадина на Crapwerk. Прости, Кање.
Logic - Bobby Tarantino III
Лоџик упорно одбива да одјебе. Ете, ланското помпезно пензионирање не му издржа ни една година. Ни тогаш не мислев дека е готово со него, одамна нема ништо ново да каже, ама сепак. Последен пат ми беше интересен на
Bobby Tarantino II микстејпот, па мислев дека и ова ќе е такво лежерно, заебантско и забавно. Лоџик кога рапува така ќефски од љубов кон жанрот ми е најдобар. Си сака рап, сака да спука некоја рима. Албумите каде што настојува да буцне подлабоки теми некако не му функционираат, а неговото неоправдано големо его дополнително работи контра бидувањето паметен. Шефе, не си ни у 20-те најдобри, прекини.
Bobby Tarantino III е уште едно досадно, напорно издание што повеќе потсеќа на албумскиот Лоџик отколку оној од микстепјовите. Не тематски и концептуално, туку повеќе музички. Гласините дека ова е објавено само за да исполни договор кон лејблот некако звучат прилично вистински кога ќе ги пуштиш овие пола саат неинспиратвна музика. Вештината за рецитирање му е уште тука, очигледно паузата не му влијаела многу на формата, ама енергијата што обично знае да ја испука веројатно веќе зема инвалидска пензија. Буквално ништо на овој микстејп не успеа да ме чепне на било каков начин.
Слушни: Ништо не слушај од ова, пушти друго.
Pop Smoke - Faith
Уште не можам да ја прежалам прераната смрт на Пап Смоук. Го носам и на маица, две имам. За неполна година мејнстрим кариера изгалами повеќе од било кои други звучни имиња во хип-хоп и жанровите што гравитираат околу. Рашири дрил рап на секое ќоше во светот, па и после година и кусур откако го нема уште има фаци што го крадат или му оддаваат почит со стил инспириран од неговиот. Од бедни афрички гета до балкански, па и локални сокачиња. Звукот на Пап Смоук живее повеќе од било кога. Којзнае каде ќе беше сега.
Faith е неговиот втор постхумно објавен албум. Меѓутоа, за разлика од ланскиот Shoot for the Stars, Aim for the Moon, тука апла се гледа дека поголемиот дел се крпеници од кратки студиски сесии, демо снимки и воглавно материјал што додека беше жив не бил објавен со причина. Не дека е лошо, ама има некои неопростливи "соработки" со имиња како Дуа Липа кои звучат премногу некомпатибилно. Претпоставувам дека целта била да се направи некој радио хит, ама едноставно не функционира такво какво што е.
Дел од Faith стварно вози јако. Доколку албумот би бил покомпактен и без форсирање да му го залепат вокалот на различни жанрови на кои не пасува, тврдам дека би бил инстантна класика како неговите претходни изданија. Ова што е тука е само една предолга компилација, без јасна визија освен да донесе некој брз кеш на лејблот додека светот уште е заинтересиран за дрил музика. А, како и со повеќето вакви трендовски жанрови, јасно е дека има ограничен рок на употреба.
Слушни: "More Time", "30" и "Coupe"
Ed Scissor & Lamplighter - Joysville
Ед Сизор (претходно познат како Едвард Сизортанг) и Лемплајтер се музичкиот еквивалент на кнедла во грло. Мило ми е што се вратија после пет години од она лудилото Tell Them It's Winter. Искрено мислев дека Ед засекогаш батали музика, ама ете карантиниве пак го инспирале да спука некоја од тие криптичните поеми што ги шкрта врз мамурните битови Лемплајтер. Уште кога се најави иронично именуваниот Joysville, си создадов очекување дека ова ќе ми биде омилениото парче музика за 2021 и мило ми е што не сум разочаран, иако албумот уште некако пробува да ми продре под кожа како таков.
И, не е лесно баш. Треба соодветно расположение за да се препуштиш во оваа неотрезнета, меланхолична атмосфера и да го слушаш Ед Сизор како романтизира безнадежност. Секогаш е удобно кога домаќини се двајцава британци, ама треба да вдишеш неколку пати пред да пристапиш. Joysville е ремек-дело што споро гори и сигурен сум дека на долга стаза ќе ми исполни стастите и ќе ми прерасне во еден од најдобрите албуми што некогаш сум ги чул.
Слушни: "Nighttime", "Been a Minute" и "Picture a Day"
No comments:
Post a Comment