September 28, 2021

Го гледав Free Guy за ти да не мораш

Не знам како така се прелажав со Free Guy. Видов нов блокбастер што не е римејк, рибут, адаптација или продолжение и загризав. Башка Рајан Рејнолдс, а притоа заборавив дека многу Рајан Рејнолдс и не е секогаш најбрилијантна идеја. Талентиран е, харизматичен, смешен, има капацитет да износи разновиден материјал, дури и филм како Detective Pikachu, меѓутоа понекогаш и не функционира најдобро ако го истрошиш во првите дваесетина минути. Тоа се случува и во Free Guy, ама филмот страда од други проблеми кои и не се баш поврзани со самиот Рајан Рејнолдс.

А, има баш супер концепт, како може да не те подлаже. Рајан Рејнолдс е ситен позадински лик во ултра-насилната онлајн видео игра Free City, кој не е воопшто свесен за сопствената природа и реалноста на светот во кој опстојува. Се буди, ја цепа утринската рутина, заминува на работа во банка која е всушност дел од мисија за играчите и е постојано ограбувана, па потоа се ресетира во истиот кревет и почнува пак со истиот ден. Замисли секое NPC во GTA да има некаков живот вон твојата интеракција со него како играч.

Еден ден низ Free City ќе налета на Мили, девојка која е всушност вистински играч и така замајан постепно ќе почне да ја заобиколува рутината додека сфати дека светот е многу поразличен отколку што изгледа. Мили во Free City e логирана со сопствена агенда, пробува да најде доказ дека дел од кодот е некој нејзин проект што компанијата која ја развива играта ѝ го има украдено. Некое такво срање, што е битно, идејата е да се најдат овие два ликови во самата игра за да може филмот да се случи.

Не е комплетно лош, ама има некој генерациски јаз меѓу мене и Free Guy. Пази, консумирам секакви глупости кои апсолутно не се наменети за возрасни особи, ама тука приметив дека хуморот озбилно ме промаши во повеќе наврати. Филмот изгледа како да е воглавно наменет за Fortnite генерацијата, барем по бројните референци што не ги сконтав од прва, стримерите што се појавуваат повремено, а дури и самиот дизајн на Free City личи како е игра за малку помлади. Сосема е во ред ова да не си таргет публика, само имав некој впечаток дека ќе најдам нешто што ќе ме држи заинтересиран.

Обично можам лесно да ги сркам ваквиве лабавлуци ко Free Guy, ама сега не беше таков случајот. Во еден момент не ни обрнував внимание на филмот. Кога ќе погледнев пак, или имаше некој штос што веќе прошол во некој облик претходно или Таика Ваитити нешто урла и преглумува. Настрана тоа што вакви есцентрични газди како ликот што го глуми се клише, туку и дали воопшто некој го режирал или го оставиле да импровизира како Рајан Рејнолдс? Типот е супер режисер, Jojo Rabbit му е одличен, добар е и како актер таму, ама не можеш секаде да се носиш сам себе и да изводиш. Можеби ќе ми беше смешно пред десет години.

Ценам колку детали има во филмот. Особено тие што референцираат игри од овој тип. Од избагирани позадински ликови што се заглавени на некоја тривијална препрека, до тоа колку ноншалантно се однесуваат кога во позадина тенк им го уништува градот или проаѓа некој mecha робот. Симпатично е, без разлика на тоа колку е досаден целиот филм. А, кога сме кај референци, од некоја причина Free Guy мисли дека е уште кул да референцираш лајтсејбер или штитот на Капетан Америка. Било некогаш можеби, во Mallrats или некој друг филм од пред седумдесет години, ама сега сите овие работи ќе ги сретнеш во првиот супермаркет испринтани на сокче. Не е веќе толку посебно за изнуди којзнае каква реакција од публиката, само е редундантно и глупо.

Што знам, можеш и да го прерипаш Free Guy. Може подобро ќе си пројдеш со Space Jam: New Legacy. Овој не нуди ништо спектакуларно, предвидлив е и функционира воглавно како позадински шум дур си спремаш храна или нешто. Ми стана јасно кога видов дека е од истиот сценарист на Ready Player One што успешно го избегнувам годиниве. Има многу подобри вакви шарени и светкави акциони комедии. Прв што ќе ми текне е Guns Akimbo. Мислам, комплетно различен филм е, ама е совршен за мрзливо легачење со мозокот офлајн. 

Види такоѓе:

1 comment:

Drakuwa said...

Дечкиве имаат цел серијал што се вика Epic NPC Man... hilarious! https://www.youtube.com/c/VivaLaDirtLeague мада го немам гледано Free Guy уште и не можам да споредам, ама ми правиш да ми е неубаво сега и некако не сакам :D