Откако година и кусур се обидуваа да ја одржат играта со модел на месечна претплата, NCSoft се одлучија за последниот "давенички" чекор. WildStar е бесплатна од пред некој ден. Го следев развојот на играта од раните најави, па до бетата, кога очекувањата и не ми беа баш исполнети. Колку и да беше бета, во никој случај не изгледаше на нешто за кое што би дал пари, а очигледно и публиката во изминативе месеци го делеше моето мислење. Но, од тогаш е поминато доволно време, па со надеж дека е подобрена, се решив да пружам втора шанса.
Играм Exile (на Luminal PVP серверот), па почетните квестови се на истиот оној неподносливо шарен брод кој би требало да те научи на основната механика. Те фрла збунет директно во акција каде што хаотичното UI на почеток може да биде дефокусирачко. Не знам зошто секогаш туторијал мисиите мора да се вакви, наместо да те фрлат директно во отворен свет како Азерот каде што си оставен сам на себе, но океј. Среќа, трае кратко (мислам дека може и да се прескокне?) па набргу си соочен со избор помеѓу две зони. Бидејќи зоната која што ја избрав во бетата беше еден од причинителите за горчливото искуство, овој пат отидов во другата понудена. Тука некаде WildStar конечно почна да ме навлекува и да личи на онаа игра што ја чекав со години. Како што ги завршував квестовите, така се чудев што толку ми имаше згрешено бетата.
По неколку саати интензивно играње, петнаесет левели и детално чешлање на една цела зона, можам да заклучам дека сега искуството е далеку поквалитетно. Дизајнот е пријатен. Кога WoW и Torchlight би имале дете, би изгледало некако вака. Барем со графичкиот сетинг што може да го поднесе хардверов, изгледа солидно. Може има повеќе анимирана трева, меѓутоа не можам да си дозволам пожар во соба. Најбитното ми е што карактерот не ми изгледа како стап, и фино трча. Не би сакал да трошам саати гледајќи во неколку укочени полигони што се движат како да [и деца те читаат волу, тргај ова]. На крајот, играта ме привлече баш со изгледот, така што кога ќе сакам реализам ќе играм RIFT или ќе собирам вистински пердуви.
Да, WildStar е стандардното MMORPG. Класите се воглавно тие, како во другите слични игри, со по некоја фора и ситна механика што ќе ти даде илузија дека играш нешто различно. Истите професии со истата намена, данџни, маунтови, репутации... вообичаениот пакет. Има и некои ситни ивенти во зоните, не се толку динамични како во RIFT, некако чудно се тригеруваат, но ете, барем не е статично како WoW. Зошто би играл тогаш WildStar ако го нуди истото? Па, веројатно ако веќе ти е здосадено од текстурите во другите игри, а го сакаш жанрот. Нема некој голем избор ако ти се игра ова додека излезе Legion. Бесплатна е, до сега не ми бркна безобразно во џеб, има супер заедница, сите се фини и секогаш расположени да помогнат, а ако ти се игра со полокален круг, добредојден си во гилдот на GG.mk. Покрај RIFT, ова е најдоброто за 0 пари.
Приказната е некако штура и тешка за следење, веројатно поради начинот на кој е презентирана. Не дека ја нема, туку сфатиле NCSoft дека повеќето само читаат колку кози треба да заколат, а не и зошто. Има приказна, само што не ти ја фрла во фаца, со претпоставка дека нема ни да ја погледнеш. Да, ни јас не загледав натаму, освен неколкуте синематици.
Ако овој бесплатен модел ја крене играта на нозе, а според она што го читам и го гледам баш тоа се случува, може да се очекува посветла иднина. Не знам каква е натаму, уште не сум ни до пола, ама имам желба да откријам. Но, со оглед на тоа што сме натопорени цела стара маалска WoW багра и матичниот доктор, верувам дека ќе ме задржи подолго од The Old Republic.
No comments:
Post a Comment