May 25, 2017

Научно-фантастично музицирање

Секогаш ми е непријатно кога мора Nanohex да биде тема на муабет. Од некои причини го држам крајно тивко, за разлика од вешот пружен тука на жицава Crapwerk, го доживувам некако поинтимно. Nanohex е псевдонимот под кој десетина години објавувам амбиентални електронски звуци за различни издавачки куќи низ светов. Денес за матичниот британски лејбл Kalpamantra излезе нов материјал под насловот Garden. Ова можеби и воопшто немаше да го спомнам тука да не се работеше за соработка со другар близок како Дамјан Крстески

Тие што нè познаваат, знаат дека ова не ни е прва соработка. Измеѓу професионалните програмерски соработки и порочењето, низ годиниве дружба имало многу обскурни музички дејанија. Но, бидејќи Дамјан последнава година и пол живее и работи во Берлин, ова ни е прва ваква каде што сме немале потреба да тегнеме опрема, клавијатури и гитари во импровизирано студио. Дамјан интензивно пишува и објавува научно-фантастични раскази во светски списанија и омнибуси. Garden е спој на неговата литературна луцидност во облик на кратка приказна и моите инструментални анти-музики како подлога. 


Почнавме со работа некаде на почетокот на годинава. Паралелно се создаваа приказната и музиката, често двата сегменти беа инспирирани еден од друг, зависи што ќе стигнеше прво дента. Последните два албуми на Nanohex беа издадени за Kalpamantra, па во моментот кога завршивме со снимање и пишување, првиот човек што одлучивме да стапне во контакт со ова, беше сопственикот Стивен Вилијамс кој воодушевен од материјалот повторно ни излезе во пресрет. Литературниот дел од Garden ќе биде објавен и посебно во списание.

Изданието е бесплатно за даунлоуд на овој линк со опција за симболична донација која оди за поддршка на опстојувањето на Kalmamantra. Кратката приказна е соодветно поделена и достапна во lyrics секцијата за секоја музичка подлога. Лејблот е присутен на сцената со години и воглавно се занимава со звук кој не е баш најдобриот избор за веселби и прослави, но си има публика која го одржува и лејблот, а и жанрот во живот. Garden e достапен и на YouTube каналот.

No comments: