Една година по транзитивниот сомнителен Relapse, доаѓа Recovery. Како што сугерира и самиот наслов, ова е конечното "оздравување" на Еминем, по години висење на работ од тешки зависности, соочувањето со смртта на најдобриот другар и вториот развод со Ким. Маршал повторно се потпира на неговата генијална иновативност, наспроти шокантните провокации кои ја натераа критиката да гледа со потсмев на Relapse, не забележувајќи што навистина се крие зад тој материјал. Хороркор елементите се комплетно отсутни од Recovery, фузијата со Слим Шејди е доведена до степен да е невозможно јасно да се диференцира, а Дре е заменет со неколку други продуценти одговорни за звукот кој за првпат навлегува во некои посериозни поп води. Оттаму и соработката со Ријана, нешто што веројатно никогаш не би се случило доколку Еминем би го имал стариот мајндсет.
Секогаш е за поздрав кога некој храбро ќе почне да експериментира со свеж звук, а уште повеќе кога крајниот резултат ќе биде толку задоволителен. Покрај тоа, ваквиот чекор е сосема логичен, зошто веќе не e ни толку млад за да успеат приказни каде што му прди во лице на учителот. Во главно, Recovery нуди поинаква перспектива на настаните кои довеле до Relapse. Првпат искрено зборува за смртта на Пруф, се извинува за претходните два албуми и ветува дека ова е неговата конечна форма. И, Ким добива свое место на албумот. Доколку го отфрлиме двојното значење на "25 to Life", Ким е пристуна во интроспективната елегија "Going Through Changes" , една од најдобрите ствари на Recovery, каде што на ќерките им се обраќа со "I still love your mother, that'll never change / Think about her every day, we just could never get it together, hey" и продолжува несвојствено да носталгичари.
Но, лутиот Еминем е далеку од загубен во емотивно торнадо, туку гневот има нова мета. Не себе или потесната дисфункционална фамилија, туку кон оние што што прерано го отпишале од сцената, а има и по некоја мизогинистичка закачка чисто колку да потсети со кого си имаш работа. Самиот албум отвара така, со "Cold Wind Blows" и "On Fire" каде што нема да ти дозволи да заборавиш зошто е најдобриот жив рапер, без разлика што упорно се воздржуваш да го признаеш тоа. Додека се опоравуваш од "Won't Back Down", доаѓа уште една чудна соработка со Лил Вејн, "No Love". Океј, сите го мразиме Лил Вејн и е уште посмешен кога ќе го ставиш на иста трака со Еминем, но некако белото копиле успева да ги има најдобрите стихови на тие соработки. Не ни мораш да го тргнеш Лил Вејн за да биде една од најмоќните траки на албумот. Лирички, целиот Recovery е бесмилосен тенк што гази низ лешови. На неколку места си особено збунет додека се држиш за уста. Како може да е толку добар?
Албумот има неколку филери што ги премотувам некогаш, пример "Seduction" која наводно ја содржи истата метафора како "25 to Life", но како целина е одличен. Во зависност од кој ден од неделата ќе ме прашаш, би ти одговорил дека ова ми е омилениот албум од Еминем. Не е хит за хит како The Eminem Show, енергијата е различна, но прецизно погодува онаму каде што нишани.
Recovery е темелот на онаа самодоверба која подоцна ќе добие божествен статус на MMLP2. Ретко кој артист добива ваква втора шанса во кариерата, а Еминем со албумот успешно ја користи кон ново издигнување. Мејнстрим рапот е сменет од раните денови на Слим Шејди, но денес не е тука за да се пробива, туку да ја одбрани позицијата градена со години.
No comments:
Post a Comment