May 31, 2017

Хаха, новово Prison Break...

Еден мамурен викенд пред некоја недела ме закачи на новата сезона Prison Break или новиот мини-серијал или што и да е веќе овој дел од трендот на враќање стари, култни серии назад на телевизија. Не можеше да биде помалку гајле за продолжение на серија што не сум ја ни догледал до крај додека се прикажувала редовно, ама јеби га, некои денови не е ни битно што ти мрда на екран додека на смртна постела си даваш ветувања на себе кои знаеш дека нема да ги исполниш. Една епизода нема да боли, нели? Не може да е полошо од новото The X-Files, си мислев.

Последен пат кога гледав Prison Break беа во затвор во Панама. Изгубив интерес уште во втора сезона, па така трета ја баталив негде на пола и никогаш не се свртев назад. Од луѓе што догледаа дознав дека Мајкл Скофилд умира на крај и едно добри шест години никогаш не го слушнав името Prison Break, барем додека браќата не се појавија во првата сезона The Flash. Но, во петтата сезона, ајде да ги викаме овие девет епизоди петта сезона, Мајкл е прилично жив и се спрема за бегство од затвор во факинг Јемен. Секако дека да, инаку не би се викала серијата Prison Break!


Океј, овде навлегувам во спојлери, ама гајле ми е зошто и онака не верувам дека некој стигна со читање до тука или па ја гледал сезонава. Па, зошто е Мајкл пак во затвор, освен за FOX да можат да испродуцираат уште една сезона со ликови што публиката ги познава? Некаде кон крајот на четврта сезона или финалето на оргиналната серија, се разбира ова е тотално од газ извадено тука, извесен озогласен таен агент под кодното име Посејдон, кој решил да работи за сопствени цели, го регрутира Мајкл за да ослободи некој водич на ИСИЛ од затворот. Само што не е баш регрутиран, туку уценет, па затоа мора да си ја исценира смртта за да го заштити семејството и сите што ги познава. 

Првите две-три епизоди и не беа толку лоши. Се собра на кратко старата екипа да му помогне на Мајкл, истераа неколку комплетно нереални ситуации околу самото бегање од затворот, но она што ми беше најсмешно во цела сезона е "теоријата на заговор" што се оплеткуваше епизода по епизода. Имено, после наводната смрт на Мајкл, Сара се мажи за некој рендом лик кој испаѓа дека воопшто не е обичен суртук туку Посејдон. Еден од пресвртите што сезоната ги понуди е дека типот решил да го тргне Мајкл од сликата зошто едноставно се заљубил во неговата жена и дете. За да биде уште посмешно и Ти-Бег има син за кој не знае, но случајно тој син ќе се најде во истата ќелија во Јемен со Мајкл. 

Буквално сè што се случува во овие девет епизоди во однос на приказната е ликовите да се поместуваат од точка А до точка Б пропратено со некаков обид за илузија на тензија. Ништо возбудливо, ништо непредвидливо. Упорно сè се одвива во полза на главните ликови. Ситуациите се толку нереални што некогаш изгледа како да импровизирале по пат. Сезоната почнува еден куп работи во исто време, а не заокружува ни пола од нив. Тие што имаат некаков расплет само ја номинираат за најдобриот ситком за 2017. Ненамерно, секако. Се смеев. Едно добри пет епизоди само тоа правев.

Види, Prison Break никогаш не била серија со најпрецизната логика на светот. Ниту пак со најталентираните актери. Првата сезона успеа зошто беше оргинална и мистериозна, и се појави во период кога такви серии, со таков формат и жанр, беа прилично популарни. Можеби баш и тоа ги маскираше смешните глумачки способности на цела екипа со исклучок на Роберт Кнепер. Сериозно, никој друг не знае да глуми. Вентворт Милер има два различни изрази на лицето. Или е зачуден со подотворена уста или е резервиран со подзамижани очи. Таков и како Снарт во The Flash, подзамижан, дури и кога носи темни наочари. 

Не знам колку треба да си фан на Prison Break за да можеш ова да го сфатиш сериозно, а притоа да не се затекнеш навреден. Вака како некој што има океј сеќавање за првата сезона, си пројдов добро со смеење на глупостите што ги имаше тука, па некако не жалам за потрошеното време. Можеби петтата сезона немаше намера да ми понуди баш ваков тип на забава, а со оглед на тоа што сосема неплански и без очекувања решив да дадам шанса, на крајот некако испадна исплатливо. Фала FOX.

No comments: