May 20, 2017

За DC Rebirth: The Button

Колку и да се мрштев лани кога DC одлучија да го соединат нивниот суперхеројски универзум со ликовите од Watchmen на Алан Мур, некако успеав да ја прифатам оваа крајно ризична идеја. Ништо веќе не е свето, нели? Се случува, сакал или не (Алан Мур дефинитивно не), и веќе полека влегува во историјата на американскиот стрип како еден од најсмелите потези до сега. Факт е дека DC поминуваат низ сериозна криза последниве години лутајќи со сомнителни чекори во потрага по цврста земја, меѓутоа некогаш од хаосот што го создадоа успева да никне по некој квалитетен плод. Овој пат тоа е The Button.

Со DC Rebirth одлучија дека историјата на нивниот универзум ќе биде одново напишана и дека Доктор Менхетен ќе биде виновникот за тоа овојпат. Некој дефинитивно претерал со креативноста на состаноците во DC Comics кога се решавало во кој правец ќе им се движат стриповите. Ретроактивно, Менхетен е одговорен и за создавањето на 52 универзумот и целиот башибозук со континуитетот таму од кој уште трпат приказните и после пет-шест години. Во обид да се закрпат некои дупки од ова безредие, моментално DC Rebirth прави напори со оргија помеѓу Flashpoint, трошките од 52 и Watchmen.  


The Button е мини-настан распространет низ последните два броеви на главните Batman и The Flash наслови кој беше заокружен оваа недела и една од етапите кои би требало да го обликуваат универзумот во нешто покохерентно. Во првиот DC Rebirth број Бетмен во пештерата го најде беџот на Едвард Блејк. Една година мистеријата остана недопрена и не беше лесно да се претпостави што точно им е планот. Беџот и опсесијата на Брус со тајните кои можеби ги крие, заедно со Еобард Тон (Риврс-Флеш) се враќаат во Batman #21 за да го наштимаат правецот во кој ќе се залета приказната.

Еобард завршува мртов под необјаснети околности многу набргу по конфронтацијата со Бетмен, па Бери и Брус одлучуваат да ги искомбинираат своите детективски способности и да патуваат низ времето по одговори. Откако ќе прошетаат низ неколку панели кои ги референцираат изминатите DC континуитети, повторно завршуваат во бет-пештерата, но таму се пречекани од Томас Вејн, Бетменот од Flashpoint и татко на Брус. Ако е потребно мало потсетување, во Flashpoint универзумот таа кобна вечер за Вејнови, застрелани се малиот Брус и Марта Вејн, по што Томас Вејн станува Бетмен за да ја одмазди нивната смрт. 


Batman #22 ги обединува таткото и синот од паралелни универзуми, двајцата облечени како џиновски лилјаци, како средство за неутрализирање на нивната болна траума. Сценариото на Том Кинг овде ја одмара мисијата на Бетмен и Флеш за да ја удри секоја можна емотиционала нота и резултатот е ништо помалку од фасцинантен. Томас и Брус конечно добиваат шанса да бидат повторно заедно, дури и во ваква ситуација. Имаат толку многу да си кажат, но за жал времето е прекратко зошто пештерата е веќе нападната. Томас се обидува да го убеди Брус да ја пензионира наметката и конечно да се помири со смртта на најблиските, иако сите знаеме дека веќе е предоцна за тоа. Меѓутоа за разлика од Брус, Томас успева да најде мир, жртвувајќи се уште еднаш за неговиот син. 

Уште од Flashpoint баш се прашував како би можела да изгледа една ваква средба. Том Кинг ми понуди повеќе отколку што можев да очекувам и поднесам, до степен да веќе не ми беше важно што ќе се случува во финалето на приказната во The Flash #22. Томас Вејн е крајно забавен Бетмен и перфектно функционира кога е искористен во умерена доза. Без разлика на тоа колку го сакам ликот и начинот на кој го канализира товарот што го носи, било што повеќе од него само би го разводенило. Публиката упорно го бара во сопствен наслов, ама се сомневам дека неговото присуство би било толку ефективно. Ликот е тука само за да понуди поинаква перспектива на слична трагедија и тоа е сосема доволно како такво. 


На насловната на Flash #22 го има Џеј Герик, првиот Флеш на DC. Ова беше предмет на шпекулации дека и тој ќе го има своето големо враќање во DC Rebirth, меѓутоа исходот е поинаков. Можеби и само сакаа да намигнат на публиката или пак имаат планови за во иднина кои само решија да ги најават на ваков начин. Воли Вест се врати во DC Rebirth по години заробеништво во Спидфорсот кога Бери се сети на неговото име и буквално го повлече назад во светот, но овде во ситуација паралелна на таа, Џеј Герик остана заборавен. Барем засега. Кул момент е тоа што е нацртан како Џон Весли Шип, браво за тој фин детал. 

Крајот на The Button наговестува инволвираност и на Супермен во целата оваа каша, но тоа ќе го видиме дури во ноември оваа година насловено како Doomsday Clock. Иако овие четири броеви ја размрдаа малку приказната, голем дел од мистериите остануваат без разрешница. Со Doomsday Clock би требало конечно сè да е објаснето. Приказната за среќа е малку изолирана од главните случувања во DC Rebirth, па материјалот за читање не е нешто многу голем: Flashpoint, DC Rebirth #1, првиот број на DC Rebirth The Flash (иако не е задолжителен) и овие четири броеви The Button составени од Batman #21-#22 и The Flash #21-22. Секако и цел Watchmen, нели.

No comments: