April 19, 2017

Дваесет броеви The Flash од DC Rebirth

Сакав да пишувам за тековниот Супермен. Стварно сакав. За тоа како највозбудливата приказна која започна со самиот DC Rebirth се погрижија да ја претворат нечитливо, полукохерентно ѓубре што само успеа да ми го изгуби времето со месеци. Но, не вреди ни за солзите од разочарувањето да си ги избришеш. За тоа е тековниот Бетмен на Том Кинг и Дејвид Финч, но затоа што е добар, за разлика. Дечкиве колку и да почнаа шашаво, го вратија Бетмен на врвот на DC Comics. Ама, таа тема е за некој друг ден. 

Читав многу The Flash периодов. Листав низ овој DC Rebirth Флеш и низ тој на Џеф Џонс од пред петнаесетина години со Воли Вест. Очигледно и тој е тема за некој друг ден... Наскоро Бетмен и Флеш конечно ќе се сретнат пак за да ја отплеткуваат причината зошто во DC Rebirth има ликови од ебаниот Watchmen и колку DC можат да ја напикаат интелектуалната сопственост во несоодветни места. Таман заборавив на тоа, ете во следните два броеви на Batman и The Flash ќе се обидат да ме потсетат. Но, зошто сакам да сум упатен кога ќе се случува тој "важен" кросоувер, избрав да сум во тек и со Флеш.


Откако почнав редовно и религиозно да ја следам серијата, некако ожеднев за Флеш стрипови. Знаев дека нема да го најдам следниот Flashpoint, ниту дека тој Бери од телевизија ќе го има истиот шарм како тој на телевизија и бев сосема кул со тоа. Верувам дека постојат добри The Flash наслови таму некаде, брцнав речиси во секоја листа што ги набројува "најдобрите". Иако повеќе ми се интересни, ништо не ми остави некоја видлива трага. Џеф Џонс има некои стварно супер приказни во неговиот Воли Вест Флеш, ама сакав Бери. А, овој Бери од DC Rebirth не е ни отприлика толку забавен како Бери на Џеф Џонс.

The Flash почна баш фино со Lightning Strikes Twice аркот. Бери е Флеш, Воли се врати од комплицираната историја на DC Comics, црнецот Воли од серијата (кој е нуспроизвод на New 52) е исто така присутен, и таман ќе помислиш дека има малку спидстери, Џошуа Вилијамсон реши пола град да го направи спидстери. Ако третата сезона на серијата претера со Флешови, можеш да замислиш што се случува кога добар дел од населението на Сентрал Сити ќе има такви моќи. Добро замислуваш, се појавува ултра-злобен негативец кој себе се нарекува Godspeed.

Аркот со Godspeed ме изгуби некаде на крај. Прекинав на најинтересното. Функционира само ако ги читаш по ред за жал, не ме завлече да следам редовно, но резултатот испадна задоволителен. Прилично солидно и со ветувања за иднина кои засега се неисполнети. Во отсуство на емотивна длабочина, The Flash компензира со шарена акција што е сосема океј откако ќе прифатиш дека тоа што го бараш од стрипот нема да го најдеш овде. Повеќе е нешто за повесела, посветена публика што би го следела ликот каде и да се затрча. Зошто се третирам себе како прилично нов фан на Флеш, ова не успева да ми го продаде ликот без предзнаењето кое ме задолжува да го имам.

Макар и што во следните броеви си игра со палетата на неговите најпознати негативци, пак нешто не штима како што треба. Зарем не го направија DC истово со Флеш и во New 52? Ми пречи и што фокусот е повеќе на Кид Флеш отколку на Воли Флеш, бившиот Кид Флеш. Јасно ми е дека комплексниот универзум околу Бери дополнително се замрси со серијата која веројатно има поголема популарност од стрипот и публиката го знае само црниот Воли како Кид Флеш, но сепак. Која беше поентата така театрално да се врати оргиналниот Воли ако дваесет броеви е ко статист? Сериозно ќе ме тераат да читам Titans заради Воли?

Следните два броја на The Flash и Batman може да ги искомплицираат стварите уште толку и се сомневам дека одат во насока што ќе ја остави публиката смирена, но еј! Marvel го направија Кеп агент на Хидра, секако дека DC можат уште еднаш да ја кренат ногата и да се измочаат врз Алан Мур. Се надевам дека и оргиналниот Воли ќе има некаква улога во извиканиов настан, зошто сепак со него почна целото ова, зар не? 

Па, дали вреди воопшто да се читаат овие 20 броеви? Веројатно, можеби. Ако нешто стои на средина помеѓу тековните Бетмен и Супермен тоа е ова. Просечно и подносливо. Бидување фан на серијата секако помага, мало предзнаење на кој Флеш е кој, меѓутоа за тазе публика секогаш ќе го препорачувам Flashpoint.

No comments: