Осум епизоди, Netflix продукција, оргинален материјал. Зошто да не, така? Пред да почнам со првата епизода, немав апсолутно никаква претстава што гледам, зошто освен насловот се потрудив да не дознаам ништо. Видов неколку добри зборови наоколу, но не беа воопшто важни. Непостоечките очекувања ми овозможија многу пријатни моменти и изненадувања, а таквите демнат од (буквално) секое ќоше на Stranger Things.
Серијата е научно-фантастичен хорор чие дејство е сместено во мало гратче близу Индијана во осумдесеттите години, елемент од кој толку совршено црпи еден посебен ретро шарм. За едноставната приказната која се обидува да ја раскаже, браќата Дафер не можеле да одберат подобар амбиент. Такви мали рурални места се перфектниот клаустрофобичен сетинг за жонглирање со чудовишта, тајни владини проекти и језиви теории на заговор.
Во една таква спокојна жабокречина каде што последниот сериозен инцидент се случил толку одамна што едвај го памтат и повозрасните жители, мистериозно исчезнува дете. Додека градот трага по него, почнуваат да се случуваат низа други заебанции, еквивалентни на она што би се одвивало за време на оргија помеѓу Стивен Кинг, Спилберг, Џ.Џ. Абрамс, Молдер и Скали со Alien пуштен на телевизор во позадина. Влијанијата, иако очигледни, сепак се само омаж, но некогаш Stranger Things воопшто не се обидува да сокрие од каде доаѓа. И, тоа не е никако лошо.
Пресвртите, тензијата и интензивното темпо се присутни во Stranger Things уште од самиот почеток. Тоа го движи наративот заедно со отмената режија и фотографија, мајсторски користејќи ја секоја минута. Но, серијата вистински блеска со ликовите и актерите на кои им се доделени улогите. Главното светло е насочено кон групата деца, пријатели на исчезнатото момче. Одамна не сум видел толку добро уиграна, а толку млада екипа. Секоја чест. Брилијантноста и талентот се на ниво на оние од Stand By Me. На моменти дури и ги засенуваат повозрасните колеги, без оглед на тоа што Винона Рајдер ја можеби улогата на нејзиниот живот.
Не би откривал детали. Задоволството е поголемо кога ќе си го доживееш сам. Не е премногу долго, а напнатоста е умерена за биде вистинско уживање. Не ни мора да си некој голем хорор фан за ти го задржи вниманието. А, носталгијата по осумдесеттите, бројните референци кон тогашната поп култура само дополнително го зајакнуваат сето она кое е Stranger Things. Така благо и суптилно, а сепак доволно за да се создаде природна кохезија со целата атмосфера.
Серијата засега ми е најголемото изненадување од оваа година. Популарноста расте секојдневно колку што можам да забележам, а веќе е најавена и втора сезона. Како што ги догледував последните епизоди со овој факт веќе познат, мислев дека ќе следат некаков антологиски формат. Меѓутоа, имајќи го самиот крај во предвид, јасно е дека приказната тера понатаму ваква каква што е. Едвај чекам.
Види такоѓе:
2 comments:
Навистина пријатно изненадување, мислев е треба да чекам година дена (следната сезона Гаме оф Трнови) за да уживам толку во серија.
немој само Абрамс и Спилберг у иста реченица :) без такви навреди ќе молам :P
Серијава, you can't go wrong with the 80's. (главниот фактор што им се допадна на толку луѓе)
Плус - таа 80ти атмосфера, елементи од филмови од тоа време (Stand By Me, Poltergeist, итн..), глумата на децата, мистеријата....
Минус - лошите CGI ефекти (кои ги имаше у хорорите од 80тите....not!), Метју Модин (не дека бил некад добар глумец) е неискористен, требало да му обрнат повеќе внимание на негативецот вака испаѓа само некој празен лик без позадина, и некои клише моменти...
Post a Comment