Showing posts with label Sherlock. Show all posts
Showing posts with label Sherlock. Show all posts

January 21, 2017

Последниот проблем на Шерлок

По скоро три години пауза поради други ангажмани на главните ѕвезди (или која и да е причината) и само една специјална епизода измеѓу, Sherlock конечно ја отвори вратата на Бејкер Стрит за нови случаи. Разгален од врвниот квалитет на претходните десет епизоди, секако дека очекував многу. Барем онолку колку да ми ја размрда мрзата што ми се створи во последно време кога станува збор за гледање серии. Не бев особено импресиониран од почеток на четвртата сезона. Првата епизода не само што беше просечна, туку приметив и дека нешто не е во ред со ликовите, приказната и начинот на кој се раскажува. До крајот на трета, веќе се чудев како серија за генијален детектив со интелектуални "супермоќи" се претвори во лимонада со семејни интриги и петпарачки пресврти.

Да сакав да гледам глуп Шерлок, ќе гледав Elementary. Ако ми беше до  Холивудски спектакли, ќе ги пуштев филмовите со Роберт Дауни Џуниор. Серијата ја сакав поради овој Шерлок лик и концепт. Она што го знаевме за него беше сосема доволно за да го прифатиме како таков. Зошто Мофат решил дека има потреба од траума и трагедија како позадина за неговиот начин на делување, не ми е јасно. Дали ова го правеа годиниве додека серијата паузираше? Смислуваа како да го сместат Шерлок со негативец што се однесува како стриповски Џокер во разрушениот дом од детството "каде сè започнало"? Ова е најдоброто што можеа? Го погледнал ли некој сценариото уште еднаш пред да ги вклучат камерите?


Јасно ми е дека идејата на Мофат била да се даде една поинаква димензија на Шерлок.  Некаков подлабок емотивен контекст, можеби? Непотребно, зошто тоа беше присутно од самиот почеток на серијата, не толку директно сепак, меѓутоа секогаш се осеќаше дека Шерлок е повеќе од бездушен функционален социопат. Но, десет епизоди се премалку за ваков крупен "развој" на ликовите, особено кога мрзливо отскокнува во погрешен правец. Елементите од кои беше изградена серијата се доведени до непрепознатливост, иднината на следната сезона е неизвесна и навистина е жално доколку ова е тоа големото финале.

Проблемите на Sherlock не се само производ на оваа сезона, корените можеш да ги најдеш ако се вратиш малку наназад. Прво, серијата премногу рано се ослободи од Моријарти. Претпоставувам поради истата таа константна неизвесност и можност за повеќе епизоди, Моријарти мораше да се случи поскоро. Пристигна во вистинскиот момент, ја износи таа сезона и замина, веројатно оставајќи ги Мофат и екипата во креативен ќор-сокак. Не знам како поинаку да ја толкувам трансформацијата на најголемиот непријател на Шерлок во Џигсо од единаесетото продолжение на Saw.

Постхумното дејствување на Моријарти бргу стана заморно. Можеби со малку поинвентивен пристап ефектот би бил поголем. Меѓутоа, отидоа да таму да измислат тајна сестра на Шерлок, со способности кои ги засенуваат и неговите и тие на брат му Мајкрофт, чиј психопатски профил е комбинација на негативци кои сум навикнат да ги среќавам на некои други, поадекватни места. Разбирам и дека сакале предизвикот за Шерлок да го кренат некое ниво погоре, но овде е по цена на интегритетот на ликовите. Не само Шерлок, туку и Мајкрофт. Мајкрофт секогаш беше лик кој делува од сенка, исклучително моќен и со интелект кој се поклопува со оној на Шерлок, но со малку поинаков начин и мотив. Одличен беше дури и кога серијата го користеше како deus ex machina.

Она што е најнавредливо во "The Final Problem" епизодата е самата сестра, која патем Мофат ја смислил и покрај обемноста на материјалот излезен од умот на Артур Конан Дојл. Нејзината инспирација е смешно клишеизирана, а ситуациите во кои ги доведуваше ликовите и нивните реакции, беа комплетно несвојствени. Кога ќе ја додадеш и низата на контрадикции кои се дел од нејзините начини, целата логика останува покосена. А, ако поради нешто беше добра оваа серија, беше логичниот контекст, кој не секогаш беше во границите на реалноста, точно, но функционираше перфектно во сопствениот воспоставен систем на правила.

Ќе мора пак маратонски да ги изгледам претходните три сезони за да си го исчистам мозокот од ова извонредно срање. Поинаку не знам. Не барам нови епизоди, веќе има доволно. Штета што за серија која толку многу сакав да оди напред, сега навивам никој никогаш да не ја допре повторно. Дајте нешто друго.

Види такоѓе:

January 3, 2016

Викторијанскиот Шерлок

Кој чекор го превземаш кога сакаш серија како Sherlock, со веќе етаблирана брилијантност, да изгледа уште поспектакуларно за специјална пригода? Со оглед на тоа што серијата е ретко присутна, "The Abominable Bride" е два пати поспецијална епизода отколку што би била во некои поинакви услови. Неизбежно е тој момент да биде прописно нагласен. Ако оваа современа инкарнација на Шерлок функционира беспрекорно, не можеш да останеш воздржан од љупобитноста која очигледно го прогонувала и самиот Мофат - како би се снашол детективот во некое потрадиционално опкружување какво што е викторијанскиот Лондон? Под сликата нема спојлери, така што слободно повели натаму.


По кусо утврдување на позициите на ликовите, Шерлок и Вотсон се соочени со нов мистериозен случај кој е навидум од натприроден карактер. Амбиентот и ерата во која се затекнати, дополнително го зајакнуваат ефектот на приказна за одмазнички дух, создавајќи приказна која е совршена за ден во кој би го напуштил ќебето само доколку останеш без никотинските залихи. "The Abominable Bride" умешно кокетира со нијансите кои ги носи редовниот концепт на серијата, а некогаш целосно ги судира двете верзии и самоуверено застанува зад самата идеја на ваквата специјална епизода. Смело, но доволно резервирано за да не изгледа како евтин трик, и функционално, зошто се истакнува како продолжение на тековните епизоди, и покрај тоа што веројатно може самостојно да се потпре на тоа што е. 

Иако епизодата е крајно возбудлива, особено со пресвртите кои сигурно нема да ги очекуваш, самиот случај е можеби најпредвидливиот што Шерлок некогаш го решавал во серијата. Не е воопшто страшно ова нели, само некако полесно се гледа низ густата магла. Но, како свежа доза од генијалноста на Камбрљањџенг и Мартин Фримен каква нема да имаш до 2017, супер е. Од друга страна пак, кога е волку ретко, внимателниот третман е очигледен и директно одговорен за општиот квалитет на серијата.

Се надевам дека доколку во иднина вакви специјални епизоди станат традиција, ликовите повторно ќе се вратат на своите "старомодни" корени. Лично, доволно сум приврзан за модерната варијанта за да би ја трампал за било што друго, но вакви интересни отстапувања се секогаш добредојдени кога ја збогатуваат целата слика.

May 15, 2014

Не сери, Шерлок!

Последниве месеци имав прилика да изгледам две британски серии кои комплетно ме разнесоа. Black Mirror и Sherlock. Двете заслужуваат посебен третман тука, ама ќе почнам со Sherlock зошто ми е посвежа.

Стивен Мофат и Марк Гатис, едни од луѓето одговорни за заживувањето на моменталната популарност на Doctor Who, решаваат да седнат и да го донесат најпознатиот детектив на сите времиња во денешно време. Нивниот Шерлок живее во модерен Лондон и користи современа технологија. Вотсон е воен ветеран, но со искуство во Авганистан. "Не сери!" моментот доаѓа некои десетина минути откако ќе почне првата епизода. Целиот скептицизам за модерен Шерлок го снемува како дим од луле, додека се чудиш на брилијатноста на серијата. Следно, се жалиш зошто се само девет епизоди, па зошто треба да чекаш две години за следната, сето тоа додека маратонски ги прегледуваш.


Изворниот материјал го знам грубо, да речам од општа култура. Знам дека Шерлок е генијален детектив со необични методи за решавање случаи, дека пуши луле, свири виолина, живее на Бејкер Стрит и носи кариран капут и капа. Дека има помошник Вотсон, брат со моќна позиција во британската влада и главен душман што се вика Мориjарти. Доволно знам за да скокам од кревет на секоја референца кон суштината и карактеристиките на ликот и општо целиот тој свет. Како што серијата напредува од епизода во епизода, писателите се грижат за секој детал да добие некакво внимание. Можеби Шерлок не изгледа како генералната слика позната на светот, но митот е елегантно запазен. Наместо луле, се откажува од цигари и користи никотински налепници. Капата на почетокот ја нема, но подоцна станува несакан заштитен знак откако ќе искористи таква карирана за да се скрие од новинари. Целото тоа е многу фино изведено, бидејќи станува култ и за околината во која Шерлок егзистира во серијата. Со мало истражување, дознав дека не е само визуелниот дел така испочитуван, туку и мали ликови и приказни кои излегле од умот на Артур Конан Дојл своевремено. 

Бенедикт Камбњрњеабеч е совршениот избор. Неверојатно е како добро пренесува егоцентричен гениј опседнат со неговата работа кој едвај покажува други човечки емоции и е така малку арогантен кон луѓето и околината, дури и со тие што му се блиски или ги чувствува како такви. А, харизмата му е толку голема што некогаш едвај ми ја собира на монитор. Мартин Фримен е одличен како Вотсон. За овој Вотсон што е тука, нема подобар избор. Иако најпознатите улоги му се сличен лик, супер се вклопува. Хемијата меѓу двајцата е уште еден фактор што ја прави Sherlock толку добра серија. Камсдхњрч е инаку толку добар, што сериозно размислувам деновиве да го гледам Star Trek Into Darkness, за да го видам каков е како негативец. И, да видиме како останатото може да се исплука, нели.

Серијата е прекрасно искуство и топло ја препорачувам. Интелигентно напишани епизоди, траат саат и пол и те држат на пола газ цело време. Некогаш жалам што форматот е таков, зошто ми е некако премалку, ама сепак во таа минутажа случаите се феноменално раскажани, баш поради ваквата нарација.