Не дека некој ме праша, но задоволство ќе ја пречекам новата Star Trek серија. Се обидувам да се сетам на квалитетен телевизиски СФ сместен во вселена од последниве неколку години, и освен Firefly и првите две сезони на Battlestar Galactica ништо друго не ми доаѓа на ум. А, од тие две серии е поминато многу, многу време. Дадов шанса на Dark Matter, дури дадов шанса и на Defiance, меѓутоа не успеаа да ме задржат повеќе од две-три епизоди. Defiance можеби и не е толку лоша, само што вкусот ми е еволуиран од времето на кое припаѓа. Пред десетина години можеби ќе ми изгледаше како најдобрата серија на телевизија.
Пред точно десет години и Star Trek замина од природното живеалиште, малите екрани. Во меѓувреме, процедуралните серии почнаа да изветвуваат, телевизиските наративи напреднаа на повисоко ниво, а и самата популарност на Star Trek е значително намалена. Или, барем не е во толку фокусот на мејнстримот како некогаш. Во јануари 2017 почнува нов серијал на CBS, односно нивната pay-per-view платформа All Access. Ако погледнеш каков ужас нуди телевизијата моментално, плукањето на ваквиот бизнис потег е сосема оправдано. Како ќе дојде серијата до оние што не сакаат да платат, освен преку пиратерија? Колку луѓе денес ќе се претплатат ексклузивно за Star Trek? Далеку од тоа дека ме засега лично, но се надевам дека CBS ќе ја разгледа одлуката само за да може новиот Star Trek да има поширока публика.
Сепак, најбитното е самата содржина, без оглед на начинот на кој ќе биде дистрибуирана. Позитивното е тоа што конечно ќе има нов екипаж, зошто сериозно, кој би сакал да гледа уште еден римејк? Во најлошото сценарио, ќе биде во истиот универзум на Абрамс, во случај да сакаат да градат ист тајмлајн како што Marvel го прави тоа со глупи серии. Добро, и не толку глупи. Не дека тој универзум на Абрамс е комплетно промашување, но не гледам реална причина зошто би се отфрлил канон кој се градел 40 години за нешто што е толку свежо и никогаш не доби некоја сериозна тежина. Ете, официјално е дека нема да има поврзаност со третиот филм, Star Trek Beyond, но не видов потврда за каде точно ќе е сместено дејствието во серијата. Сакам да видам пензиониран Пикард, а не гостување на Закари Квинто во пилот-епизодата. Никаква "реимагинација" нема да пројде. Не значи дека ако тоа донесе финансиски успех со два филм, ќе се случи Battlestar Galactica. Star Trek треба да оди напред.
Се надевам само дека ќе успеат да ги задржат идеите на Роденбери, барем онака како што од денешна перспектива би можеле да се третираат. Далеку сме од неговата утопија, меѓутоа некои негови визии, особено технолошките, се денес реалност. Прифатени се некои концепти и идеи кои тогаш сами по себе биле "научна фантастика", а има уште многу останати со кои новата серија би можела да се занимава и да го задржи фундаменталниот тон. Star Trek е, очекувам да биде испочитувано како такво.
Иако оној формат на една приказна по епизода го прават Star Trek толку фин, овој пат сакам да видам нешто што ќе се протега низ цела сезона. Не само аркови врзани меѓусебно, туку јасна тема која ќе се отплеткува од епизода во епизода. Многу повеќе од брод изгубен во Делта Квадрант или Dominion War. Ајде CBS, може сте плодна почва за одгледување срања како CSI: Cyber, ама ова е Star Trek, мора повнимателен пристап. Сега е шансата за нова Star Trek револуција и серија што ќе ги диктира новите стандарди за како се прави СФ во вселена. Не ја заебувајте.
Види такоѓе:
Види такоѓе:
No comments:
Post a Comment