November 23, 2015

The Маn From U.N.С.L.Е. (2015)

Има еден неофицијален жанр на филмови, се вика "за во недела". Не дека не се за било кој друг ден, меѓутоа во недела се многу поефективни зошто полесно можеш да си ги спуштиш критериумите во име на два саата лежење и зјапање во слики што мрдаат. The Man From U.N.C.L.E. е баш таков. Нуклеарки, нацисти, американски, британски и руски тајни служби за време на Студената војна, во акциона комедија која е свесна за тоа што е, а недостатоците симпатично ги маскира со фин визуелен стил и финти што можеби ќе ги памтиш и следните три дена. Не успева да пробие над просекот, ама барем нема да си го бараш назад потрошеното време. 


Филмот е адаптација на истоимената серија од 60-ти, каде што врвни агенти на неколку тајни служби работат заедно во интернационалната приватна агенција U.N.C.L.E. Бонд влијанието е премногу очигледно, серијата била прикажувана во времето кога баба ти воздивнувала на Шон Конери, но Гај Ричи за филмот се потрудил да му даде поинаков тон од денешниот Бонд, па претпоставувам оттаму е и тој благ noir, кој за жал е недоволно искористен. Исто како и самите ликови. Некогаш нивните карактери си ги склопуваш по сопствена претпоставка зошто филмот ги нуди во резервирана доза, но за среќа дејствието е брзо и интензивно, па ќе ти го одвлече вниманието. Покрај тоа, недела е, и онака те мрзи да го изгасиш за да пуштиш друго со сличен квалитет. 

Хенри Кавил не знае да глуми. Изгледа одлично на слики како Супермен, но напорот што го прави не е поголем од оној на манекен во реклама за парфем или долна облека. Не знам каков филм му е потребен за да му го потенцира евентуалниот актерски квалитет, но дефинитивно не се снаоѓа со суперхерои и тајни агенти. А, бил на аудиција и за Бонд. Арми Хамер го гледам првпат. Има ужасен руски акцент, дискутабилна харизма и изгледа како да му се смешни сериозните реплики што Гај Ричи му ги дал да ги научи и пак успева да е подобар од Кавил. Единствената светла точка во целата екипа е Алисија Викандер од Ex-Machina. Сите ограничувања што тој филм ѝ ги постави, тука ги нема и најпосле доаѓа до израз нејзиниот талент. Браво. Можеби само изгледаше подобро во однос на другите околу, но успеа да ми остави добар впечаток.

The Man from U.N.C.L.E. не е ни меѓу најдобрите филмови од оваа година, не е филмот што не се пропушта, ама ако имаш избор помеѓу ова и Ant-Man, не се мисли понатаму. Гледај го U.N.C.L.E. два пати ако треба, само држи се настрана од Ant-Man. Симнати ти се двата, знам, веројатно во ист ден.

No comments: