November 9, 2015

Будењето на Силата

Ова ми е 900-тиот пост на Crapwerk, 120-тиот оваа година. Мал јубилеј што доаѓа две недели пред деветтиот роденден кој ќе биде соодветно прославен со молдавски проститутки во Боба Фет шлемови и пола кило колумбиски кокаин. Но, деталите за забавата на страна, за шест недели во кината пристигнува најголемиот филм во последниве години, The Force Awakens со кој сега ќе се позанимавам за последен пат пред премиерата. Силата е насекаде моментално. Низ цел интернет, во џебот на Дизни акционерите, во твојот тазе измислен "гиковски" идентитет, во книги и стрипови, игри, секаде. Маркетингот е јак со оваа франшиза, успешно допира до сите мрачни ќошиња на планетата. 


Го изгледав трејлерот, ја изгледав и јапонската варијанта, а и она кратко промо наменето за телевизија. Добро е, одлични се. Тоа е тоа, другари, тоа е тој Star Wars што Лукас сам не можеше да го скрои. Немам никакви сомнежи за квалитетот, зошто тим од пеесетина советници и луѓе што го истражиле пазарот веќе знаат што сака публиката да види и мали се шансите за пропаст. Сака да се осеќа како дома, во Star Wars што им ги топли душите, што ќе делува познато иако ќе се третира како нов. Rebels веќе успешно го спроведува тоа, го осеќам со секоја епизода од новата сезона, каде што пак и пак "преработуваат" сцени и кадри од оргиналната трилогија за да се создаде тоа чувство. Ќе функционира додека не почне да старее, а моментално експлоатацијата не е стигната до никаква критична точка, па...

Дизни не се од вчера, знаат дека тоа ќе успее и тука. Колку кадри препозна во трејлерите што те асоцираат на првиот филм? Премногу? Последниот пат кога визијата ја напушти комфортната зона во која публиката ги тегнела нозете со децении, знаеме како заврши тоа. Џорџ Лукас ти го уништи детството, зар не? Овој пат перцепцијата внимателно се поправа, се прилагодува на вкусовите и навиките, само за твое комплетно уживање. Профитот е на сметка на твојата забава, но уживаш во тоа. Уживам и јас, очигледно е. Затоа ќе се навалиме заедно во кино и ќе дозволиме да нè допре Силата специјално сошиена по наша мерка, крајните корисници. Не можеш против, зошто едноставно не сакаш. Знаеш што се крие зад магијата, можеш да ги видиш запчаниците на машинеријата, ама веќе одамна си се предал, заложник си по своја волја.

Секогаш верував дека Star Wars е преголем за да заринка лошо во пустина. Можеби сум во право. А, можеби ќе сопре светото млеко после неколку години, па сите ќе си одиме дома презаситени. Секоја популарност има точка на вриење, ниту една империја не владеела вечно. А, овој пат Силата е во раце кои може да ја прегорат од играње. Колку повеќе од истото е доволно? Сепак, целосно ја задржувам возбудата до декември. Убеден сум дека ќе се исплати, барем овој пат.

No comments: