November 7, 2015

Lok'tar ogar!

По години, години нестрпливо агонично чекање, Warcraft филмот конечно се случува. Официјалниот трејлер се истовари на интернет и го ветува целиот тој спектакуларен поглед на Азерот што секогаш се надевав дека ќе дочекам да го видам. Речиси е тука, најпосле на дофат, и комплетно ми ја руши објективната перспектива. Ова ќе биде најдоброто нешто што сум го гледал, макар било и група Орки кои ќе берат по десет јагоди за дејли квест. Не можам да видам каде би можеле работите да отидат јужно, кога толку прецизно се поклопува со мојот детски сон и визија. Стормвинд ќе го дочекам на филм, мостот кон Лејкшајр, Порталот, Каразан... Тоа што првиот пат го искусив во World of Warcraft, сега е тука пред мене во формат за кој би ја пиел крвта на Манорот да го доживеам. А, дали ова на сликата подолу е Кросроудс и Орките ќе се придвижат кон ова што денес е Дуротар?


Единствено нешто што ме загрижува е како ќе биде пречекан филмот од публиката. Моето мислење е веќе слепо оформено како за ништо претходно до сега, дури ни за кобниот Prometheus. Само финансиски неуспех, иако се сомневам дека ќе се случи, би можело да ме лиши од една епска трилогија каде што ќе дочекам да ги видам Илидан и Артас? Само тоа, тоа се надевам, дека Данкан Џонс успеал да создаде нешто што ќе ги предизвика истите морници кај доволен број луѓе од чиј џеб студиото ќе ги извлече продолженијата. Франшизата е далеку од врвот на својата популарност, играта не е наголемиот феномен во поп култура, па веројатно ќе биде потребно нешто повеќе од Avatar со Орки за да се обезбеди светла иднина и развој. Шансата е една, ве молам не се посерувајте врз неа. 

Синоќешниот Blizzcon ја зајакна и најавата за новата World of Warcraft експанзија, Legion, со новиот конечен синематик. Обично падавичарам на секое вакво видео од The Burning Crusade навака, со панично превртување по под и сè,  меѓутоа овој пат сум некако порамнодушен. Се радувам за Legion секако, меѓутоа трејлерот за филмот некако ми ја засенува целата возбуда. Тизерот што излезе во август ми беше далеку поефективен, веројатно зошто сум многу послаб на Гул'дан отколку на Варијан и Силванас. Сепак, самата експанзија изгледа како една од најдобрите до сега, без разлика што повторно се повикува на носталгијата од најдобрите денови. 

Занимливо е како ќе успеат да го вметнат патувањето назад во времето на Дренор во целиот тек на левелирање кој треба да овозможи и ослободување од ендгејмот во претходната експанзија, но ова беше потенцијален "проблем" што се јави уште во првиот момент кога стапнавме таму. Не е нешто што не би можело еден квест да го реши, но што е со Гарнизоните што мене ми го сјебаа природниот тек на левелирање професии? Сакам да го изгорам тоа гомно до земја и да се вратам на традиционалниот начин кој нема да ме држи како заложник во досадна инстанца со саати. Сакам фокус на отворен свет, како што отсекогаш било. Океј?

Warcraft филмот ќе ја има премиерата на 10-ти јуни 2016. Најдобриот почеток на летен распуст ако си дете со такви привилегии. Legion ќе се обиде дополнително да ќари и од тој маркетинг, со датум на излегување најдоцна на 21-ви септември истата година. Епска година за една од најдобрите франшизи на сите времиња, нели?

No comments: