November 15, 2015

Ant-Маn (2015)

Мислев дека конечниот колапс на Марвеловиот рецепт за правење суперхеројски филмови беше Age of Ultron. Не само што не се потруди да исплива од клишеата, туку удобно се потпре на нив, а виспрените дијалози ги замени со досадна акција и не покажа никаков напор да чепне под површината. Разочарувачка реализација што сосема заборави на намерите кои ги покажа со првиот Iron Man и некако ќефски ги третираше во следните неколку филмови. За Ant-Man веќе го имав напуштено возот кој насетив дека не се движи во безбедна насока, па сега месеци подоцна можам да мавтам кон катастрофата од сигурно. 


Разбирам дека е филм, меѓутоа навредливо е кога во замена за блага забава побарано е од тебе да си ја спуштиш интелигенцијата за да може да те намагарчи. Еве, дури и да се решиш да го простиш безобразното кршење на правилата на универзумот кој самиот филм ги поставува, да ја игнорираш физиката карактеристична за цртани филмови, пак е преполн со фекалии и ужива во обидите да ти нацрта смешни бркови со истите. Сценариото е тажно мрзливо, дијалозите развлекуваат неколку исти муабети раскажани со различни зборови, а мотивите на ликовите се толку шаблонски што нема потреба воопшто да зборуваат за можеш да ги превидиш.

Сè што се случува во Ant-Man e за сметка на шарените ефекти. Во еден момент поставува некои закони за како функционираат нештата, следниот веќе ги игнорира за да се случи некоја сцена за која некој проценил дека ќе биде интересна за публиката. Не дека ова е прва ваква појава, но кога гледаш дека не постои никаков труд за прикривање на трагите од лошите сценаристи, резултатите се очајно дебилна шарада.

Пол Рад очигледно се забавува и вреден е со тие неколку листови што му ги дале за дијалогот, Мајкл Даглас иако е океј, изгледа како воопшто да нема поим што се случува и во каков филм го однела професијата, а Еванџелин Лили жалосно се тетрави да блесне во нешто за кое менаџерот ја советувал дека ова ќе е добро за нејзината кариера. Популарно ќе биде ова Лили, дај сè од себе. Не, ќе бидеш многу порелеватна отколку во The Hobbit, само глуми дека трогателно плачеш во оваа сцена и импровизирај некаков дијалог, нашите сценаристи отидоа на доктор зошто ги заболе за филмов. Ужас. 

Единствената забава што ми ја пружи Ant-Man е погодувањето на следната сцена и сеирот на милиони луѓе што се убедени дека ова е добро. Дека Марвел градат некаква огромна слика и покрај тоа што го донеле најевтиниот Авенџер да форсира поврзување на делчиња кои можеби и не припаѓаат заедно. Ова е дното за франшизата, се надевам дека и точката каде што овој глупав суперхеројски тренд ќе почне да чекори кон сигурна смрт. Доста е веќе со изметоциве.

1 comment:

Anonymous said...

не знам како ви се гледа филм со Пол Руд, лол, единствениот пат кога типов беше кул е кога го читаше Ниче у Клуелес