December 2, 2014

Каде е Џесика Хајд?

Мислев дека после Black Mirror и Sherlock нема шанси да бидам пријатно изненаден од британска телевизија. Или телевизија генерално. Тогаш налетав на Utopia. Очигледно, оргиналните идеи се умрени малку позападно, а надежта лежи во продукција што не ми е доволно истражена. Utopia има две сезони, со по шест епизоди. Веројатно ќе треба да пројде некој ден да си ги соберам парчињата мозок од подот пред да ја почнам втората сезона.


Најдобрата услуга што можев да си ја направам е да не прочитам ама баш ништо, туку само да верувам на препорака. Единствено нешто што треба да се знае, е дека се работи за Utopia од 2013 со дречлив жолт омот. 8.6 е рејтингот на IMDb, не отварај, еве ти кажувам! Има и две други серии (од 2014) кои немаат никаква врска со ова, а зошто знам луѓе што се збунија, морам да го нагласам ова. Затоа единственото нешто што можам да го пишам е груб опис на првата сцена. Двајца сомнителни ликови влегуваат во продавница за стрипови, и бараат нешто што веќе не е таму. Покрај тоа, упорни се со прашањето "Каде е Џесика Хајд?" за која присутните очигледно не знаат ништо. Прилично се сериозни и напнати, и нема да сопрат на ништо.

Нема да навлегувам во приказната и ликовите, само ќе кажам дека е оној тип на серии каде што има константна тензија, пресврти и на никој од ликовите не можеш да му веруваш во ниту еден момент. И, тоа не зборам за онакво напнато брзо Џек Бауер темпо. Спора е, ама некако успева цело време да те држи потстанат. Пресвртите обично варираат од превртување очи до стопирање на епизодата за да се испцуеш на раат. И, таман мислиш дека си го видел најстрашното, пет минути покасно фрлаш со предмет кон мониторот. Она што ја прави уште подобра, е феноменалната режија и фотографија. Тоа и прво го забележав пред да сконтам што всушност се обидува да ми продаде Utopia. Боите и констрастите, и општо деталите на сетовите што ги има во серијата, изгледаат како режисерската екипа наместо на столче, да седела на Тери Гилијам.

Веројатно трета сезона нема да има. Ова што е излезено до сега е доволно за гледање на рипит. HBO веќе спрема римејк на ова (муабетот за оргинални идеи е најгоре), и уште сега имам тапа болка во стомак од сликата како ја касапат оваа мајсторија. Без разлика што Дејвид Финчер е задолжен за римејкот, некако сум крајно скептичен.

2 comments:

Anonymous said...

Имаш среќа што не си ја гледал втората сезона бидејќи е многу подобра од првата сезона. Јас првата лани или кога и да беше не ја ни догледав ко шо треба ама затоа втората ја изгледав во 2 дена.
Пробај Broadchurch или Inside No. 9 за фантастични plot twists и многу повеќе.

Бојан Николов said...

Ќе ја почнам втора деновиве. Фала за препораките, Broadchurch планирав да ја ѕирнам ради Дејвид Тенант. :)