March 29, 2014

Околу новите Нинџа Желки

Имам измешани чувства за новиот Нинџа Желки филм. Очекував да го мразам како да е новиот оклоп на Робокап, а сега се трудам некако да си го оправдам трејлерот што излезе пред некој ден. Уште претходно имаше лоша клима околу филмов. Од самиот момент кога Мајкл Беј најави инволвираност (како продуцент, ако е некаква утеха), па до гласините дека потеклото на Желките ќе биде вонземско. Вонземско, иако во насловот стои дека се мутанти, така? Мутанти од вселената само ќе ги искомплицираа стварите, така што гледам дека го отфрлиле тој дел.

Затоа што не може ништо да пројде без изворниот материјал да биде изменет, течноста која ги мутира Желките, нема да е со сомнително потекло. Ниту пак улогата на Ејприл во животите на Желките ќе е случајна. Од тоа што сега е познато, Шредер, кој делува поприлично американски, работел на течноста заедно со таткото на Ејприл. Тотално непотребно врзување на точки на приказна која со децении функционирала добро. Доколку сево ова е некаде веќе обработено во друг медиум, настрана од цртаните серии, го имам пропуштено. Но, ако ги земеме тие Нинџа Желки со кои растеше мојата генерација, таму ќе видиме малку поинаква приказна. И, поедноставна. 


До сега, Teenage Mutant Ninja Turtles ми биле забавни во секој формат со кој сум имал контакт. Ги сакам сите серии што ми прошле низ раце, оргиналните филмови, па дури и оној од 2007. Љубовта кон овие ликови ми е толку интензивна, што дури и она што било лошо не било толку добро, ми било забавно. Баш поради ова, сакам да го сакам новиот филм. Во никој случај нема да го пропуштам. Дизајнот на Желките и не е толку лош. Освен оргиналните стрипови и оргиналната цртана серија, скоро секаде Желките се разликуваат меѓусебе по нешто што не е бојата маските. Мене, ми се свиѓаат вакви какви што се. А, од ова што можам да видам, карактеристиките на ликовите се изразени и преку нивниот физички изглед. Пример, Донатело има некаква механичка направа на грбот, а Микеланџело има дуксер врзан на половина. Без разлика дали воопшто тој дуксер може да го собере! :) За кастингот нема да коментирам, не ми се битни кои се актерите врз кои ќе бидат излепени компјутерски генерирани желки, а и Меган Фокс што е само онака... визуелен бонус. Сакам да видам како изгледа Нинџа Желки да прават растур низ Њујорк со огромен буџет!

Секоја генерација заслужува да си има свои Нинџа Желки, па макар биле и овие што изгледаат како Шрек. Мислам дека чим еднаш сум прифатил антропоморфни желки што се нинџи (и мутанти, а не од друга планета), ќе ја прифатам секоја нивна инкарнација. За ова, не можам да ситничарам. Затоа и некако сум позитивен и околу новиов филм. Чим на овие години ми се интересни и оргиналните филмови (не само поради носталгија!), немам гајле за овој. Океј, освен ако не е некое колосално промашување што ќе ме натера да го голтнам постов... Ваљда, не?

1 comment:

Walter Mitty said...

Јас мислам ќе е добар , нема да истиот шмек како старииите цртани. али ќе одам да го гледам.