За Neverwinter се токмам да пишам од лани. Во период од пауза од WoW, обично кликам по разни ММО-а колку да ја примам дозата. Видов дека Neverwinter е достапна на Steam, па викам, зошто да не. Пројде долго време од бетата, редно е да се види како еволуирала играта од тогаш. Ги следев новостите изминативе месеци, ама онака грубо, без комплетно јасна слика што е ново. А, има многу нови ствари кои покажуваат дека потенцијалот што го имаше е фино искористен.
Neverwinter е бесплатно ММО, со микротрансакции, кои според она што го видов, знаеле да го нарушат гејмплејот на играчите кои не плаќаат на повисоките левели. Меѓутоа, далеку сум од тоа, не планирам сериозно да играм, а уште помалку да плаќам. Другите викаат дека може да се игра и така, а реално и она бесплатно го нуди играта ми е сосема доволно. Сум видел и побезобразни модели на микротрансакции.
Што се случило во меѓувреме? Прво, Perfect World, компанијата која стои зад Neverwinter се има продадено на некаква грозна платформа, па моментално официјалниот сајт и не е баш најдостапен. Барем таму каде што имаше основни информации за она што го нуди играта. Другата голема промена се однесува на самата игра нели, и пријатно ме изненади. Ако добро памтам, тогаш имаше три сервери, две класи и две раси и многу помалку квестови од сега. Моментално, сите сервери се мерџирани во еден голем, каде што функционираат сите акаунти, дури и мојот. Бесплатно, има можност за креирање на два карактери, па бев принуден да избришам еден што веројатно никогаш пак немаше да го играм. Направив Dwarf Hunter Ranger, класа која тогаш ја немаше како и останатите 3, од вкупно 6. Исто така има и нови раси кои допрва планирам да ги пробам со некоја друга класа.
Во суштина, Neverwinter е dungeon crawler спакуван како RPG во трето лице. Нема отворен свет, туку хабови кои се разгрануваат и го носат играчот во други делови од светот, Forgotten Realms, директно излезен од Dungeons & Dragons. Преубаво дизајниран, полн со детали, а и играчи, за среќа. Доколку ова беше отворен свет, веројатно искуството ќе беше уште подобро. Функционира и вака, баш затоа што е свежа во однос на клоновите на WoW. Спеловите и самите борби се интересни, имаат фин систем за левелирање и механика, па играчот не е преоптоварен со невозможен избор или небитни глупости. Иако е едноставно, направено е да биде практично и забавно.
Она што мене најмногу ми се допаѓа е што заедницата е кул. Играчите си помагаат меѓусебно и нема екстремен елитизам. Кога ќе поставиш прашање на глобалниот чет, добиваш дваесетина нормални одговори за една минута. А, она што е друго клучно тука, е алатката нарачена The Foundry. Преку ова, секој играч може да се создаде сопствен квест и да им го понуди на другите да го изиграат. Има рангирање за да се избегнат лошите, а тие што котираат највисоко се стварно вредни. Достапни се преку локации во самата игра, огласни табли или сомнителни NPC-ја кои ти ги нудат во некое забутано ќоше.
Neverwinter нуди и PvP. Не успеав да видам каков прогрес имаат направено на тоа поле сега, тогаш со тие две класи беше некако досадно. Би требало сега да е поинтересно со овие класи, кога ќе пробам, ќе пишам.
No comments:
Post a Comment