Потрагата по свежа епска фантастика ме донесе до Mistborn трилогијата на Брендон Сандерсон. За Брендон Сандерсон не знаев многу, освен дека има популарен тековен серијал The Stormlight Archive и дека ги довршува The Wheel of Time книгите на покојниот Роберт Џордан. Mistborn ја купив практично на слепо, заради репутацијата на Сандерсон и пустата желба за евентуално добра приказна што не е научна-фантастика. Само што ја затворив The Final Empire, ми дојдоа милион прашања од типот, "зошто ова не е културолошки феномен како Game of Thrones?!". Сандерсон всушност и бил многу блиску до претварање на ова книжевно ремек-дело во друг медиум. Правата за филмска адаптација на Mistborn биле продадени уште во 2010, но компанијата каде што завршиле не успеала во рок од четири години да сними било што, па така што денес се пак назад кај него, и го чекаат јунакот што на светот ќе му донесе уште еден фантастичен еп. Но, веќе има RPG игра во стилот на Dungeons & Dragons, а следната година пристигнува и игра за PC и конзоли, Mistborn: Birthright. Серијалот не е ни десет години стар, но полека се обидува да излезе од своето хартиено живеалиште, пробивајќи го патот кон друг медиум. Што мене искрено ме радува, зошто ако нешто од жанрот е "следната голема работа", тоа е ова.
Mistborn е сместена во Скадријал, земјата на Последната Империја, со која стотици години брутално владее тиранинот кој жителите го знаат како Лорд Рулер (Lord Ruler, ај како да те преведам без да звучи евтино?). Народот е поделен на аристократски куќи, чија позиција семејствата ја утврдиле при коалицирањето со мистериозниот владетел, и сиромашните селани и робови, наречени "скаа", кои ги работат жолтите плантажи на режимот. Сонцето одамна не грее како претходно, зелените растенија и цвеќињата се мит од уметнички слики, а од небото постојано паѓа пепел, правејќи ги градбите во главниот град Лутадел, целосно црни. Преку ноќ, целата земја ја прекрива густа магла во која никој не се осмелува да зачекори. Легендите за монструозни суштества кои шетаат во магливиот мрак го прават "полицискиот час" уште посериозен.
Единствените кои без никаков страв се осмелуваат да зачекорат во ноќната магла, се група на луѓе познати како Мистборни. Користат магиски способности, кои својата моќ ја добиваат од согорување на разни метали во телото кои ги внесуваат преку мали епрувети. Нешто како мана, која доаѓа од метален прашок измешан во шишенце со течност. Како некој што играл еден тон игри од овој жанр, тврдам дека "науката" зад Аломансијата, како што Сандерсон ја нарекува, е најуникатното и најлогичното нешто што може да се сретне. Толку добро го објаснува и испорачува, што можеш само да климнеш со глава и да се согласиш. Во зависност од тоа каков тип на метален прашок има Аломансерот во себе и може да го користи (ги немаат сите истите моќи), таков е типот на "спелот". Од манипулирање емоции, акробатско летање низ воздух, па до телекинеза и Магнето тип на финти. Аломансијата не е единствениот тип на магиски талент што се среќава во светот, меѓутоа во првата книга е во преден план.
The Final Empire почнува како класичната херојска приказна. На почетокот дури потсеќа и на Star Wars, веројатно свесна замка, но во еден момент Сандерсон преку еден од ликовите нагласува дека Аломансијата не треба да се нарекува "the Force". Асоцијациите набргу се одвојуваат од "познатиот формат" и сетинг, претворајќи се во нешто сосема уникатно. Вин, млада девојка сирак, скаа, која се задружува со разни криминалци кои ги ограбуваат аристократите налетува на Келсиер, одметник и да, исто така криминалец, преживеан од легендарното поле за убивање непослушни на дикаторот од погоре со името кое преведено звучи смешно. Келсиер е полу-скаа, Мистборн, и е нешто како Кеноби на Вин. Со мала група бандити и измамници, е решен да го сруши режимот, и да и помогне на Вин која не е ни свесна дека постои Аломансија, а и дека таа чудната способност што ја има од многу мала е баш тоа.
Стилот на Сандерсон е толку прецизен што пола книга си ја свртел за едно попладне без да приметиш. Приказната цело време тера без да го намали темпото и интензитетот, а ликовите се толку добро создадени па од самиот почеток ги стискаш кориците кога ќе се најдат во напната ситуација. Не сакам да навлегувам во детали поради спојлери, барем за првата книга, така што ќе мораш да ми веруваш на зборот. Сандерсон не сопира со Mistborn и пепелниот мрачен свет тука. Во 2011 ја издава Mistborn: The Alloy of Law, самостојна приказна во истиот универзум, но со други ликови, а веќе работи и на нова трилогија. Деновиве почнувам да ја читам и втората книга, The Well of Ascension, па ќе пишам штом ја довршам последната страница.
No comments:
Post a Comment