Според она што го знаев за Horizon Zero Dawn, играва требаше да ме држи многу повеќе од дваесетина саати. Барем третина од тоа време се форсирав да продолжам да играм и покрај тоа што интересот ми овена рано во главната мисија од која успеав да испукам повеќе од пола. Јасно ми е дека седнав на шест години стар наслов кој до пред некое време беше достапен само за публика што ја купува истата игра со фудбал секоја есен, ама вака теоретски ми звучеше на нешто што ќе мe заглави како The Witcher 3, Red Dead Redemption 2 или Assassin's Creed Origins.
Затоа и ја чував така одамна купена за кога ќе знам дека нема да играм ништо друго. Horizon Zero Dawn може била добра и свежа некогаш во 2017. Денес имам чувство како веќе да сум ја играл во поквалитетна варијанта. Обожавам игри во отворен свет со неограничена слобода на движење, ама очигледно концептот ми е веќе бајат после неколку вакви што делат сличен дизајн. Структурата на мисиите е премногу блиска со The Witcher 3 и ја има истана онаа досадна механика што е доволно да ја видиш во една игра. Доаѓаш на обележаната локација, кликаш копче за да ја "скенираш" ситуацијата и после следиш некакви траги низ пола мапа за пак да кликнеш копче или да удираш во нешто додека не умре.
Horizon Zero Dawn не те ни пушта да скршнеш од шината. Џабе што е отворен светот ако буквално секоја мисија мора да ја завршиш како што самата игра те носи за рака и притоа не ти дава издржана причина да истражуваш. Текстот што го добиваш не е јасен и наменет за да можеш да ги изгасиш маркерите и да се шуњаш сам да наоѓаш ствари. Само си приморан да следиш насоки без да избегаш од трасата. Штета е зошто светот во Horizon Zero Dawn изгледа сериозно прекрасно. Визуелно е еден од најубавите што сум ги сретнал во игра. И, еден од најпразните.
Приказната е сместена во пост-апокалиптична иднина каде што човештвото е сведено на племенски заедници, копја и стрели со кои лови џиновски роботи останати од "древната" цивилизација за која не знаат многу. Мистеријата е доволно привлечна за да те закачи на светот, меѓутоа играта истовремено е толку штура што нема некоја друга забавна активност освен правење скриншоти. Да, супер е секој пејзаж што ќе го начекаш, таква живописна природа веројатно недопрена со векови што обвиткала некој остаток од напредно човештво, срушени згради, метални конструкции и споменици, ама и тоа престана да ме импресионира после неколку саати.
Доаѓаш на различни населени места и немаш ништо за правење. Интеракцијата со околината е минимална и незначајна. Низ приказната играта ти ветува некојси главен град и тоа можеби ми беше најинтересниот саат тука. Цела авантура е додека стигнеш пешки. Не играв никакви сајд квестови по пат, само пешачев, берев глупави цвеќиња, се тепав со бандити и роботски елени и се надевав дека ќе ме затекне нешто што подетално ќе ми раскаже за културата на ова општество, како живеат, какво им е секојдневието. Доаѓаш во градот - штама. Три квеста како претходните триесет и двајца трговци што ти ја нудат истата роба.
Спореди со Red Dead Redemption 2 колку е поживо таму кога шеташ и јаваш наоколу. Ќе начекаш сомнителни фаци што варат илегален алкохол, ќе крадеш кочии, ќе спасиш некои несреќници од непријатна ситуација, некој ќе проба да те ограби. Баш работи што се својствени за идентитетот на играта и контекстот во кој се случува. Сите ликови што ќе ги сретнеш се интересни и имаат некаква приказна. Можеш само да седнеш и да играш покер со саати. Знаеш, каубојски ствари. Сè што нудел Дивиот Запад ќе го искусиш во RDR2.
Со The Witcher 3 е слична ситуацијата. Можеби нема такви случајни случки, ама има многу споредни мисии што се директно поврзани со експертизата на Гералт. Има пожив свет. Има и гвент. Не е дека нема досадни квестови и таму, меѓутоа на повеќето им треба баш вичер за да бидат решени. Поимерзивно е кога споредната содржина има некаква врска со ликот што го играш, макар и механиката да е репетитивна. Играта комплетно те става во улогата на Гералт и неговиот еснаф.
Во Horizon Zero Dawn играш со Елој, лик што има некоја интересна позадина и мотив, меѓутоа за кратко сфаќаш дека нема карактеристики кои се неопходни за да биде единствената помош и спас за светот. Верувам дека било кој друг би можел да го најде изгубениот меч на братучедот на комшијата на поштарот во племето или да собере десет свински чмарови за новите шатори. Озбилно, буквално само диви свињи и фазани има во играта. Остатокот е роботски дивеч. Вакви квестови можеби функционираат во MMORPG игри, ама овде каде што си предефиниран лик со други грижи, некако немаат поента. Тука и ме одвои играта со ликот што го играм и не успеа да овозможи да си кликнеме пак.
Повеќето од тие споредни мисии ја имаат истата механика што ја спомнав. Го скенираш местото каде што исчезнал селанецот и му ја следиш потта или нешто, прикажана со светкаво розево за да те однесе до него. Некогаш некој ваков лик ќе го затекнеш жив, некогаш растргнат од механички мечки, ама никогаш нема никако да биде важно за било што поврзано со светот или големата приказна. Ваквиве мисии се присутни за колку да се каже дека играва трае четрсто саати. Пропуштена прилика за подетален развој на целиот фолклор. Или, па јас имав таква среќа да ги прерипам баш тие забавните, доколку постојат воопшто.
Проблемот со Horizon Zero Dawn ми е тоа што сите работи кои ги доживеав ми беа интересни само првиот пат. Штета, бидејќи почнува сериозно многу добро ама успева да се распадне после неколку саати. Чим го напуштиш првото селце - толку е. Ми беше само еднаш интересно кога се качив на џиновски механички диносаурс, еднаш кога исчистив бандитски камп или кога требаше да се прикрадам во трева за да уловам роботски тигар што го искористив како превозно средство.
"Стелт" механиката е најплитката што сум ја видел до сега. Разбирам дека е опционална тука, ама подобро да ја немало отколку да е ваква. Horizon Zero Dawn те учи дека можеш да се криеш и прикрадуваш во трева, да го скенираш и следиш патот на механичките суштества, ама освен во првиот квест каде што ќе ја научиш механиката - не функционира на ниедно друго место. Како некој да одлучил да измислува гејмплеј базиран на еден единствен квест. Разбирам дека ова не е Assassin's Creed, ама која е поентата да ми е дозволено да сум "тивок" ако можам да се скријам само на обележани места? Освен тоа, сите суштества имаат слична шема на детекција, нема простор за да си правиш различни стратегии, па иако е возможно и вака да ја играш, некако е глупаво и незабавно.
Пробував да продолжам да играм само поради уникатниот фолклор, ама стварно не можам со сила. Разбирам дека во 2017 го следеле трендот на вакви игри во отворен свет, само мислам дека самата приказна повеќе ќе ми залепеше доколку беше покомпактна, како новиве Tomb Raider или Star Wars Jedi: The Fallen Order. Не можам да го видам бенефитот од отворен свет тука. Можеби и Elden Ring ме научи на поинвентивен пристап за отворен свет и сега ваквово ми е мака, не знам. Ќе мора да ги пробам Спајдермен и Хари Потер игрине да видам дали озбилно ми се смачени ствариве што ги зборам или само Horizon Zero Dawn лошо ги имплементира. Не верувам дека ќе ја пуштам пак. Добра игра ја мислиш и кога не ја играш, а на ова приметив дека зевам додека чекам да се излоуда.
No comments:
Post a Comment