July 6, 2016

Дали сега e појасен Batman v Superman?

Да. Мислам, види. Ако едноставно не си уживал во филмот со сите негови маани, веројатно новата Ultimate Edition верзија нема да ги направи нештата многу поразлични. Има триесетина минути додатни сцени низ цел филм кои го зајакнуваат наративот и го прават пологичен, меѓутоа тука се и деталите што само алкохол и временска машина ќе ги скрпи. Но, ако потајно си мислиш дека Batman v Superman: Dawn of Justice е добар филм и покрај сè, а за да не бидеш гледан попреку од мнозинството хејтери си преќутел, ова е веројатно верзијата што ќе ти помогне да се смириш со сопствените ставови. Мене ми се свиѓаше филмот и првиот пат. Бев два пати во кино и цврсто стојам зад тоа непопуларно мислење дека е супер.


Оваа нова верзија само што ми го направи подобар. Уште од самиот почеток имаш впечаток дека гледаш многу покохеретен филм. На пример, сцената во тоа афричката вукојебина кога гинат луѓе и одговорноста се префрла на Супермен е многу подолга и појасна. Во оргиналната верзија никогаш не е спомнато дека фотографот со Лоис што испаѓа дека е агент е Џими Олсен. Една од поситните критики за филмот беше дека не го ни претставиле Џими пред да го убијат. Епа, тука барем добива шанса да се претстави. Сцената исто така има и материјал кој се обидува да направи смисла за тоа како Супермен е намесетен за жртвите, нешто што во оргиналната верзија можеше само да го погодуваш или па да ја започнеш страсната омраза кон следните два саати.

Темпото е поправено. Филмот сега тече многу поприродно. Сè уште ги има кратките брзи сцени што некогаш го прават филмот да изгледа како долг трејлер, но се значително намалени и збогатени со некоја секунда плус што некогаш прави разлика. Има сцени кои го прикажуваат Кларк како го слуша мислењето на луѓето за него кое му го зголемува товарот што го носи како херојот кој се обидува да е, го гледаш како оди во Готам и бидува новинар, нели тоа и треба да е. Дури и Лоис конечно прави некои новинарски ствари. Конечно гледаш што точно се случува и со криминалците што Бетмен ги жигосува. Не дека е којзнае колку битно, но супер се вклопува во духот на овој Бетмен што филмот сака да го прикаже. 

Самото тоа што гледаш работи кои ликовите ги прават, на самиот крај ги осеќаш поблиски. Не верувам дека е само од прегледувањето. Првпат ги осетив Лоис и Кларк како такви во моментот пред смртта на Супермен. Првпат да речам "еј, види Лоис и Кларк", а Кларк да не е Кристофер Рив или Дин Кејн. Чувствата што смртта на Супермен ги предизвикува на крајот се зајакнати баш од овој ситен детал. Новите сцени се прекратки и има еден куп други работи што одмогнуваат за добивање на асални Лоис и Кларк, но супер е што и ова малку придонесе кон нешто што комплетно отсуствува во Man of Steel, на пример. 

Последната сцена со Лутор е малку различна од оргинлната. Лутор тука го знае идентитетот на Бетмен и треба да биде префрлен во Аркам. Занимлив сетап. Можеби и нема да го искористат за следните филмови, но ете, Зек Снајдер сакал и таа карта да ја има во рака. Уште ми е нејасно зошто студиото не му дозволило да оди во кино со оваа верзија, туку го терале да касапи за да не трае три саати. Верувам дека Batman v Superman ќе добиеше многу повеќе љубов доколку ова беше тоа што пошироката публика ќе го доживееше првиот пат.

1 comment:

Гоце said...

Ќе се глеа викендов :) Иако "стандардната" верзија ја гледав петсто пати на лошата кинеска снимка :)