October 3, 2015

Град 17

Ќе почнам со неколку бројки. Математиката може нема да го даде бројот три како резултат, освен ако инсистираш да потврдиш со "вистинска" формула. 39 награди за игра на годината. Последната информација за продадени копии во 2011 е над дванаесет милиони. Денес бројката е многу поголема, сигурно. Шест години за развој кој чинел 40 милиони долари. Единаесет години подоцна, Half-Life 2 е уште релевантна и актуелна. Ја пуштив после години, и ја изиграв деновиве. Се чудам како некои концепти функционираат толку совршено како првиот пат. Да, носталгијата е битен фактор, меѓутоа фасцинантно е колку си го оправдува култниот статус. Не е дека немаше игри што импресионираа со технолошките биланси од 2004 навака, ама не се сеќавам дека се достигна тоа ниво на масовна хистерија како со Half -Life 2


Незаборавниот наратив, револуционерната физика на која е базиран гејмплејот и атмосферата што покрива неколку жанрови, создаваат перфектна целина која успева да биде свежа и денес. Сè е некако глатко и прецизно избалансирано. Првите впечтоци што ти ги создава ти остануваат врежани засекогаш во сеќавање. Нема да заборавиш каде е вентилот за вода што ќе ти овозможи да испливаш во тунелчето, на моторчето, на патиките на попот или кога си се враќал назад по мостот. Тој е, мостот во Half-Life 2. Така го памтиш, така ако го кажеш, сите ќе се сетат. Борбата низ улиците низ City 17? Собата со ласерите? Енергетските топки на крајот? Секако дека и други игри имаат слично искуство, но овде е различно. Поинтензивно е, поинаку го доживуваш. 


Немаш досадни синематици, не треба да водиш грижа за апгрејди на оружја или да микроменаџираш статистики. Пукаш. Решаваш по некоја загатка по пат, но во главно разнесуваш глави на зомбија, униформирани војници што пукаат во тебе и џиновски роботи и хеликоптери. Нема квази-реализам, па да носиш две оружја со тебе. Имаш цел арсенал на располагање и една битна хебла. Твое е како ќе го користиш и покрај тоа што секое е можеби предвидено за различна ситуација. Сакаш да пукаш со револвер? Ете ти, пукај. Сакаш да удриш некого со WC шолја? Океј. Рече самострел? 


Епизодите ги немам играно. Не. Можеби сега е вистинското време. Half-Life 3 не мора да излезе. Барем не додека не е навистина спремна да го надмине ова тука. Па, и тоа што моментално се нуди на пазарот. Баш ова го дискутиравме со Дамјан пред некој ден. Valve можеа да го цедат серијалот до последната капка пот на Гордон. Да го претворат во Call of Duty додека не умре болен од застарени идеи. Сега, кога сме на прагот на VR револуција, е можеби најдоброто време Лорд Гејбен да го засади семето, па макар биле потребни и години за да потера. Јас можам да се стрпам.

Види такоѓе: 

No comments: