October 29, 2015

Возбудата околу No Man's Sky

Океј, конечно после 47 години е познат датумот кога ќе излезе No Man's Sky. Јуни 2016. Баш кога почнав да верувам дека кога ќе дојде денот, сите ќе сме заминати на различни, вистински планети, оставјќи го малиот тим од Hello Games да ги пегла комплексните математички формули наменети за процедурално генерирање на нивниот шарен универзум. Попатно и да измислува глупости кои се двојат од оргиналната замисла и ќе одекнуваат низ празната Земја. 

Пред две години звучеше како најдобрата игра во историјата на индустријата. Универзум со над 18 трилиони планети, секоја со уникатен екосистем, до кои ќе доаѓаш со својот брод, ќе одбереш име и ќе ти овозможат да си криеш од проблемите во вистинскиот свет, како пиздата која си, додека гледаш како еволуираат полигонални вонземски диносауруси. Идејата е феноменална на прв поглед, особено кога ќе ти ја понудат на тацна со убавата графика и музика која е исто така процедурално генерирана со амбиентални семплови од 65daysofstatic. Како што го следев развојот, работите некако почнаа да ми се раштрафуваат. Колку е навистина возможно No Man's Sky да функционира толку добро како на хартија? 


Колоритната утопија што си ја замислував ми беше нарушена со она видео од Е3. Почнува баш како што звучи играта, но баш во моментот кога си ја собираш вилицата од подот, се појавуваат џиновски роботи. Џиновски роботи која штитат пуста планета од тебе, ти што само си сакал да сечеш розеви дрва додека пукаш во жолти жаби со дискутабилен број на очи. Шон не е ни изненаден од нив, значи не се нешто што ќе го видиш еднаш во следните неколку од твојот живот на седмата планета што си ја открил и носи име на ретка венерична болест! Наводно немало да ги има Сентинелите на секоја планета, но зошто да не бидат нешто што ретко го среќаваш? Зошто животот на планетата да не еволуира во нешто ќе ти биде закана од сличен размер? Или не е толку едноставно да развиеш таков систем, нели Шон? 

Моменталната состојба на No Man's Sky ми наликува на досадното дете што би го имале Spore и Minecraft, со многу мал потенцијал да наследи и нешто од EVE Online. Дури ќе има и wanted level како во GTA каде што ќе бидеш гонет од Сентинели ако ја играш играта. Соновите на студиото и онаа група играчи што остана да мастурбира во транс на сабредитот и жестоко го брани секој искритикуван пиксел и линија код, многу лесно може да завршат во црна дупка. Веруваш во хајпот, си ги прилагодуваш очекувањата и ќе ти се случи Watch Dogs. Веќе потврдија и дека планетите сепак не се толку огромни, туку некои можеш да ги прошеташ и за неколку минути. Како во Rick and Morty епизодата. Секако дека ќе има и поголеми, но во суштина играта ќе нуди мал простор каде што можеш да ораш додека не ти дојде ебан робот во кој малку ќе попукаш.

Без оглед на тоа каква е формулата за генерирање, до сега видов само неколку варијанти на бои. Можеби бројот на планети е импресивен, но тоа никако не треба да биде она што ќе го форсираш како најатрактивно. 2015 сме, има многу покомплексна технологија. Што ќе ми се толку планети ако секоја десетта изгледа исто? Со што ќе ме задржи играта повеќе од четири часа? Океј еве, да не серам во празно, оставам простор да ме изненади. Но, се сомневам дека ќе биде приближно од најавата која ја искористија да го создадат ова глобално пењавење. Што е со она дека само привремено играчот ќе може да ги менува својствата на планетата? Добро го разбрав тоа или ќе важи само за приватни сервери, а не за глобалните? Значи моето внуче нема да може да слета на Gonorrhea-VI што дедо му Бојан ја открил во 2017 и да види како се живеело тогаш во No Man's Sky?

Се надевам дека уште напорно работат на играта и дека додека излезе ќе добие некој облик што звучи забавно како пред Е3. Или јас сепак премногу си замислував?

No comments: