May 26, 2016

Почетокот на DC Rebirth

Морам уште на почеток да предупредам за грозни спојлери надолу. Текстот не е целосна деконструкција на DC Rebirth #1, меѓутоа е полн со детали кои би можеле да ти го нарушат уживањето при читањето на еден од најдобрите наслови некогаш создадени. Да, DC генијално го изведоа ова. Моќен и емотивен третман, баш како што заслужува нешто со вакви пропорции. Ова е веројатно тоа ниво кое се обидуваа да го достигнат последните неколку години и конечно им успеа. Еден од оние стрипови што сакаш да ги прочиташ пак отпочеток во моментот кога ги затвориш. Rebirth од денес ми е уште еден пример за "причината" поради која читам стрипови воопшто. Дозволи си го искуството, не читај надолу без претходно да го имаш прочитано Rebirth.

52 универзумот на DC официјално престана да постои. Си замина така како што се создаде, а парчињата кои останаа од него, од оваа недела се преточени во Rebirth. Велам преточени, бидејќи Rebirth не е "ресетирање" во онаа класична смисла. Иако претендира да биде голем исчекор во една попозната, традицонална насока, гради врз темелите кои беа поставени токму во 52, истовремено обидувајќи се да воведе некои нови, свежи елементи. Или барем, делумно да ги редефинира тие од пред Flashpoint.


Џеф Џонс експлицитно го прави токму тоа во овој прв специјален број. DC Rebirth #1 почнува со Воли Вест, третиот Флеш. По настаните во Flashpoint, Воли останува заглавен во Speed Force-от (како да го преведам ова без да се превиткам од болка? Режија?) и некако успева да се најде во 52 универзумот. Светот му е познат, но не е неговиот. DC се погрижија сосема да го исклучат Воли Вест од Новите 52, a Џонс тоа го користи за метафорично да ја прикаже перспективата на читателите кои не беа задоволни со овој универзум. Но, присуството на Воли Вест е повеќе од "признавање на грешките" на DC.

Воли е на некој начин точката каде што се преклопува мултиверзумот. Единствениот кој знае дека нешто не е во ред со местото на кое се наоѓа. Не само тоа, туку и дека креирањето на тој универзум не е случајно, дека се заканува нешто големо и мрачно. Воли полека го губи времето, па пред засекогаш да престане да постои се обидува да ги исконтактира тие што некогаш ги познавал. Да му помогнат, да го слушнат неговото предупредување и буквално, физички да го извлечат од енергијата која полека го уништува. Но, никој во овој универзум не се сеќава на Воли. 

Ниту Бетмен го препознава, а ни неговата некогашна девојка Линда Парк. Се обидува кај Сајборг, кај Најтвинг, но сите го гледаат како дух. Сфаќа дека во 52 универузмот постои и друга верзија на него. Пред да се откаже и соочи со сопствениот крај, заминува кај Бери Ален само за да се поздрави. Низ неколку емотивни страници, доколку тие претходно не успеаа да ти предизвикаат грутка во грло, Бери успева да се сети на Воли и да му помогне. Веројатно понатаму и други ликови ќе почнат да се сеќаваат на претходниот универзум и живот. Да, почетниов Rebirth е генерално фокусиран на Воли и неговото искускување на 52 универзумот, но Џеф Џонс секако не запира тука. 


Има уште неколку "исправки" на овој универзум кои допрва ќе треба да видиме како ќе се одвиваат, а започнаа уште со последните броеви на Justice League (#50) и Superman (#52) од Новите 52. Не ги читав редовно, а бидејќи Rebirth ме "предупреди" да се запознаам со содржината, ги пролистав отпосле. Тотално не сконтав што точно се случува во Justice League, но таму требаше да биде откриен идентитетот на Џокер. Наместо тоа, се откри само дека во 52 универзумот постеле три различни Џокери. Не сум нешто посебно воодушевен од ова "големо откритие", но контекстуално, некако прави смисла.

Многу позабавно ми е тоа што се случи со Супермен. На кратко, го убија. Нема веќе Супермен од 52, туку само оној од Lois & Clark кој е дојден и онака од друг покласичен универзум. Со оглед на тоа што ова е единствениот тековен наслов на DC што го читам во последно време, пресреќен сум за оваа одлука. Ако овој Супермен остане како единствен во освежениов унверзум ќе биде интересно. 

Сепак, можеби најважната и најмадеста одлука на Џим Ли или кој и да ги повлекол стварите за ова е вклучувањето на Watchmen во целото ова. Факинг Watchmen, еј. Така завршува Rebirth. Нели е малку... чудно тоа? Никогаш не било тоа дел од овој тип на стриповски свет, не мислам дека тие ликови припаѓаат тука, колку и да е кул начинот на кој Rebirth настаните се врзуваат со нив. Ако нешто клизне во новава стриповска линија, тоа може да е баш ова и покрај тоа што предвидувањата ми се оптимистички. Го замислувам и Алан Мур како превртува маса негде. Извини Алан Мур. 

Следната недела почнуваат редовните наслови. Ќе ги следам колку што ќе можам. Сигурен сум дека ќе има и помалку квалитетни, така што веројатно тие ќе ги филтрирам или ќе ги оставам за маратонско читање ако не ме привлечат со првиот број. Ова со специјалниов број е премногу ветувачки. Дури страшно е колку многу.

No comments: