June 10, 2016

Detective Comics #934 на Џејмс Тајнон и Еди Бароус

Detective Comics, исто како и Action Comics, во Rebirth линијата продолжува онаму каде што застана со нумерацијата пред Новите 52. Џејмс Тajнон IV е кул тип. Ако некој заслужи да добие ангажман за Бетмен сценарио, тоа е Тајнон. Ученик на Скот Снајдер кој во последниве пет години им докажа на сите дека умее да се справи со Бетмен и она околу него. Симпатиите на публиката и DC му обезбедија наслов каде конечно ќе го има главниот збор. Сам, без Снајдер или било кој друг од ветераните да го држи за рака. Резултатот е одличен, многу поефективен од Batman: Rebirth #1 каде што не успеав да си создадам јасна претстава за тоа што се случува таму. Ниту пак имав желба да читам пак за да откријам.


Тајнон се снаоѓа и во вакви приказни, каде што акцентот е повеќе на Бет-фамилијата и аркадната акција. Барем во овој воведен број, кога приликата да се истражи под лилјачкиот костим е ограничена. Не само по бројот на страници, туку и поради тоа што Detective Comics #934 е приказна која формира поголем тим предводен од Бетмен и Бетвоман кој би се спречил со новата закана во снежниот Готам. Уште не сум сигурен што точно се случува, ама кога Бетмен ќе побара помош од Клејфејс знаеш дека е сериозно.

Освен Робините и Алфред, остатокот од Бет-фамилијата никогаш не ми бил забавен. Особено не ликови како Бетвоман или Бетгрл. Оракл е океј, меѓутоа кога ќе видам женско во Бет-костим ја правам истата гримаса како Крипто (суперкучето на Супермен, нека ме убие некој) кога ќе го видам. Никогаш не успеав да ги разберам во целост, ниту да видам дека се нешто повеќе од Бетмен наменет за друга публика. Веројатно грешам, но не сум видел приказна која ме импресионирала. Но тука, додека дојдеш до последната страница, Тајнон веќе ја сместил Бетвоман на вистинското место. И, некако се вклопува природно во текот на настаните.


Цртањето на Бароус е феноменално. Со оглед на тоа колку многу ликови му се дадени на располагање и колку акција има во насловот, одлично се снаоѓа. За цртач кој ми е релативно непознат, успеа многу пријатно да ме изненади. Некои панели се апсолутно совршенство. Меѓутоа, проблемот е во новиот костим на Бетмен. Разбирам дека сакале да го освежат, но Џим Ли ова што го создаде за Rebirth уште не можам да го прифатам. Симболот е чуден со тоа жолтата контура, а наметката што е виолетова од внатрешната страна нема да заплаши никого. Колку и да му ја погодиш анатомијата, премногу е некако шарено. Се надевам дека ќе се одлучат за потемна варијанта во иднина. 

Detective Comics ми изгледа многу позабавно од главниот Бетмен наслов. Тајнон со ова ги надмина Скот Снајдер и Том Кинг и покрај тоа што му е доделен наслов кој има многу помалку Бетмен во него и е поакционен. Не знам што точно се случува. Можеби добрите, сериозни приказни ги чуваат за All-Star Batman (на Снајдер и Џон Ромита Џуниор). А, тоа излегува дури за два месеци.

No comments: