Showing posts with label The Office. Show all posts
Showing posts with label The Office. Show all posts

May 18, 2013

Финалето на The Office

По девет сезони, The Office конечно ја заокружи приказната за вработените во Dunder Mifflin која почна во 2005. Последнава сезона воопшто не ја следев, финалево беше уствари единствената епизода која ја гледав. Откако замина Мајкл, истераа фина осма сезона, но серијата беше далеку од тоа што беше претходно. Не дека Стив Карел ја носеше серијата, туку уште во последната сезона со него, квалитетот некако почна да опаѓа. 


Финалето е сместено една година по прикажувањето на "документарецот" кој ги следеше ликовите низ цела серија, односно на свадбата на Двајт и Анџела. Не знам што се случувало низ сезоната, но иако ги затекнав ликовите во сосема друга состојба откако престанав да гледам, некако лесно се вклопив. Пример, Двајт беше на фотелјата на Мајкл, позиција што ја бркаше сезони наназад. Има и некои нови што не ги знам, ама не добија баш некое големо внимание тука. Сепак, поената на финалево очигледно беше да се спојат оние кои беа суштината на The Office, а ја напуштиле серијата во текот на сезоната. 

Како за последна епизода, одлично изведено. За мене, прилично емотивно и носталгично. Баш онаков фин завршеток каде што секој си го добива посакуваното и си продолжува со животот. Dunder Mifflin продолжува со работа, но сите ликови се распрскаа на различни страни. Гостувањето на Карел беше очекувано. Можеби делуваше и малку исфорсирано неговото присуство тука, меѓутоа тоа е веројатно зошто сценаристите не сакале да го украде целото внимание (или зошто Карел е малку поскап сега и не му се замара со серии). Мајкл си го имаше својот момент кога ја напушташе серијата и го предаде микрофонот. Издржаа две сезони без него, па и немаше некоја потреба сега пак да е "ѕвездата". Тие неколку минути со него беа супер. Со толку малку време, ова ќе да е најдоброто што можело, сепак фалеше на забавата во самата канцеларија.

The Office ми останува во омилените ситкоми. Првите неколку сезони се маестрални, без разлика на тоа што последниве години почна да се осеќа заморот и недостатокот на идеи. Јебига, секоја серија затупува после толку епизоди. Последнава сезона не верувам дека ќе ја гледам, зошто веќе се имав простено со серијата.

May 10, 2011

The Office: Седма сезона

На почеток на седмава сезона, прекинав редовно да следам. Квалитетот опадна уште во минатата, некако се истрошија, плус си најдов нов ситком - Modern Family, кој од епизода во епизода станува подобар. Седмава сезона ја изгледав маратонски пред некој ден. Освен првите неколку епизоди, остатокот е страшно добар. Се вратија на сопствените стандарди, на добриот хумор. Или можеби мене ми требаше мала пауза од серијава.


Како што се зборуваше година дена наназад, Стив Карел ја напушти серијата поради завршување на неговиот договор. Вработените во Dunder Mifflin и публиката, имаа прилика да се збогуваат со него во емотивната епизода "Goodbye Michael". Мајкл Скот, менаџерската позиција неколку епизоди ја делеше со мојот не-толку омилен Вил Ферел. За чудо, некако успеав да му ја сконтам улогата и да ме убеди дека совршено може да ја пополни празнината која ја остави Стив Карел. За жал (или за среќа?), Вил Ферел беше само специјален гостин во неколку епизоди и според последната, си ја завршија кратката кариера во Dunder Mifflin. Следната, претпоследна епизода од сезонава, ќе го видиме Двајт како шеф, додека за финалето се најавени повеќе звучни имиња како Рики Џервејс (или како што би рекло македонското квази-новинарство, Жерве), Реј Романо, Џим Кери и уште неколку други комичари. Иако не верувам дека некој ќе остане за осмата сезона, финалето ќе биде интересно за гледање.

Според шпекулациите, конечната замена за Мајкл Скот ќе биде Дерил (Крег Робинзон). Искрено, повеќе би сакал да видам нов лик, отколку превземање на некој од старите. Последната епизода од седмата сезона ќе биде прикажана на 19-ти мај.

Инаку, најепскиот момент сезонава, тука. :) Другиот е кога се среќаваат Рики Џервејс и Стив Карел, ама неможев да најдам добро видео од тоа.

September 24, 2009

Почнаа сериите...

Септември е месецот кога поголемиот дел од сериите што ги следам редовно, почнуваат со новите сезони. Минатата недела започна The Office, а оваа ги донесе новите епизоди на The Big Bang Theory и How I Met Your Mother.

The Office имаше одличен почеток на сезонава, иако по просечната петта сезона немав којзнае колку големи очекувања. Хуморот спласна, ликовите некако се истрошија, но со последнава епизода успееа да ме убедат дека сепак серијава може да испорача свеж хумор. Отварањето на епизодата е веќе класика, веднаш си најде место меѓу најдобрите отварања на The Office епизода. Шест сезони до сега, не верувам дека Тhe Office ќе истрае уште долго, но очекувам многу подобра сезона од минатата. Првата епизода од новава сезона може да се симне преку овој линк.

The Big Bang Theory е релативно млада серија, сега започна третата сезона. Серијава ја следам од почетокот и веднаш успеа да ми го привлече вниманието. Не знам уште колку долго четирите физичари ќе се обидуваат да функционираат заедно со не толку интелегентната комшика, пред да стане досадно, но сега за сега серијата е феноменална. Последнава сезона почнаа премногу да го форсираат ликот на Шелдон, многу повеќе отколку што треба, па додека им снема материјал, Шелдон ќе заврши носејќи ја цела серија на негов грб, што воопшто не ми се допаѓа. Пред и Шелдон да стане досаден, се надевам дека ќе се посветат и на развој на другите ликови, зошто веќе почна да се осеќа сенката која тој ја фрла.

How I Met Your Mother ја избегнував долго време, за летово конечно да седнам и да изгледам четири сезони за една недела. Класичен ситком, ништо што веќе не сме виделе до сега. Но, некако ликовите ми се многу посимпатични од класичните ситком ликови, ситуациите ми се многу пореални, само што со самиот концепт на серијата, знаев дека нема How I Met Your Mother нема уште долго да трае. Петтава сезона се надевам дека ќе биде последна. Веќе немаат каде со приказната, станува монотоно, а Барни, кој што беше еден од движечките елементи во серијата, доживеа трансформација која не му прилега на ликот, меѓутоа наговестува правец кој е одличен за добар завршеток на серијава. Се надевам дека нема да има враќање назад, зошто на сите ни е здосадено да чекаме да се открие мајката на децата на Тед. :) How I Met Your Mother можеби и нема да ја следам секоја недела редновно, зошто ми е многу позгодно да изгледам неколку епизоди по ред.

Остана уште Family Guy наредната недела и вечерва Flashforward. The Clone Wars продолжува во октомври. South Park не следам веќе цела сезона. Толку од South Park, затупеа исто како The Simpsons. А, Lost, дури во јануари следната година...