Showing posts with label Rubicon. Show all posts
Showing posts with label Rubicon. Show all posts

October 19, 2010

Крај на првата сезона на Rubicon

Заврши првата сезона на Rubicon, со тринаесетата епизода. Сценаристите успеаа мајсторски да ја заокружат приказната околу заговорот кој се расплетуваше низ овие тринаесет епизоди, на тој начин, што дури и да ја укинат серијава, публиката да биде задоволена со одговори. Има спојлери подоле.

Вил успеа да го разоткрие политичкиот заговор кој всушност започнувал од неговото работно место, каде што на аналитичарите им се нуделе сомнителни разузнавачки информации, кои тие несвесно ги обработувале во погрешен правец. Се дозна за тајна организација во САД, која монтира "терористички напади" со цел да профитира од исходот на истите, додека на луѓето одговорни за откривање на "напаѓачите" им дава погрешни информации, за истрагата да добие сосема нов тек. Референците кон 9/11 секако дека не беа случајни, само што никогаш директно не се спомна.

Крајот на сезоната, доколку е крај на серијата (искрено се надевам дека не), ќе функционира одлично како таков. Вил се бореше да преживее додека го разоткриваше заговорот, сепак е еден човек, кој никако нема шанси да тргне против целиот тој систем, кој без никаков проблем елиминира луѓе кои пречат. Тракстон, на крај доби детелина со четири листа, но не видовме што се случи понатаму. Искрено, и да нема втора сезона, јас сум комплетно задоволен со ова што го гледав до сега. А, верувам дека ако Rubicon добие втора сезона, ќе гледаме уште подобри епизоди.

Одлична серија. Си го задржа спорото темпо и напнатата атмосфера уште од старт, а со секоја епизода стануваше се подобра и подобра. Ликовите беа сосема обични луѓе, со малку несекојдневна професија, но се однесуваа нормално и реагираа на одредени ствари како вистински луѓе. Без спектакли и фиктивен хероизам. Штета што американската публика одговорна за рејтинзите и судбината на сериите што се прикажуваат денес, не е навикната на вакви остварувања. Затоа серии како The Event и V добиваат втора сезона...

August 4, 2010

Нова серија: Rubicon

По Mad Man и Breaking Bad, Rubicon е новото нешто што излегува од продукцијата на AMC. Официјално започна со прикажување на 1-ви август, кога беше прикажан пилотот, поделен на две епизоди.

Интересна серија, драма/трилер со мистерии околу теории на заговор во Америка, тајни влади и општества, пробивање на кодови, наместени "самоубиства", сомнителни пораки во крстозбори... Барем тоа е дел од она што веќе може да се види во првите две епизоди, а останатото е најавено. Баш тоа е мојот проблем со Rubicon, зошто речиси и да не видовме многу од очекуваното, бидејќи серијата се одвива споро, на моменти конфузно и со по некое клише од време на време. Сè уште не знаеме што е вистинската закана тука и во кој правец би оделе мистериите. Има огромен потенцијал да се развие во нешто феноменално, под услов да не се потпираат многу на Lost формулата, зошто сериите кои се обидоа да го направат тоа, завршија прерано. Копирање на Lost значи фрлање на првата лопата земја.

Rubicon понуди неколку мистерии до сега, сеуште не доволно развиени за да бидат интригантни до оној степен да почнам да читам теории на фанови, но доволно интересни за да ја чекам следната епизода (секој понеделник, по наше време). Најсилната страна на Rubicon е атмосферата која преовладува. Мрачна, ладна, проследена со феноменална музика во позадина. Добра подлога за ваков трилер, се вклопува во концептот, па ете, и тоа ми дава надеж дека серијава ќе стане многу подобра. Актерите одлично си ја вршат работата, сеуште е рано да се збори за развојот на ликовите, но и тоа е на добар пат.

Споредбите што со The X-Files што може да се сретнат по интернетов, се глупост, бидејќи единственото нешто заедничко со The X-Files е постоењето на тајно општество кое ги влече конците во светот, што и немора да значи дека е на таков начин присутно во Rubicon. Видовме неколку секунди како крајно сомнителни ликови се состануваат зад затворена врата, дискутирајќи за смртта на, веројатно, бившите членови на нивното друштво, но тоа не е никаков доказ дека е нешто слично како во The X-Files. Покрај тоа, сега за сега, во Rubicon нема ништо натприродно, а не верувам дека ќе има. Серијата е најавена како политички трилер, не СФ.

За првата сезона се потврдени 13 епизоди. Следната недела ќе се прикаже третата епизода. Од септември ќе почне да се прикажува и слична серија, The Event, за која дознав многу порано од Rubicon и планирав да ја гледам. Веројатно серии со теории на заговор се хит годинава, што никако не е добро...