February 26, 2025

Prophet: Remission на Брендон Грам

Роб Лајфелд е неизбежен дел од американската стрип историја. Без разлика дали го познаваш како еден од создавачите на Дедпул и Кејбл, како ко-основач на Image Comics или од еден дискутабилен Капетан Америка цртеж - некогаш го имаш сретнато. Во 1992 го започнува и серијалот Youngblood кој во тоа време е еден од водечките Image наслови, а своја трага таму имаат оставено и величини како Алан Мур и Марк Милар. Дури и Роберт Киркмен има замешано прсти во еден број. Лајфелд во Youngblood воведува лик што се вика Џон Профет, оригинално планиран за X-Force. Профет низ остатокот од девеесетите добива сопствени дваесетина броеви, кратко е во рацете на Чарлс Диксон и во 2000 година оди на долг одмор.

Ова што го читав сега е сосема различна верзија на Prophet од 2012, предводена од Брендон Грам со цела екипа автори и артисти и не бара никакво предзнаење за приказната и Профет како лик. Prophet: Remission ја носи приказната илјадници години во иднината. Џон Профет се буди од капсула и го затекнува светот запоседнат од различни вонземски облици на живот. Чудни соништа го насочуваат на мисија каде што треба да ги искачи Тауили Ван кулите и да ја ресетира Човечката Империја. Не, не знаев ни јас што значи тоа, ниту можев да предвидам додека не видов неколку страници понатаму. Исто како што не ни знаев што е целото ова и какви налудничави научно-фантастични концепти има стокмено.

Prophet: Remission не се плаши да оди во екстреми и да експериментира со формата. Ми се свиѓа како повеќе покажува отколку што кажува, а балансот е некако совршено погоден за одлично да ги искомуницира стварите што сака да ти ги пренесе. Со минимални дијалози и повремена текстуална нарација, приказната воглавно ја сервира преку цртежи и исполнува ја полни рамката која ја пружа стрипот како визуелен медиум. Експозицијата е често индиректна, па низ целиот Remission ќе те пречекаат нејаснотии и мистерии кои ќе те вратат некоја страница наназад. Ако пак ништо не разбереш, бар има што да видиш. 

Цртежот е исклучително квалитетен аспект на овој стрип, а според начинот на кој е Prophet: Remission конципиран, не ни смеело да биде поинаку. Инволвирани се повеќе артисти со сопствен стил на цртање, меѓутоа секаде преовладува сличен лајтмотив и инспирации од европската стриповска школа, па ќе налеташ и на панели кои изгледаат како помрачна, извитоперена верзија на The Incal. Секогаш имало некоја екипа во Image Comics што негувала специфични уметнички нишки, East of West ми е еден таков пример кој ми прелета низ глава додека го листав ова.

Атмосферата е феноменално изградена. Суви пејсажи, гротескна флора и фауна и гротескен стран свет во кој Брендон Грам го замислува Џон Профет како футуристички Конан. Ограничената палета на бои дополнително е во полза на целиот пуст амбиент, a цртањето на Сајмон Рој е некогаш толку добро што си замислував колку би можел Prophet: Remission да е подеднакво ефективен во црно-бела варијанта. Креативноста е евидентна на секоја страница и стварно секој од инволвираните грижливо и внимателно пристапил кон материјалот. Веројатно има улога и тоа што приказната е растеретена од товарот кој евентуално би дошол од оригиналниот концепт на Лајфелд, па одврзаните раце и креативната слобода си го направиле своето.

Не сум точно сигурен за причината ова да е "продолжние" наместо комплетно оригинално дело. Не е некој којзнае колку популарен наслов за да би се шлепал на стара слава. Верувам дека е закопана некаде низ страниците, само што во оваа прилика не успеав убаво да ја видам. Кон средината на Remission има пресврт кој би можел да ја отклучи мистеријата и имам некакви теории. Дефинитивно ќе продолжам да го читам остатокот после Remission откако ќе ми спадне малку. Такво е, сака убаво да го упиеш, да отстои малку па и да му се навратиш да го листаш пак.

Одамна немав видено вака свежи невоздржани научно-фантастични идеи кои не се замараат дали се доволно соџвакани или не. Сакам кога стрип ме навраќа назад и ми отвара можност да го препрочитувам, да го мислам и општо да му се восхитувам за тоа што е. Не знам како претходно не сум отворил Prophet. А баш е од една добра ера на Image Comics кога за што и да се фатиш од кај нив испаѓаше квалитетно. Истава екипа го работи во следните неколку години и се собрани во неколку колекции од кои последната е објавена во 2017. Ептен уживав во ова, се надевам дека и остатокот е на исто ниво.

Види такоѓе:

No comments: